Лош ден за манчестерци

Главните фаворити за освојувањето на трофејот од Лига Европа, екипите од Манчестер, имаа лош ден. Сити минимално загуби на гостувањето кај Спортинг Лисабон, а Јунајтед на домашен терен беше надигран од Атлетик Билбао.

Спортинг Лисабон стекна минимална предност на првиот осминафинален натпревар од Лига Европа против фаворитот Манчестер Сити. Херој на домаќините беше Шандао кој на стадионот Жозе Алваладе им пресуди на Англичаните со гол со пета на почетокот од второто полувреме.

Свои шанси имаше и лидерот во англиската Премиер лига, но Агуеро и Балотели не успеаја да ја затресат мрежата на домаќините.

Лошиот ден за екипите од Манчестер ја комплетираше и Јунајтед кој на Олд Трафорд беше надигран од Атлетик Билбао.

Вејн Руни ги донесе домаќините во предност во 22-та минута, но пред крајот на првото полувреме израмни Љоренте.

Оскар Де Маркос во 72-та минута направи целосен пресврт, а во последната минута од регуларниот дел предноста ја зголеми Муниаин. Вејн Руни од пенал во судиското продолжение ги постави конечните 2:3.

Атлетико Мадрид обезбеди солидна предност од 3:1 против Бешикташ. Салвио на два пат и Адријан уште во првото полувреме беа стрелци за домаќините, а надежта за Бешикташ пред реваншот ја врати Симао кој минатата година премина во Турција токму од екипата на Атлетико Мадрид.

Интересен натпревар се одигра и во Валенсија каде домаќините имаа предност од 4:0 се до 82-та минута, но во финишот фудбалерите на ПСВ успеаја да намалат на 4:2. Минимални победи забележаа Твенте и Олимпијакос во дуелите со Шалке и Металист, АЗ Алкмар со 2:0 го победи Удинезе, а единственото реми беше одиграно во Белгија каде Стандард и Хановер одиграа 2:2.

Лига Европа, 1/8-финале:

Атлетико Мадрид - Бешикташ 3:1
Салвио 24, 27, Адријан 37 - Симао 53

Твенте - Шалке 1:0
Де Јонг 61п

Металист - Олимпијакос 0:1
Фустер Торихос 50

Спортинг Лисабон - Манчестер сити 1:0
Шандао 51

АЗ Алкмар - Удинезе 2:0
Мартенс 63, Фалкенбург 84

Манчестер Јунајтед - Атлетик Билбао 2:3
Руни 22, 92п - Љоренте 44, Де Маркос 72, Мунаин 90

Стандард Лиеж - Хановер 2:2
Бујенс 27, Чите 30 - Штиндл 22п, Диуф 56

Валенсија - ПСВ 4:2
Виктор Руиз 11, Солдадо 13, 43п, Пиати 56 - Тоивонен 83п, Вијналдум 90

8 март 2012 - 22:31