Ликот кој инспирира фудбалски ѕвезди

Јапонскиот фудбалер Озора Цубаса бил инспирација за многу фудбалски ѕвезди како Наката, Дел Пјеро, Торес, Зидан, Меси, Виери... но неговото име нема да го најдете во јапонската репрезентација. Тој е само анимиран лик.

Цубаса е херој на јапонскиот манга стрип креиран во 1981-та година и дистрибуиран во повеќе од 100 земји. Првото издание е продадено во повеќе од милион копии во Јапонија и набргу стрипот бил адаптиран во анимирана серија на телевизија.

Приказната се фокусира на авантурите на младински фудбалски тим и нивниот капитен Цубаса Озора. Авантурите на Цубаса започнуваат уште додека е во основно училиште, а подоцна тој се сели во Бразил каде игра за Сао Паоло. Од Бразил тој преминува во Барселона и со младинската репрезентација на Јапонија станува светски шампион, а неговиот сон е дека еден ден со сениорската репрезентација ќе игра на Светското првенство.

Овој цртан е толку популарен низ целиот свет што неколку големи фудбалски ѕвезди велат дека тој им бил инспирација во младоста. Помеѓу нив се Лионел Меси, Алесандро Дел Пјеро, Зинедин Зидан, Хидетоши Наката, Кристијан Виери, Алексис Санчез, Андрес Иниеста, а Фернандо Торес неодамна изјави дека започнал да игра фудбал заради овој цртан филм.

28 декември 2012 - 09:48