„Еднаш се обложив со Јирген Клоп. Беше 2010 година и бев само неколку месеци во Борусија Дортмунд. Искрено, ми беше многу тешко. Кога пристигнав, едвај знаев збор германски. Го знаев danke – благодарам. Го знаев scheisse - ср*ње. Времето беше дождливо и сиво. А со Клоп, интензитетот на тренинзите беше навистина, навистина висок.
Бев очаен да се наметнам, а Јирген сакаше да ме предизвика.
Така, во првите месеци направивме мала опклада: ако постигнам 10 голови на тренинг, тој ќе ми даде 50 евра. Ако не – јас ќе му дадам 50 евра.
Првите неколку недели речиси секогаш јас плаќав. Тој се смееше. Но, по неколку месеци, работите се сменија. Јас бев тој што ги земаше парите.
Еден ден ми рече: „Стоп! Во ред! Доста е. Сега си подготвен.“
Но, искрено – не бев. Натпреварите се сосема поинакви од тренинзите.
Кога започна втората сезона, сè уште се мачев. Чувствував дека Јирген очекува нешто од мене, но не разбирав точно што. Па по еден навистина лош пораз од Марсеј во Лигата на шампионите – мислам дека загубивме 3:0 – отидов кај него. Му реков:
„Јирген, мора да разговараме. Само кажи ми што очекуваш од мене.“
Не се сеќавам на сè што ми кажа – германскиот сè уште не ми беше најдобар – но преку зборовите што ги знаев и преку неговиот говор на телото, се разбравме. Имавме одличен разговор.
Три дена подоцна, постигнав хет-трик и асистирав за уште еден гол против Аугсбург. Победивме 4:0 и тоа беше пресвртница за мене. Сè беше во главата – некаква ментална блокада.
Тогаш не размислував за тоа. Но, сега сфаќам дека разговорот со Јирген беше како еден од оние разговори што посакував да сум ги имал со татко ми. Разговори што не сум можел да ги имам со години.
Со Јирген можев да зборувам за сè. Му верував. Тој е семеен човек и има огромна емпатија за тоа што ти се случува во приватниот живот.
Јирген не беше само татковска фигура за мене. Како тренер, тој беше како „строгиот“ наставник — и го мислам тоа во најдобра можна смисла.“