Легенди кои завршија со фудбал и легенди кои заминаа од своите клубови

Минатите викенди ќе ги паметиме по парада проштални натпревари на фигури кои оставија длабока трага и ќе се паметат долго. Некој ќе менува клуб а некој завршува кариера. Многу емоции, почит, разбирање, солзи.

ЛУИС СУАРЕЗ И ЕКТОР ЕРЕРА

Атлетико Мадрид во неделата се збогува со Луис Суарез (настапуваше за „јорганџиите“ од 2020 и беше најзаслужен за последната титула во 2020/2021) и Ектор Ерера (во Атлетико од 2019-та).

Иако кратко време беа на „Ванда Метрополитано“ се чини дека меѓу навивачите стекнаа култен статус како легенди кои никогаш нема да бидат заборавени. Никој не можеше да ги скрие емоциите.

Мексиканецот и Уругваецот имаа свои монолози пред натпреварот на Атлетико, поминаа низ коридор по теренот а навивачите им ги скандираа имињата.

МАРК НОБЛ И АНДРЕЈ ЈАРМОЛЕНКО

Најголемиот проштален натпревар на Островот го имаше клупската икона на Вест Хем, ветеранот Марк Нобл. После цели 18,5 години, 584 меча за еден клуб, 62 гола и 61 асистенција, големиот Нобл реши да ги закачи копачките на клин.

Прошталниот меч на Нобл во втор план го стави и заминувањето на Андреј Јармоленко, Украинецот кој беше меѓу подобрите фудбалери на Вест Хем.

„Денес доживеав прекрасен момент. После мечот заедно со семејството излегов на терен да се збогувам со навивачите на Вест Хем. Ова е последен меч за мене на домашен терен и сакав да му заблагодарам на секој навивач на тимот за поддршката. Искрено, со благодарност и голема љубов за секој од вас, за стадионот, за целото семејство Вест Хем“, рекол Јармоленко.

ЛОРЕНЦО ИНСИЊЕ

Наполи со 3:0 ја згроми Џенова, си го осигура третото место во Серија А, обезбеди Лига на шампиони, но резултатот на овој меч беше во втор план. Во прв план уште пред стартот беше Лоренцо Инсиње, капитенот кој низ солзи се прости со навивачите.

Тој е првиот после Марадона и Хамшик кој добил стоечки овации и плакати за благодарност од сите навивачки подгрупи во Неапол. Соиграчот на Елмас се сели во Торонто каде ќе игра за екстремно богат договор. Навивачите имаа разбирање за капитенот кој со години верно му служеше на Наполи.

Инсиње постигна гол на мечот и ја подобри својата лична статистика. За Наполи Лоренцо одигра 433 меча (четврти најдобар резултат во клупската историја), постигна 122 гола и 95 асистенции (втор на вечните листи со овие параметри). Плус одиграл 40 натпревари и дал 20 гола за младинците на Наполи.

ЕРИК ТЕН ХАГ

Ајакс ја одбрани титулата во претпоследно коло со убедлив триумф над Херенвен 5:0. За тренерот Ерик тен Хаг ова беше трета шампионска титула а за клубот од Амстердам рекордна 36-та.

Во неделата Ајакс ја заврши сезоната со реми против Витезе 2:2 после што навивачите, цел стадион и играчите се збогуваа со Тен Хаг кој за неколку недели ќе биде промовиран во нов тренер на Манчестер Јунајтед.

ШМЕЛЦЕР, ЕРЛИНГ ХАЛАНД, ВИТСЕЛ И ДРУГИ

Еден од хероите, иако далеку помлад од сите гореспоменати легенди, Ерлинг Халанд доби прекрасна проштална церемонија уште пред почетокот на натпреварот на Борусија Дотмунд.

Норвежанецот дојде до навивачкта трибина од каде грмеа аплаузи. Ерлинг им заблагодари за поддршката низ годиниве. Халанд беше заменет после 90-та минута а трибините одново станаа и со стоечки овации го испратија во Манчестер Сити. Норвешкиот ѕвер го напушта Дортмунд со неверојатна статистика: 86 гола на 89 натпревари.

Покрај Халанд, со навивачите на Борусија Дортмунд се збогуваа уште 6 играчи: Марсел Шмелцер, Аксел Витсел, Рејнер, Марвин Хитц, Роман Бурки и Дан-Аксел Загаду.

„Жал ми е што си одам но со гордост можам да кажам дека бев дел од овој клуб во последниве четири години. Стекнав тука многу важни пријателства, за мене голема чест е да се стекне поддршката од нашите славни навивачи“, напиша Витсел после мечот.

Навивачите голема чест му приредија и на Шмелцер, легендата на Борусија Дортмунд кој целата своја кариера ја помина во овој клуб (367 натпревари за прв тим и вкупно 450 со настапите за младинците).

Уште еден интересен факт, еднаков на проштален натпревар: во пензија оди легендарниот спортски директор на Борусија Дортмунд Михаел Цорк кој важи за еден од најдобрите на оваа позиција на светот. Тој за 86,8 милиони евра ги доведе Гундоган, Михтарјан, Обамејанг, Санчо, Дембеле и Халанд а ги продаде за 431,2 милиони евра и е најзаслужен што Борусија конечно е финансиски многу стабилен клуб.

Цорк во Дортмунд поминал верувале или 44 години по ред: како играч, како тренер а после и како спортски директор.

РУДИ ФЕЛЕР

Баер Леверкузен прекрасно го испрати во пензија Руди Фелер, најзаслужниот човек за сите успеси на овој клуб. Фелер работеше во Баер од 1994-та година. Таму прво ја заврши играчката кариера а после работеше од управата.

Навивачите спремиле кореографија со сите најпознати цитати на Фелер.

РОБЕРТ ЛЕВАНДОВСКИ

Иако Баерн Минхен нема намера да го пушти најдобриот центарфор во клупската историја кој има уште година дена од договорот, сепак Полјакот е цврсто решен да смени средина.

Веќе потпишал пред-договор со Барселона кој ќе важи на 3 години, но останува Каталонците да ги прецизираат сите детали со Баерн Минхен.

„Можно е дека ова беше мојот последен меч во дресот на Баерн“, изјавил Роберт по натпреварот со Волфсбург.

НЕМАЊА МАТИЌ И ХУАН МАТА

Пред последниот натпревар на „Олд Трафорд“ сезонава против Брентфорд (3:0), Ралф Рагник ги замени Хуан Мата и Немања Матиќ со што им даде можност на навивачите да им заблагодарат на фудбалерите кои заминуваат за сите нивни заслуги за Јунајтед.

Прошталниот натпревар на легендата на Јувентус Џорџо Кјелини и Пауло Дибала.

18 мај 2022 - 10:27