Легендата на Милан, Силвио Берлускони се пресели во вечноста

Утрово на 86 години во миланската клиника Сан Рафаеле починал долгогодишниот италијански премиер и светски позната култна фигура кој се прослави како претседател на Милан на кој му донесе дури 29 пехари.

Утрово по веста дека починал Силвио Берлускони, на адреса на неговото семејство и на Милан пристигнуваат пораки за сочувство од целиот свет.

МИЛАН

Фудбалскиот клуб Милан се прости од Берлускони со еден негов познат дамнешен цитат и со емотивни видеа.

АЦ Милан длабоко ожалостен плаче за загубата на незаборавниот Силвио Берлускони и стои близу до неговото семејство, соработници и најдраги пријатели.

„Утре ќе сонуваме нови амбиции, ќе создадеме нови предизвици и ќе бараме нови победи кои ќе го претставуваат доброто, силното и вистинското кое лежи во нас, во секој од нас кои ја имавме оваа авантура да го споиме животот со сонот кој се вика Милан. Благодариме претседателе, засекогаш со нас“.

Емотивни видеа од Милан за својот сакан Берлускони

Од фудбалските клубови меѓу првите се огласија Реал Мадрид, Наполи, Јувентус, Интер. Од тренерите Карло Анчелоти.

„Тагата од денес нема да ги избрише среќните моменти поминати заедно. Ќе остане бескрајна почит за претседателот но и за еден ироничен, интелигентен, искрен човек, најзаслужен за мојата фудбалска авантура порано и подоцна како тренер. Благодарам претседателе“, напиша Дон Карло Анчелоти на својот Твитер профил.

Од „Сантијаго Бернабеу“ големите пријатели и сојузници на Берлускони низ децениите, со голема почит му напишаа:

„Реал Мадрид, неговиот претседател и Управен одбор се длабоко погодени од смртта на Силвио Берлускони, легендарен претседател на Милан од 1986-та до 2017-та и актуелен претседател на Монца.

Реал Мадрид сака да изрази сочувство на неговото семејство и неговите најблиски, на тифозите на италијанскиот фудбал, пред се на оние на Милан и Монца.

За време на неговото владеење, Милан проживеа еден од најуспешните периоди во историјата со освоени 5 Купа на европски шампиони/Лига на шампиони, 3 Светски клупски првенства, 5 Суперкупа, 8 скудета, 1 Куп на Италија и 7 италијански Суперкупа.

Силвио Берлускони, починат на 86-годишна возраст беше премиер на Италија од 1994 до 1995, од 2001 до 2006 и од 2008 до 2011.

МОНЦА

Од неговиот актуелен клуб Монца со кого Берлускони испиша уште една прекрасна историја откако го внесе овој клуб во Серија А за првпат во неговата 110-годишна историја, напишаа:

„Адриано Галијани и цела Монца плачат за загубата на Силвио Берлускони: Празнина која никогаш нема да се пополни, засекогаш со нас. Ви благодариме за се претседателе“.

ФРАНКО БАРЕЗИ

„Се чувствувам осамен. Ми беше како татко, единствен претседател и приемчив за сите. Ми ги оствари сништата“, напишал Франко Барези кој беше лидер на трофејниот Милан во ’90-те години.

ЏАНЛУИЏИ БУФОН 

„Денес се збогуваме со Силвио Берлускони, претседател со фудбалска визија, страствен и романтичен. Го направи Милан светска сила, ги освои срцата на милиони навивачи. Неговото наследство во светот на фудбалот засекогаш ќе се памети“.

НАПОЛИ

„Претседателот Аурелио Де Лаурентис, со сопругата Жаклин, Луиџи, Едуардо и Валентини. Управата на клубот, стручниот штаб, екипата и цел фудбалски клуб Наполи изразува длабоко сочувство за починатиот Силвио Берлускони“, стои во телеграмата од Наполи.

È scomparso Silvio Berlusconi, il cordoglio della SSC Napolihttps://t.co/GAzUICwXB7

— Official SSC Napoli (@sscnapoli) June 12, 2023

Силвио Берлускони беше претседател на Милан од 1986-та до 2017-та, 31 година во кои ги направи росонерите светска фудбалска сила и еден од најтрофејните клубови на светот.

Во ера на Берлускони Милан освои 29 пехари а низ составот продефелираа врвни светски фудбалери, тренери, раководители.

Берлускони за првпат официјално станал претседател на Милан на 20 февруари 1986-та. Набрзо Силвио решава да го постави Ариго Саки за тренер на екипата. Ова се испостави како полн погодок со оглед на тоа што дотогашниот тренер на Парма, на росонерите им донесе скудето, две титули Куп на европски шампиони, два Интерконтинентални Купа и два Суперкупа на Европа.

Со Адриано Галијани Берлускони формираше фасцинантен тандем, најмоќен во светот на фудбалот. Овој однос трае со децении, а двајцата по неверојаните успеси со Милан, ја продолжија успешната приказна и во Монца која што од нисколигаш ја направија член на Серија А.

Во 1988-ма година Милан ја освои првата титула под Берлускони. Таа сезона се водеше голема битка со Наполи на Марадона, а скудетото беше 11-то во историјата на Милан, прво со Силвио како претседател.

12 јуни 2023 - 11:38