Крстајиќ: Некогаш проклетиот Хаг, а сега ВАР

Селекцијата на Србија е бесна за контроверната судиска одлука во ситуацијата кога Александар Митровиќ беше соборен во шеснаесетник. Селекторот удри на Инстаграм, а на нивна страна е и Рио Фердинанд.

Србија веројатно требаше да добие пенал во второто полувреме при резултат 1:1, бидејќи Митровиќ беше ставен во сендвич од двајца швајцарски репрезентативци. Фудбалерите на Србија се бунат преку медиумите и ја напаѓаат ФИФА, а селекторот Младен Крстајиќ отиде подалеку со критиките.

„За жал, изгледа дека само Србите се осудени на селективна правда. Некогаш тоа беше проклетиот Хаг, а денес во фудбалот е ВАР...напиша Крстајиќ“.

Контроверзниот момент станува уште поголем по објаснувањето на ВАР, бидејќи судиите од контролната кабина побарале главниот судија Феликс Брих да ја прегледа спорната ситуација, но тој одбил.

“ВАР автоматски го прегледа видеото од спорната ситуација. Проверката беше завршена и сугерирано му беше на судијата Брих да ја прегледа снимката. Само главниот судија може да побара официјален преглед како би ја потврдил својата одлука. А во оваа ситуација тој беше задоволен од својата одлука на теренот”, стои во соопштението на ВАР.

И легендата на Манчестер Јунајтед кој работи како аналитичар на БиБиСи застана во одбрана на Србите.

„Не разбирам зошто не употребија ВАР, за што им служи, двајца фудбалери го држеа, а ниту еден од нив не гледаше во топката. Ова е неверојатен грабеж на судијата“, смета Фердинанд.

Србија сега мора да оди на победа против Бразил за да избори осминафинале. 

23 јуни 2018 - 16:58