Криза на трансфер пазарот

Светската финансиска криза најверојатно го зафати и фудбалот. ФИФА соопшти дека бројот на трансферите во првите шест месеци во оваа година споредено со минатата опаднале за 9%, а клубовите потрошиле дури 34% помалку пари.

Меѓународната федерација на фудбалски асоцијации (ФИФА) регистрирала вкупно 4.973 трансфери на фудбалери во првите шест месеци од 2012-та година. Тоа е за 9% помалку од истиот период минатата година.

Дури 72% од овие трансфери биле без компензација, односно клубовите потпишувале со фудбалери без договор, па на трансфери биле потрошени само 576 милиони долари или 34% помалку од првите шест месеци во 2011-та година.

Најголема активност на трансфер пазарот е регистриран во Бразил. Вкупно 700 фудбалери ја напуштиле или пристигнале во оваа земја, а на второто место е Англија со 326.

Најголеми трошаџии се Русите кои потрошиле 64,4 милиони долари, а во овој период најмногу плаќале Португалците каде просечно еден трансфер вредел 3,4 милиони долари.

24 јули 2012 - 09:26