Корени, настани и факти од почетоците на македонскиот фудбал

Од материјалите на легендарниот Ивко Панговски кој почина вчера на 88 години имаме и нешто необјавено. Тоа е всушност негово истражување за создавањето на македонскиот фудбал и сè она што следувало и ќе остане запишано како фудбалска историографија. Од првата топка до првата спортска новинарка.

Ивко Панговски по пензионирањето во 1989-та година се занимавал со публицистичка работа. Меѓу другите ја има напишано и книгата „Скопски фудбалски незаборави“ полна со 90 годишна историја.

Со помош на неговиот широк спортски опус на знаење и истражување во областа на фудбалот, има направено еден вид хронологија на историски фудбалски факти кои ќе останат за навек. Ни ги даде испечатени на лист хартија, а ние ви ги пренесуваме најважните подредени по година.

Ова е еден вид фудбалски буквар кој вреди и треба да се знае.

1891-ТА: ПРВАТА ФУДБАЛСКА ТОПКА ВО МАКЕДОНИЈА
Првата фудбалска топка во Македонија е донесена во Битола.

1896-ТА: ПРВИОТ ТРЕНЕР ВО МАКЕДОНИЈА
Наставникот Јоанидис во битолската гимназија изведува настава со топка. Тој е првиот педагог, односно тренер по фудбал.

1909-ТА: КОЈ ГО ДОНЕСЕ ФУДБАЛОТ ВО МАКЕДОНИЈА?
Турски офицери на школување во западно европските земји, во 1909 година го донесоа фудбалот во Скопје. Истата година на 9 април во дворот на воената касарна каде подоцна беше учителското училиште во населбата Ислахане (Идадија), го одиграа меѓу себе првиот натпревар. Овој датум се одбележува како ден на македонскиот фудбал.

1909-ТА: ДИЗАЈНЕРОТ НА СПОМЕНИКОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ
Ликовниот уметник од Скопје, Бранко Костовски го направи идејното решение за споменикот на македонскиот фудбал, поставен во дворот на некогашното импровизирано фудбалско игралиште, како потсетник на 1909 година кога започна испишувањето на историјата на македонскиот фудбал.

1910-ТА: ПРВИТЕ СКОПЈАНИ КОИ ИМАЛЕ ТОПКА
Во пролетта 1910-та година, скопските евреи по потекло од Солун, браќата Салвадор и Пепи Мустафија, сопственици на киното Уранија (подоцна Култура), беа првите скопјани што имаа сопствен фудбал. Со него тие со своите одбрани врсници играа на пољанката кај некогаша женска гимназија.

1911-ТА: ПРВИОТ ФУДБАЛСКИ КЛУБ ВО МАКЕДОНИЈА
СК УСКУП е првиот скопски и македонски фудбалски првенец формиран во 1911-та година во кој играле само Турци. Во 1912-та во Скопје е формиран СК Вардар, првиот организиран фудбалски клуб во Македонија.

Душко Поповски - првиот фудбалски судија

1919-ТА: ПРВАта МЕЃУНАРОДНА ПОБЕДА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ
Првата меѓународна победа ја оствари СК Напредак од Скопје. На 20 април 1919 во Скопје, ја победи англиската воена репрезентација со 2:0. За прв пат скопскиот тим настапи под спонзорство на англиската хуманитарна организација „Христијанска заедница на младите луѓе“.

1924-ТА: ПРВИОТ ФУДБАЛСКИ СУДИЈА
Чаирчанецот Душко Поповски е првиот фудбалски судија во Македонија со положен теоретски и практичен испит пред комисија од Фудбалскиот сојуз на Југославија во далечната 1924-та година.

1933-ТА: ПРВИТЕ СПОРТСКИ ВЕСТИ
Кирил Пенушлиски е втемелувач на македонското спортско новинарство. Тој во 1933-та година објавува вести од спортскиот живот во Македонија во Вардарски глас, Скопски гласник, Јужен Спортист и Спортски дневник од Белград.

1936-ТА: ПРВИОТ СПОРТСКИ НЕДЕЛНИК
Есад Шабан во 1936-та година во Скопје во својата печатница го издава првиот спортски неделник Спорт кој излегува се до пред почетокот на втората светска војна. По војната во 1947-ма излегува Фискултурен глас чиј главен уредник е Драгомир Анчевски. Подоцна се преименува во Спортски глас со Лазар Пинџур како уредник.

1937-МА: ПРВИОТ ТРЕНЕР ОД СТРАНСТВО
Легендарниот фудбалски стратег Илеш Шпиц роден во Унгарија 1902-ра, дојде во Скопје во 1937-ма година и прво стана тренер на СК Граѓански, а потоа и на СК Македонија. Тој е важен дел и од историјата на ФК Вардар, бидејќи направи кам бек во Македонија и со Црвено-црните го освои Купот на Југославија 1961-ва година. Почина истата година на средбата Вардар – ОФк Белград, а погребан е на градските гробишта во Белград.

1946-ТА: ПРВИОТ ПРЕНОС НА РАДИО
Со гласот на Коле Чашуле се слушна првиот пренос на Радио Скопје од натпреварот меѓу месните тимови Македонија и Победа. Така започна ерата на македонското спортско радио репортерство на 12 јуни 1946-та година.

1946-ТА: ПРВИОТ НАТПРЕВАР ПОД РЕФЛЕКТОРИ
Првиот ноќен фудбалски натпревар во Македонија се одигра во Скопје на 20 јуни 1946-та година на фудбалското игралиште на МФД Македонија. Во месен натпревар Македонија го победи Работнички со 1:0. На Игралиште беа поставени 14 рефлектори од 1.400 и 1.600 вати од кои повеќето беа донесени од народниот театар.

1948-МА: ПРВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФСМ
На 18 август 1948-ма година Коле Чашуле беше избран за прв претседател на фудбалскиот сојуз на Македонија, чие што конституирање беше во ресторанот Маргер во Скопје.

1952-ТА: ПРВИОТ МЕЃУНАРЕДЕН ФУДБАЛСКИ СУДИЈА
Борче Неделковски во 1952 година го понесе фудбалскиот знак на ФИФА и УЕФА и стана прв македонски меѓународен фудбалски судија. Подоцна му се придружија Трајан Ивановски – Мачек, Петар Костовски – Перула, Гоце Попов...

1961: УКРАДЕНИОТ ПЕХАР НА ВАРДАР
Пехарот за освоениот југословенски Куп што го освои Вардар на 28 мај 1961-ва во Белград со победата над Вартекс од 2:1, долги години беше во витрините на клубот. Во последните години за време на селењето на клубот, пехарот е украден и сега Вардар го нема ова одличје за остварениот најголем клупски успех со кој излезе на светската фудбалска сцена.

1964-ТА: ПРВИОТ ПРЕНОС НА ТВ
Пионерот на спортското репортерство на македонската телевизија, Атанас Костовски на 7 декември 1964-та ја коментираше снимката од средбата во Загреб меѓу Динамо и Вардар, што ја снимки Ѓого Поповски Гаљо. На 16 октомври 1965-та година во режија на Вељо Личеновски прв пат од градскиот стадион во Скопје, македонската телевизија ја пренесуваше прволигашката средба Вардар – Црвена Ѕвезда, исто така со коментар на Атанас Костовски.

1971-ВА: ПРВАТА СПОРТСКА НОВИНАРКА
Драгица Веселинска е првата жена спортски новинар, вработена во Радио Скопје во 1971-ва година. Четири години подоцна загина во сообраќајна несреќа во Кочани.

ФК Граѓански

1983-ТА: ПРВИОТ ЖЕНСКИ ФУДБАЛСКИ КЛУБ ВО МАКЕДОНИЈА
Борче Младеновски е иницијатор за формирање на првиот женски фудбалски клуб од Македонија по името Единство 1983-та година. Во него најпрвин играа младинки од скопските маала Чаир и Топаана.

Токму со помош на истражувањето на Ивко и Борис Поп Ѓорчев, Фудбалскиот сојуз на Македонија го усвоил календарот за најважните настапи од историјата на македонскиот фудбал.

Двајцата неуморни спортски работници во скратена форма им ги презентирале податоците до кои дошле со помош на долгогодишно истражување, а во ФСМ го усвоиле нивниот предлог на седница која се одржала во 1996-та година.

Каква легенда е Ивко. Официјалните податоци од создавањето на фудбалот стари повеќе од еден век, ќе останат засекогаш запишани во фудбалската федерација благодарение на неговиот труд.

Ни ја даде и одлуката со усвоениот календар

 

29 март 2019 - 15:13