Градот Ливорно кој има околу 160 илјади жители всушност е родното место на Комунистичката партија на Италија, а поради смелото истакнување на политичката определеност навивачите многу често се судруваат со десно определените навивачки групи, како на пример онаа на Лацио.
Ливорно е основан во 1915 година, а првиот успех кој претставуваше златна шанса за Скудетото ја пропушти во далечната 1943 година, кога со само бод заостанување зад Торино не успеа да стигне до шампионската титула.
Во последните 13 години под водство на претседателот Алдо Спинели клубот 6 сезони беше дел од Серија А. За вчерашната прослава и враќањето во првата лига најзаслужен е стрелецот на израмнувачкиот гол за Ливорно против Емполи, Паулињо, Бразилец со италијански пасош кој блесна сезонава со 20 првенствени погодоци.
На гостувањето, покрај огромната поддршка од 20.000 навивачи, за успехот на Ливорно се радуваа и поранешните играчи Серџо Кјелини и Алесандро Дијаманти. Инаку екипата на Ливорно пласманот во Серија А го обезбеди со реми поради минималниот триумф на домашен терен во плејофот на првиот натпревар.
Сезоната 2006/2007 ќе остане запаметена како историска за клубот со оглед на првата европска авантура и пласманот во 16 финалето од Купот на Уефа каде Ливорно беше елиминиран од екипата на Еспањол.
По завршувањето на сезоната навивачите ја загубија најголемата ѕвезда Кристијано Лукарели кој на 146 меча постигна 82 гола, но по 4 минати сезони во Ливорно за сума од 9 милиони евра направи трансфер во Шахтјор Донетцк. Италијанскиот напаѓач пред 3 сезони направи кам бек во клубот кога во 2009 година избори пласман во Серија А.
Најдобриот стрелец во историја на клубот со 122 гола е Игор Проти кој настапуваше за Ливорно во два наврати (1985-1988, 1999-2005). И покрај повлекувањето на неговиот дрес во 2005 година, самиот Проти одлучи да ја врати неговата бројка на теренот со образложение дека треба да ја носат идните млади генерации.
Заедно со Дарио Хубнер, тоа се единствените двајца играчи кои успеале да станат најдобобри стрелци во првата, втората и третата италијанска лига.
Најтажниот момент за Ливорно и навивачите е 14 април 2012 година кога од срцев удар на средбата против Пескара на само 26 години почина Пјермарио Морозини, а дресот со 25 беше повлечен во негова чест.
Ливорно наредната година во Серија А ќе го гледаме заедно со Верона која се враќа по 11 години и Сасуоло кој ќе дебитира во една од најсилните 5 лиги во Европа.