Руди Гарсија го напушти Рим на 13 јануари откако веќе не успеваше да ја надмине кризата со тимот кој на последните 7 меча имаше само една победа под негово водство. Го замени познато име. Лучано Спалети, човекот кој ги водеше од 2005-та до 2009-та и кој им донесе два Купа и еден Супер Куп на Италија.
Кога пред неколку дена навивач на Рома го сретна Спалети на аеродром и му побара селфи, тој му рече: Како ми оди? Никогаш подобро а? А потоа бидна и селфито.
Вистината е дека во неговата 20 годишна тренерска кариера тој никогаш немал поуспешен старт од овој. Статистиката покажува дека за 10 меча колку што ја води Рома успеал да освои 25 бода.
Почна со реми против Верона, загуби од Јувентус и потоа врза 8 победи по ред против Фрозиноне, Сасуоло, Сампдорија, Карпи, Палермо, Емполи, Фиорентина и Удинезе.
Во првата година со Рома по 10 кола освои 15 бода, а следната сезона стигна до 21. Во Зенит по 10 меча почна со 24 бодови, во 2013 со 23, но никогаш во кариерата немал старт како овој со 25 бода од можни 30.
Спалети не постави само личен рекорд со тимот во кој се врати по 5 годишен престој во Русија, туку успеа да ја разигра екипата која ја загуби играта и идентитетот. Се врати формата на Џеко кој постигна 4 голови на последните 3 меча како првотимец, во средниот ред му даде доверба на Кеита, го научи Флоренци со некои како да биде офанзивен бек и му објасни на Салах како да биде помалку егоист.
Рома сега има 5 бода повеќе од Фиорентина и Интер во борбата за третото место, но работата сè уште не е завршена бидејќи до крајот на сезоната има уште 9 кола, а во следните две на Олимпико има два големи теста кои се викаат Интер и Лацио.
Како и да е Спалети во моментов работи перфектно. Има напад кој даде 25 гола и прими 8 на последните 10 меча, а по стартот со Емполи каде ја почна тренерската кариера во Серија Б и освои 12 бода по првите 10 кола, во последните два месеци таа бројка ја дуплираше.