Притисокот по двата натпревари без победа и фактот што разликата од 10 поени се намали на само 6, го натераа Мурињо повторно да ги обвинува сите освен себеси и неговиот тим. Суспензијата за Мурињо од натпреварот со Виљареал можеби и позитивно влијаеше на фудбалерите на Реал Мадрид кои со Каранка на клупата го имаа решено натпреварот уште пред и да се испотат до полувремето.
Игуаин и на два пати Бензема и Роналдо кој стигна до бројката 101, беа стрелци во победата над Реал Сосиедад, победа со огромно значење за намалување на притисокот во следниот период во кој претстои и големото „Ел Класико".
Во Мајорка беше поинаку. Барселона следнава недела гостуваат во Милано на првиот натпревар од четвртфиналето од Лигата на шампиони, па ова гостување беше одличен тест.
Се уште е мистерија дали Алексис Санчез ја допре топката со глава по слободниот удар на Меси, но овој гол подоцна сепак му беше впишан на Аргентинецот.
Од 57-та минута Барселона остана и со фудбалер помалку по исклучувањето на Алкантара заради играње со рака, но тоа не беше проблем за нив и Пике со гол во 79-та минута ја потврди седмата победа во серија.
Сега Реал Мадрид има 75 поени, а Барселона 69. Роналдо има постигнато 35 голови, а Меси исто толку. Ни претстојат уште 9 кола епска борба.