Правилникот на УЕФА предвидува четири опции за решавање на настанатата ситуација од дуелот кој се прекина во 42-та минута на стадионот на Партизан во Белград.
Српските медиуми се повикуваат на членот 14 од Дисциплинскиот правилник на УЕФА, во кој стои дека е „забранета политичка пропаганда и било какво изразување слични политички ставови", а знамето со виртуелната мапа на „Голема Албанија" несомнено беше причина за хаосот, пишува Вечерње Новости.
Србите потенцираат дека во прилог им оди и тоа што на фудбалската федерација на оваа земја ѝ поминала условната казна од 2 години по нередите во Џенова во 2010-та против Италија и дека раководните лица во сојузот ги превземале сите мерки за безбедност, согласно со правилникот на УЕФА.
Од друга страна, голем дел од албанските медиуми тврди дека единствено домаќинот е виновен за пропустите во кои редарите и лицата за безбедност ги нападнале нивните фудбалери. Сигурно е дека УЕФА ќе го казни српскиот сојуз поради влегувањето на неколку навивачи на теренот и поради фрлање разни пиротехнички средства на теренот, затоа што ваквата казна е редовна во дисциплинското тело на УЕФА, кое се бори против употреба на пиротехника на стадионите.
Четири опции за решение:
1. Доколку УЕФА одлучи дека гостите се виновни за прекинот, во тој случај Србија би го добила натпреварот со службен резултат (3:0);
2. Доколку УЕФА одлучи дека домаќините се виновни за прекинот, во тој случај Албанија би го добила натпреварот со службен резултат (3:0);
3. Покрај парична казна, виновникот би можел да заработи и суспензија со затворање на стадионот за време на следните квалификациски натпревари;
4. Одземање бодови и парична казна;
УЕФА го има последниот збор, а клучот за решавање на проблемот лежи во извештајот на делегатот на натпреварот, Хари Бин од Холандија и специјалниот известувач на УЕФА.
Во групата И, покрај Србија и Албанија, се уште и Португалија, Данска, Ерменија и Франција која е домаќин на првенството, но натпреварите во група ги игра како пријателски средби, без бодување.