14 години по основањето, гордоста на Баскија била обвинета дека во тимот имала нерегистрирани странски играчи за Копа Дел Реј во далечната 1911 година, па од тој момент цврсто решаваат за нив да играат само фудбалери родени во Баскија.
***
Повеќе од 100 години подоцна, Атлетик Билбао останува доследен на оваа политика а тие и натаму се еден од само трите клуба (заедно со Барселона и Реал Мадрид) кои никогаш не испаднале во втора лига. Клубот се потпира на локални таленти кои прво почнуваат во тренинг центарот на Атлетик во Лезама - академија отворена во 1971 кае денес тренираат и првиот тим, женскиот тим и разни категории.
Овој тренинг камп има осум терени, гимназија, конференциска сала и медицинска соба, а драж на целото место му дава легендарниот лак кој тука го донеле од стариот стадион „Сан Мамеш“ и сега местото има посебен шмек.
„Овој клуб станува дел од нашиот идентитет уште од раѓање. Секое дете родено во радиус од околу 60 километри од овде е осипано со балони и подароци во црвено-бела боја. Јас сум роден во Билбао и за мене беше се да го претставувам клубот. Знам дека и децата го чуствуваат истото. Сите сме како дел од историјата на оваа фамилија“, вели Жон Солаун, некогашен играч на Атлетик а сега тренер на тимот У-16.
„Неверојатно е за децата да бидат еден до друг и заедно да гледаат како раснат и како луѓе и како играчи. Кога дете од Лезама ќе истрча на стадионот ’Сан Мамеш’, сите чуствуваме голем триумф.
Во последните пет години секоја година најмалку по двајца фудбалери се промовираат во првиот тим и овој пат е голема гордост за спортскиот директор Хозе Аморорту:
„Осумдесет и пет проценти од првотимците поминаа низ нашата академија а просечно целиот пат кој треба да се изоди до прв тим трае седум години. Ги земаме како мали и ги развиваме. Овие податоци се само последица на нашата работа“, вели Аморорту.
Тој играл за Атлетико во финалето на Купот на УЕФА 1977-ма против Јувентус пред да стане директор на младинската школа и првиот тим, така што најдобро ја сфаќа оваа „баскиска политика“.
„Имаме 20 скаути низ реонот Бискај а имаме и 150 братски клубови во регионот што го снимаат развојот на младите играчи и ги праќаат во Лезема ако почуствуваат дека се доволно талентирани за овде. Им веруваме на нашите тренери и локалните клубови во намерата да развиваат деца така што немавме потреба од програма додека децата се уште до 10 години. Лани на пример имавме 1.500 деца до 9 години. Не е тешко да се најдат играчи“, вели Аморорту.
65-годишниот поранешен шпански репрезентативец вели дека во клубот ценат прави вредности и надвор од теренот.
„Работев во Атлетико Мадрид и други елитни клубови, но никој го нема тоа што го имаме ние. Имаме култура, идентитет. Наша задача е да создадеме добри играчи и никој не го прави тоа како нас. Фамилијата значи многу за баскискиот народ. Нема поголема гордост за едно дете од таа да заигра за својот клуб.“
Во Атлетик Билбао, вели Амороту за Гардијан, во моментов третиот тим е составен од 21 млад играч од 19 и 19 години, а 13 од 21 фудбалер во моментов студира и на универзитет.
Според него секој фудбалер мора да има повеќе професии во животот а не само фудбалот „затоа што кариерата трае кратко и некогаш еден лош лизгачки старт може да те врати на почеток.“