Михајловиќ знаеше да биде пргав на теренот како играч, а сега е незгоден и како тренер особено кога новинарите ќе го испровоцираат. Оваа изјава ја даде десетина дена пред да биде отпуштен и таа го отсликува неговиот борбен дух.
„Навистина имам карактер, но како што кажавте роден сум во земја каде треба да бидеш суров, но не поради личен избор, туку поради потребата да се преживее. Мене ми се допаѓаат притисоците, не сум избегал никогаш од нив и кога некој ќе преживее две војни не може да има страв од партија фудбал. Тоа се притисоци кои мене ми се допаѓаат и секогаш успевам да го дадам најдоброто од себе кога имам притисок, затоа што фудбалот за мене е секогаш игра, а не живот. Кога требаше да почнам во школо на 6 години, наставничката која ми беше и комшика не сакаше да ме земе кај нејзе во клас и велеше дека сум немирен. Но јас во школо бев одличен и секогаш еден од најдобрите, а кога ќе излезев надвор бев храбар и им се противев на поголемите од мене. Мајка ми беше во право кога се каравме бидејќи дома доаѓав со скршен нос. Ако беше посилен и поголем од мене му покажував среден прст и бегав, ако не се тепав. Секогаш беше така. И потоа нормално со текот на животот човек учи и се подобрува. Секогаш се вели дека пред да направиш некоја работа треба да броиш до 10. Јас тогаш не сфаќав, сега стигам до 5-6 и не верувам дека ќе стигнам до 10, но сегаш се обидувам да бидам подобар.
Српскиот стратег во досегашната неполна шест годишна тренерска кариера не успеа долго да остане на ниту една клупа. Од ноември 2008-ма ги водеше Болоња, Катанија, Фиорентина, селекцијата на Србија, Сампдорија и Милан, а почна како помошник тренер во Интер кога клубот за прв пат го водеше Манчини. Според пишувањата на некои италијански медиуми следната сезона можно е да биде нов тренер на Лацио каде беше играч шест години и освои Скудето.