Какво лудо славје во Ротердам за титулата

Фудбалерите на Феенорд Ротердам стигнаа до 16. шампионска титула во клупската историја, прва после 2017-та година. Сезона за паметење имаше тренерот Арне Слот кој сега би требало да преземе некој поголем клуб.

Со триумф од 3:0 над Го Ахед Иглс, фудбалерите на Феенорд на две кола пред крајот и теоретски ја обезбедија шампионската титула па големото славје во градот можеше да почне.

На стадионот „Де Кујп“ навивачите пред почетокот на мечот растегнале рекордно најдолго знаме во историјата на холандскиот фудбал, знаме кое покрило речиси 11.000 квадратни метри:

Стрелци на головите беа: Усама Идриси во 15’ минута, Сантиаго Томас Хименез во 18’ и Игор Паишао во 54’ минута. Најголеми јунаци на шампионската титула се капитенот Оркун Кокчу, права 10-ка кој наскоро би требало да направи голем трансфер во некој поголем клуб и тренерот Арне Слот кој би требало да продолжи во Премиер лига.

Феенорд е прв со 79 бода од 32 натпревари, ПСВ Ајндховен е втор со 68 но и меч помалку а Ајакс е трет и најверојатно после долго време нема да заврши на првите две позиции.

Околу 50.000 навивачи на стадионот „Де Кујп“ направија фантастична атмосфера и бурно ја прославија титулата, а славјето се преселило и на улиците и по баровите во Ротердам.

На друга страна, во Гронинген, домашните навивачи, фрустрирани од тоа што клубот испаѓа првпат после многу години во втора лига, во 9’ минута го прекинаа мечот со Ајакс откако фрлаа пиротехника на терен.

15 мај 2023 - 10:27