Најозборуваниот и најконтроверзен Мундијал кој се докажа дека домаќинот Катар успеа да го избоксува со мито и да си поигра со животите на илјадници работници кои работеа на 50 степени, одбројува две години до стартот.
Денеска во Доха ќе биде извршена ждрепката за квалификацискиот циклус, а директен пренос ќе има на МТВ 1 со почеток од 18 часот.
Македонската фудбалска репрезентација гордо ќе ги чека противниците, како учесник на Европското првенство кое се игра следното лето.
Ќе бидат извлечени 10 групи од кои пет ќе бидат со по шест репрезентации и пет групи со по пет репрезентации или вкупно 55 европски селекции.
Се наоѓаме во четвртиот шешир, што значи само тие селекции кои се таму со нас, не можат да ни се паднат во група, а тоа се: Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Израел, Белорусија, ГрузијаиЛуксембург.
Во првиот шешир се најзвучните репрезентации, па така на пример на Градски постои можност да ни се вратат Шпанија или Италија или пак за прв пат да дојде Германија или бранителот на титулата Франција, што не посакуваме.
Од вториот шешир би било опасно да налетаме на Полска на пример или незгодните Австрија, Швајцарија, Шведска, а од третиот би било најдобро да ги избегнеме Русија и Норвешка.
И веќе ако се водиме по некои желби за кои секако треба голема среќа, можеби ова би била групата во која би имале најголеми шанси за испишување на нова фудбалска историја.
ДАНСКА, РОМАНИЈА, С.ИРСКА, МАКЕДОНИЈА, АНДОРА, САН МАРИНО.
Инаку директен пласман на СП Катар 2022 обезбедуваат првопласираните од секоја група, а второпласираните заедно со двете најдобро рангирани лидери од Лига на нации ќе играат бараж. Од тие 12 земји кои ќе играат плејоф, три ќе обезбедат учество.
Бидејќи фудбалскиот календар беше поместен поради коноравирусот, квалификациите ќе се играат забрзано од март до ноември следната година, а баражот е закажан за март 2022.
Светското првенство во Катар ќе се игра за прв пат во зима, од 21 ноември до 18 декември 2022 година.