Како воениот конфликт ќе се одрази на светот на спортот и кои настани се во Русија?

Воениот конфликт во Украина ја потресе и спортската јавност, па распоредот и календарите на одигрување на некои средби се доведени во прашање, првенства суспендирани, натпревари одложени.

ФИНАЛЕ НА ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Финалето на елитното клупско натпреварување, сезонава е закажано за 28 мај во Санкт Петербург на модерната „Газпром Арена“. УЕФА изминативе денови неколку пати повтори дека „одблизу ја снима ситуацијата но дека во моменттов не е предвидено преместување на седиштето на финалето“.

Британскиот премиер Борис Џонџон во обраќање до тамошниот парламент, меѓудругото, изјави и дека „би било незамисливо да се одржи една фудбалска манифестација во Русија која е се поизолирана“.

ПЛЕЈОФ ЗА СВЕТСКО, РУСИЈА - ПОЛСКА ВО МОСКВА?

На 24 март, денот кога Македонија гостува кај Италија во рамки од полуфиналето на плејофот за пласман на Светско првенство 2022, Русија треба да ја пречека Полска.

За сега освен изјави на министерот за спорт на Полска и неколку тамошни спортски новинари кои пишуваа дека државата треба да го одложи мечот од безбедносни причини, од УЕФА нема ништо официјално.

Фудбалската федерација на Полска соопшти дека го отворила прашањето со безбедноста за нивната селекција и дека случајот ги инволвира уште и репрезентациите на Шведска и Република Чешка кои го сочинуваат другиот полуфинален пар и една селекција од нив би можела да гостува во Русија доколку Русите ја победат Полска.

ПРВЕНСТВАТА ВО УКРАИНА СУСПЕНДИРАНИ

Сосема очекувано, поради прогласената вонредна состојба во земјата од страна на украинскиот претседател Зелински, Фудбалската федерацја на Украина преку соопштение објави: „Поради воведување вонредна состојба во Украина, украинското првенство е суспендирано“. Пролетната полусезона во украинскиот фудбал требаше да продолжи утре со мечот Минај - Зарја.

Министерството за спорт на Украина ги суспендирало на 30 дена сите спортски манифестации а Парламентот по итно заседавање ги потврдило одлуките на министерството.

По 18 одиграни кола на чело на украинската Премиер лига е Шахтјор Доњецк предводен од италијанскиот тренер Роберто Де Ѕерби, со два бода предност пред Динамо Киев.

Украина во меѓувреме во целост го затворила воздушниот простор за цивилни авионски летови.

КОИ СПОРТСКИ НАСТАНИ ТРЕБА ДА СЕ ОДРЖАТ ВО РУСИЈА ГОДИНАВА:

Покрај големото финале на Лига на шампиони и плејоф полуфиналниот меч за пласман на СП2022 меѓу Русија и Полска, во Руската Федерација треба да се одржат бројни спортски настани.

- Од 24 до 27 февруари е превиден Светски куп во санкање во Москва
- Скијање фристајл Светски куп од 25 до 27 февруари во Сончева Долина
- Сноуборд Светски Куп во Москва на 26 февруари
- Скијање фристајл етапа од Светски Куп од 5-6 март во Кузбас
- Скијање етапа од Светски Куп од 18-20 март во Тјумен
- Фудбал плејоф полуфинале за Светско првенство во Катар 2022: Русија - Полска во Москва на 24 март
- Евентуално финале на плејоф за Светско првенство во Катар 2022 на 29 март (би се играло во Москва или во Варшава во зависност од победникот на парот Русија - Полска)
- Пливање: скокови во вода, Светска серија од 8-10 април во Казањ
- Мачување, Светски Куп за мажи од 29 април до 1 мај во Санкт Петербург
- Мотокрос, Гранд При во Орлијонок на 1 мај
- Џудо, Гренд Слем од 20-22 мај во Казањ
- Мачување, Светски Куп мажи и жени од 20-22 мај во Москва
- Фудбал, Лига на шампиони финале на 28 мај на „Газпром Арена“ во Санкт Петербург.
- Одбојка, Лига на нации: од 28 јуни во Уфа за жени, од 5 јули за мажи во Кемерово
- Ритмичка гимнастика, Светски челенџ Куп од 19-21 август во Москва
- Пливање, Светски јуниорски Куп од 23-28 август во Казањ
- Одбојка Светско првенство мажи од 26 август до 11 септември во неколку градови во Русија
- Трамполина, Светски куп од 23 до 25 септември во Санкт Петербург
- Формула 1, ГП Русија 24-25 септември во Сочи
- Карате Премиер лига од 7-9 октомври во Москва
- Пливање, Европско првенство од 17-22 декември во Казањ.

Одложен меч од групата на Украина и Македонија

24 февруари 2022 - 11:28