КАКО СЕ СЛУЧИ ОВА?
На крајот од краиштата, ова прашање како може два клуба со ист сопственик, ист спонзор, да играат еден против друг не се поставува само сега, туку од мај 2017-та кога Салцбург и Лајпциг стекнаа право да играат во квалификациите за Лига на шампиони.
Најомразениот клуб во цела Германија тогаш за првпат во историјата завршија втори во Бундеслигата, а Австријците по којзнае кој пат го освоија шампионскиот пехар во домашната лига.
Теоретска можност овие два клуба да се сретнат меѓу себе се појави уште тогаш и УЕФА се занимавала со овој случај. Целата заврзлама ја презел контролниот орган на УЕФА за финансиски фер плеј.
Уште тогаш во мај во двата клуба наводно поминала специјалната контрола и ревизија на работењето преку светски познатата компанија со седиште во Лондон, PricewaterhouseCoopers.
Првата контроа бил негативна. Меѓународната јавност и финансиските инспектори на УЕФА нашле неколку докази дека корпорацијата Ред Бул врз двата клуба има „одлучувачко влијание“, поточно дека има подеднакво ист однос и со Лајпциг и со Салцбург.
Инспекторите тогаш дале зелено светло за Салцбург во еврокуповите, а Лајпциг не го пуштиле затоа што според правилата на УЕФА шампионот на една земја е поважен од вицешампионот.
Ваквото решение го предале во Арбитражната комисија на УЕФА.
ЗОШТО ПОТОА ЈА ИЗМЕНИЛЕ ОДЛУКАТА?
Откако веќе знаеле што ќе се случи, „ред-буловците“ решиле да побрзаат за да ја сменат својата структура во триаголникот.
Kein Scherz, nächster Gegner: @DieRotenBullen // @RBLeipzig_EN are our next opponents! #UELDraw #UnserBewerb
— FC Red Bull Salzburg (@RedBullSalzburg) August 31, 2018
Салцбург во целава заврзлама се води како помлад брат. Ралф Рањик кој беше спортски директор и во двата клуба во исто време, ја напуштил функцијата во Лајпциг како и Оливер Минцлаф кој бил одговорен за фудбалските сопствености на Red Bull вклучувајќи ги тука и ќерките-клубови во САД и Бразил.
Шефот на Салцбург и поранешен директор на Red Bull France, Рудолф Тајлер исто го напуштил своето место а заедно со него и уште неколку топ-менаџери кои биле дел од компанијата и клубот заедно.
Покрај тоа, Салцбург ги изменил условите во спонзорскиот договор со Red Bull - ги сменил правилата на гласање на членовите на клубот (претходно да се добие правото на глас во клубот било многу потешко), а клубот од Австрија дури и го исклучил претставникот на концернот Red Bull од извршниот совет.
Освен ова, Австријците се обврзале и повеќе да не бараат од структурите на Red Bull кредити под поволни услови.
После неколку години официјалното партнерство меѓу Лајпциг и Салцбург наводно е завршено и сите позајмици на фудбалери меѓу овие два клуба се завршени.
ЗОШТО УЕФА ИМ ПРОГЛЕДА НИЗ ПРСТИ?
Ако се чита документот на УЕФА во кој се објаснува целата приказна околу Ред Бул Лајпциг и Ред Бул Салцбург, точно може да се види дека чиновниците имале тешка работа. Клучно за УЕФА да крене рампа за двата клуба да може да играат во еврокуповите па дури и да се сретнат меѓу себе било тоа „решавачко влијание“ на спонзорот на клубот.
„Решавачко“ или во превод - раководните органи кои одлучуваат во клубот да бидат поврзани со компанијата (или со друг клуб), не само да бидат извор на финансирање туку и да имаат право на одлуки.
Терминот „значајно влијание“ (овој термин фигурира во правилникот за лиценцирање и финансиски фер плеј) ниту Германците ниту Австријците не можеле да го демантираат дека постои меѓу трите страни (спонзор+два клуба), а не можела ниту УЕФА.
Но според регулаторните комисии на УЕФА, тоа не било доволно со сигурност да се збори за одлучувачко влијание кое би се одразило на чесната и праведна спортска борба.
ИМАЛО ЛИ ТАКВИ СЛУЧАИ ВО МИНАТОТО?
Не е реткост неколку клубови да имаат исти сопственици, но тие обично не учествуваат во исти турнири. Често се тоа клубови од разни федерации (континенти), или филијали од соседни земји кои не претендираат на еврокуповите (Салцбург има своја „фарма“ во локалниот клуб Лиферинг кој игра во втората австриска лига).
Но и порано имало судир на интереси.
Во втората половина на ’90-те, ENIC, офшор компанија на англиските милијардери Џо Луис и Даниел Леви станала сопственик на неколку клубови од европските лиги. Така во нивното портфолио се нашле мнозинство акции во Тотенхем, Глазгов Ренџерс, Базел, Виченца, АЕК и Славија Прага.
Судбината сакала во 1997 година последните три горенаведени клуба (Виченца, АЕК и Славија Прага) синхронизирано да стигнат до четвртфиналето на Куп на Купови и кога во полуфиналето се пласирала само Виченца, УЕФА дознала за конфликтот на интереси.
Таа пролет веќе било донесено „Правилото 5“ кое им забранувало учество во ист турнир на два или повеќе клуба од кои повеќе од 50% од сопственоста му припаѓаат на ист човек или компанија.
Во следната сезона во Купот на УЕФА требале да играат и АЕК и Славија Прага но Грците поради новите правила не ги пуштиле да играат. На Арбитражниот суд во Лозана после жалбите било одлучено решението да се одложи за следната сезона, но двата клуба испаднале и не се сретнале меѓу себе.
На крајот компанијата ENIC не можела против правилата на УЕФА и ги продала акциите во сите клубови освен во Тотенхем и Севиља. Кога во 2006 година овие два тима се сретнале во Купот на УЕФА, се испоставило дека и кај едните и кај другите пакетот акции на сопственикот не надминувал 50% па така не го кршеле „Правилото 5’.
Две години подоцна УЕФА морала да одлучува и во врска со мечот Челси - ЦСКА кои се паднаа во иста група во Лига на шампиони, но тогаш европската фудбалска унија не нашла ништо спротивно на своите правила иако Роман Абрамович фигурираше како финансиери на двата клуба.
Било како било, на 20 септември двете редбуловски екипи ќе се сретнат во Лајпциг, а на 29 ноември во Салцбург.