Кога Тото Ди Натале го одбил Јуве и отишол во пицерија

Годините поминуваат, играчи и управи се менуваат, но љубовта на Антонио Ди Натале кон Удинезе е незаменлива, па дури и кога му нудат многу повеќе пари да прејде во друг клуб.

Италијанскиот клупски фудбал можеби не може да се пофали со многу гледачи на стадионите и тв екраните, но може со прави фудбалски легенди како што се Малдини, Тоти, Дел Пјеро, Неста, Киеилини, Буфон...
 
Меѓу нив сигурно и Ди Натале, синоним за црно-белиот дрес на Удинезе. Со години е еден од најдобрите стрелци во Серија А поради што добиваше понуди од големите клубови. Пред неколку сезони Јувентус многу сакаше да го доведе, но Ди Натале откри како ја одбил Старата дама.
„По многу гласини и шпекулации, дојде денот кога требаше да потпишам за Јуве. Менаџерот едно претпладне ми се јави и ми кажа: Антонио, Јувентус и официјално понуди договор на три години. Ти даваат 1,6 милиони евра по сезона. Му спуштив слушалка и се јавив кај жена ми: Слушај ме, за неколку часа можам да станам играч на Јувентус. Чекаат да им одговорам побрзо. Знам што треба да направам, што мислиш ти?
Без многу двоумење, сопругата го потврдила истото што го мислел и малиот по раст но фантастичен напаѓач.
 
„Овде сите те сакаат, ти си им капитен, симбол, што ќе правиш во Торино? Имаме сосема доволно пари“, раскажува Ди Натале за тоа како го одбил Јуве.
Важна улога во целата приказна одиграл и син му.
„Ме погледна некако тажно и ми кажа: Тато, сакам да останам овде, не ми се оди во Торино, не сакам да ги оставам другарите“, додава Тото и вели дека му било јасно што треба да прави.
Изборот му бил логичен, затоа што сите се сложиле во едно, а тоа е да се остане во Удине.
„Поздрави го семејството Ањели и сите во Јувентус, но јас останувам во Удине му реков на менаџерот и истата вечер отидов со жената и синот на вечера со пица да ја прославиме мојата верност кон Удинезе.
Со таквиот одговор, Ди Натале влезе на листата најверни фудбалери во европскиот фудбал. Таквите играчи покажуваат дека љубовта и верноста немаат цена. Се памети и неговата изјави од пред некоја година кога рече дека повеќе голови дал за Удинезе отколку што ја изнел жена му на вечера.