За френетичноста и фанатизмот на турските навивачи знаат и врапците на гранки. Таму фудбалот се сака со страст еднаква како онаа во Јужна Америка и се граничи со лудило. Најцврст доказ за ова е приказната на Александар Сорлот, 25-годишен репрезентативец на Норвешка. Одиме по ред.
Александер Сорлот е роден на 5 декември 1995 година во Трондхајм, град во средишна Норвешка со околу 205.000 жители. Во овој град се наоѓа најголемиот Универзитет во земјата, Универзитетот на науки и технологија (NTNU).
Сорлот уште на рана возраст не се одвојувал од фудбалската топка, а од своите врсници се двоел по талентот за оваа игра. Поддржан од родителите, мајка му Хилдегун Ротен и татко му Горан Сорлот, првпат почнал да тренира во локалниот клуб Стриндхајм од неговиот роден град Трондхајм.
Клубот како фудбалски лифт низ годините се качува и се симнува од втора во трета, четврта лига па назад. Никогаш не биле прволигаши.
Татко му бил некогашен врвен норвешки фудбалер кој исто почнал во Стриндхајм па играл уште и во Розенборг, Борусија Менхенгладбах, Бурсаспор (запамтете го овој факт), Викинг. За репрезентацијата на Норвешка таткото на јунакот на приказнава на 55 меча дал 15 гола. Мајка му била позната норвешка ракометарка, а денес му помага на синот со менаџирање на кариерата заедно со сопргугот Горан.
Како голем талент од Трондхајм, интерес за Александер Сорлот покажал најтрофејниот клуб во земјата, Розенборг (26 шампионски титули од кои 13 по ред, 12 Купа).
По неколку години во младинскиот систем на Розенборг, високиот шпиц добил нов, професионален договор во јули 2013-та. Интересно, само неколку дена подоцна, го имал дебито за тимот од Осло.
Во прво коло од квалификациите за Лига Европа против Крузејдерс од Северна Ирска, Розенборг ги декласирал гостите со 7-2, а Сорлот само 12 минути откако влегол во игра, го постигнал шестиот гол за домаќинот, негов дебитантски на 18 години.
Но тоа не било доволно да добие поголема шанса кај тренерот Аге Хареиде кој е актуелен тренер на Розенборг. Сорлот добил шанса на седум меча и тоа најчесто е од клупа за резерви. Набрзо добил понуда за позајмица во Буде-Глимт. Иако не сакал да оди верувале или не дистанцата меѓу овие два града е 1.188 километри (15 часа и 40 минути отприлика пат со кола). Крајниот краен север на Европа.
„Имав шанси да покажам во Розенборг колку сум добар, ама не успеав во тоа. Кога се преселив во Буде, живеев во тажен, мрачен стан. Далеку од дома. Не ни мислев да играм фудбал“, рекол Сорлот за норвешкиот весник VG и признал дека размислувал да се откаже од фудбал ама татко му успеал да го охрабри да продолжи.
Дека после дождот доаѓа сонце се покажало и во неговиот случај, па Александер Сорлот набрзо почнал да го покажува својот раскошен талент во Буде-Глимт, клубот кој неочекувано пред неколку сезони стана сензационален шампион во Норвешка.
На 19 години постигнува 13 гола и 5 асистенции на 26 меча (19 како стартер) во најдобрата норвешка лига и станува еден од најдобрите напаѓачи во Елитесериен.
На еден меч против Сарпсборг 08 постигнува дури 6 гола и тогаш го врти кон себе вниманието на европските скаути. На последниот негов меч за Буде-Глимт, во последното коло против Стабаек го постигнува својот втор хет-трик на сезоната.
И покрај тоа, во Розенборг пак не сметаат на него па клубот решава да го продаде за 750.000 евра (според Трансфермаркт за 550.000 евра) во холандски Гронинген. Со матичниот клуб на Арјен Робен потпишал 4,5 годишен договор во 2016-та.
Но повторно доживува пад на формата па на 38 настапи за Гронинген постигнува 5 гола и фокусот повторно е далеку од него. Цената на трансфер пазарот му паѓа.
Во меѓувреме тоа го користи данскиот клуб Мидтјиланд (сопственик е Британецот Метју Бенхам кој владее и со Брентфорд и преку статистички методи ги усовршува своите клубови) кој во високиот Сорлот гледа идеален шпиц.
Го купуваат за 450.000 евра, а Норвежанецот им враќа со 15 гола и 9 асистенции на 26 меча.
Јавноста која го следела патот на Александер Сорлот (висок 1.94 сантиметри а одличен техничар) продолжиле да сомневаат во неговата острина и му предвидувале максимум трансфер во англиската втора лига Чемпионшип. Но скаутите на Кристал Палас најмногу инсистирале на негов потпис, па управата решила да даде огромни 9 милиони евра за трансфер на норвешкиот шпиц во јануари 2018-та.
Интересно, клубот од Лондон бил должен да плати и 900.000 фунти и 2,3 милиони фунти ако Сорлот одигра 25 или 50 меча но овие точки не биле активирани. Ставиле и бонус во случај Палас да остане сезоната 2019/2020 во Премиер лига. Им успеало па на крај Мидтјиланд севкупно добил 13,2 милиони фунти.
Ни тоа не бил гарант дека нема да се повтори неговата „клацкалица“ во формата па пак почнал по системот топло-ладно да тренира и игра. Кристал Палас бил во зоната за испаѓање и му требало засилување во нападот каде фалеле повредените Кристијан Бентеке и Конор Викем. Тогаш младиот Сорлот кој наеднаш се нашол во многу сериозна лига а немал големо искуство, добил шанса без подолго време на адаптација, па тоа го чинело слаби настапи.
Менаџерот Рој Хоџсон и управата на клубот сметале дека тој не одговара на стандардите на Премиер лига и решиле да се ослободат од Норвежанецот. Шпицот кој блескаше во формацијата 4-3-3 во Мидтјиланд, сега како втор шпиц во Кристал Палас покрај Бентеке не можел да се снајде.
Му паднала самодовербата а со тоа и формата.
„Во оваа етапа од неговиот живот, тој од данската Суперлига премина во Премиер лига. Очигледно тоа беше преголем чекор за него. Но со времето научи дека треба да оди чекор по чекор за да стане посилен“, рекол татко му Горан Сорлот за норвешкиот портал Nettavisen.
Кристал Палас брзо му нашол нова дестинација. Сорлот се спакувал и потпишал позајмица во белгиски Гент но и таму со 5 гола на 22 меча не успеал да докаже дека критичарите биле во право. Се вратил после шест месеци а неговите трениинзи во Кристал Палас биле неутешителни.
Еден ден од нигде никаде на адреса на Палас стигнала понуда за позајмица од Трабзонспор, еден од поголемите клубови во Турција. Татко му Горан кој на времето во 1993/1994 играл во Бурсаспор сметал дека ова може да биде добар потег за син му да ја поврати старата форма.
Успеале да го убедат и Александер потпишал со екипата од северо-источна Турција која има најжестоки навивачи. Уште од прва фанатичните Турци го завикале „Кралот на Северот“ (како асоцијација на „Игра на тронови“). Го пречекале како цар на аеродром и тоа било знак за љубов на прв поглед меѓу Трабзонспор и Сорлот.
Студен како норвешките зими, центарфорот наеднаш се нашол во топла, бучна и бурна средина, меѓу жестоки навивачи.
Ова како да му годело па на 34 меча во само 1 година постигнал 29 гола во сите натпреварувања. Со него во шпицот, Трабзонспор до крај се бркаше за титула со богатиот Башакшехир а Сорлот му донесе и пехар во Купот на Турција на Трабзон по финалето со Анталијаспор.
Ова било најдобар резултат на Трабзон уште од 2011-та година. Навивачите биле во транс и Сорлот го гледале како божество. Кариерата му расцветала и добил повик за репрезентацијата на Норвешка.
Трабзонспор договорил позајмица со право на откуп па по страшните настапи на норвешкиот ас, без размислување купиле дел од неговиот договор со Кристал Палас.
Во септември 2020-та Ред Бул Лајциг во потрага по замена за Тимо Вернер кој отиде во Челси, решил да даде 20 милиони евра за Сорлот. Но Трабзонспор не сакал да слушне да го пушти својот најдобар странски стрелец во историјата на клубот. Навивачите го опсипувале со пораки, поддршка, љубов. Каде и да шетал низ Трабзон му скандирале, му пееле и го частеле.
Erling Haaland has something he wants to get off his chest about Alexander Sorloth 👑 pic.twitter.com/sfT3vF9ojT
— Turkwise (@_emresarigul) March 4, 2020
Почнала долга сага која траела цела вечност. РБ Лајпциг запнал и секојдневно праќал понуди за Норвежанецот, а претседателот Ахмет Агаоглу немал намера да го пушти златниот фудбалер. Целата драма добила разврска во септември 2020-та кога шпицот по настапи со својата репрезентација во Лига на нации, не се вратил на време во Трабзонспор. Го немало 3-4 дена, не се јавувал на телефон и инсистирал да го пуштат во бундеслигашот Лајпциг.
На крајот Турците морале да прифатат. Трансферот вредел 20 милиони фунти плус бонуси, а пола од сумата добил и Кристал Палас.
Но она што Сорлот го следи од почеток на кариера, се испостави и во Германија. Во дресот на актуелниот вицешампион на Бундеслига каде потпиша договор во септември 2020-та, до денес, речиси една година подоцна, тој постигна само 5 гола на 29 меча. Ни од близу не ги задоволи барањата на Лајпциг кој веруваше дека во него ќе има замена за Тимо Вернер (34 гола и 13 асистенции во последната сезона пред да оди во Челси).
Во меѓувреме во една објава во јуни на Инстаграм, Сорлот добил преку 3,5 милиони коментари од навивачи на Трабзонспор. Турските навивачи се познати по обилните коментари на социјалните мрежи а ова со Сорлот станал рекорд во постоењето на Инстаграм како објава на спортист со најмногу коментари. Ни Меси ни Роналдо никогаш немале толку.
Љубовта кон Сорлот била толку голема што тој во еден момент напиша на својот Твитер профил: „Здраво навивачи на Трабзонспор. Ја ценам вашата љубов и поддршка ама ве молам престанете да ѕвоните и праќате пораки. Ми го правите животот стресен. Што е доста доста е“.
РБ Лајпциг не бил задоволен од учинокот на Сорлот па на 25 август се појави вест дека Реал Сосиедад за норвешкиот шпиц ќе плати 15 милиони евра со цел да го засили својот напад.
За 25-годишниот Сорлот ова ќе биде дури деветти клуб во шест сезони. По Розенборг, Буде-Глимт, Гронинген, Мидтјиланд, Кристал Палас, Гент, Трабзонспор и Лајпциг, сега ќе се сели во Сосиедад. Но никаде и никогаш нема да го сакаат како на северо-истокот од Турција каде „Кралот од северот“ остави голем белег.