Арсен Венгер отсекогаш зборувал дека за успешна фудбалска кариера се потребни четири работи: Права желба, однесување и став кон работата. Венгер бил цврсто убеден и дека последниот, оној четвртиот фактор со кој го објаснува својот инстинкт да им дава шанса на младите играчи е исто важен: „Потребен ви е некој кој ќе ви верува“, велел Французинот.
Оној кој му верувал на младиот Арсен бил тренер по име Макс Хилд а необичната историја на најголемиот пораз во кариерата на овој тренер е почетна точка на уникатното остварување на Венгер во неговата 20-годишна приказна во Арсенал.
Венгер имал 19 години кога играл за локалната екипа ФК Дутленхајм против соседниот Мутциг. Тогаш се случил големиот пораз. Жан-Пол Флок бил капитен на Мутциг кој се наоѓал пет лиги погоре од малиот Дутленхајм во хиерархијата на аматерскиот фудбал во Франција.
„Разликата меѓу екипите беше огромна и ние победивме 10-1, раскажува Флок додека гледа во играчите од сегашната генерација на Мутциг. Отидовме во соблекувална а Макс Хилд не следеше и ни кажа: ’Денес видов многу добар играч’. Ние почнавме да се гледаме еден во друг мислејќи дека зборува за некој од нас а потоа додаде: ’Не играше за вас. Висок плав дечко е, Макс секогаш имаше нос за иргачи, и тоа беше голема пофалба за Арсен. Тој беше многу љубезен и резервиран кога првпат се сретнавме. Можеби изгледаше малку студено, но кога ќе го запознете може да ја видите неговата саркастична смисла за хумор и брзо да го навикнете“, се сеќава Жан-Пол на младиот Арсен.
Венгер тогаш го нашол фудбалскиот татко и наскоро заедно редовно патувале преку француската граница за да гледаат мечеви од Бундеслигата. “Разговараа само за фудбал. Арсен го бомбардираше Макс со прашања цело време“, раскажува Флок.
Извесен Џозеф Метц кој одел во иста градинка и школо во Дутленхајм се сеќава на периодот на формирање на денес славниот тренер:
„Сите го знаеа Арсен како ’Малиот’, затоа што како дете беше многу мал по раст, но потоа до 18 години наеднаш се извиши до 187 см. Нешто се случи внатре во него што му ја зголеми самодовербата. Секогаш мразеше да губи и се сеќавам дека малку време му требаше за сон: спиеше 5 или 6 часа. Никогаш не се смени. Секогаш остана приземјен. Да се зборува за него е задоволство“, вели Метц.
Метц неодамна имал операција на колкот и вели дека Венгер се јавил да го праша како оди опоравувањето. „20 години кариера - неверојатно во така конкурентно првенство. Долго размислував за тоа. Прекрасно е кога човек ќе успее, но уште поважно е да биде на врвот подолго време. Неговите корени го прават посилен“.
За два дена поминати во реонот Алзас, сите луѓе со кои се сретнале новинарите на The Telegraph зборувале за важноста на родниот крај во развојот на Венгер:
„Има германска дисциплина. Арсен знаеше да го цени напорниот труд. Се сеќавам како преку лето на 17 години работеше во фирма која поставуваше гипс картони и разни материјали. Никогаш не се плашеше ниту срамеше од физичка работа“, вели Жоел Милер, уште еден другар од детството на Венгер.
Милер се сеќава и дека постариот брат на Арсен, Ги и уште еден мештан од селото по име Пако Матео посебно влијаеле на неговиот фудбалски развој:
„Пако беше поранешен професионален фудбалер од Шпанија и секогаш зборуваше дека Арсен ќе стане одличен играч. Меѓутоа не верувале сите во тоа. Тренерот Хилд сметаше дека професионалното ниво може да се достигне на 15, а не на 19 години. А Венгер стигна од аматерскиот Мутциг до професионална кариера токму кај Хилд во Расинг (денес Стразбур) кога имаше 28 години.“
Венгер играл за резервниот тим, но бил во првата екипа која заиграла во Купот на УЕФА и за единствениот состав на Стразбур кој успеал да освои титула во Франција.
„Беше добар техничар, но уште во младоста подобар беше како тренер. На предлог на Хилд, Венгер станал тренер на малдинската школа.
Неговата желба да стане професионален играч никогаш не се споредувала со желбата да стане тренер. За време на една посета неодамна во Лондон, пријателот на Арсен, Фолк открил дека Венгер го има истиот жар од пред 40 години.
„Ме зема во тренинг базата во лондонскиот Колни. Неговиот аперитив се состои од една чаша вино, а потоа често јаде бела риба со маслиново масло и паста. Во еден момент ме погледна и ми кажа: „Жан-Пол ако сакаш да ослабнеш, дојди и јади две недели во тренинг кампот“.
Флок раскажал уште и дека само еднаш во 2009. година посомневал дека Арсен би можел да го напушти Арсенал. “Тоа беше после мечот против АЗ Алкмар. Реал го избрка тренерот и чуствував дека Венгер би можел да биде заинтересиран. Што би го мотивирало на таква одлука? Му фали само една титула: Лигата на шампионите. Мислам дека нема да води некоја репрезентација. Тој сака адреналин на теренот секој ден. Колин е негова градина“.
Извесен Жак Кревоазје играл за тимот Бом ле Дам кога првпат го сретнал 21-годишниот Венгер во Мутциг. Кревоазје исто ја потенцира важноста на секојдневен ангажман.
„Арсен студираше и се обиде да стане професионален фудбалер. Се сеќавам како велеше за фудбалот: ’Овие студии се подобри од оние другите’. Арсен е неверојатно интелегентен. Дури и сега, после секој разговор со него, заминувам со чувство дека сум попаметен“, вели Жак Кревоазје.
„Арсен никогаш не зборувал за животот на тренерите. Боби Робсон беше таков. Боби еднаш ми кажа дека му е потребен стрес. Арсен и натаму сака да се бори. Станува во 6 наутро и оди на вежбање. Во голема мера беше под влијание на Макс Хилд. Дури и кога Макс остаре, Арсен можеше да му се јави во секое време за совет. Макс за жал почина во март 2014. година“.
Кревозаје бил еден од ретките гости со Дејвид Дејн, Пет Рајс и Боро Приморац на импровизираната вечера во чест на 10-годишнината на Венгер во Арсенал. Тоа била обична вечера.
„Бев во тренинг кампот на Арсенал и обично јадев со Арсен дома. Еден ден ме праша: ’Имаш ли кравата’? Немав претстава зошто ме прашува а после вечерата ми кажа: ’Во едно сум сигурен. Ќе оставам здрав клуб. Стадионот ќе биде исплатен, долговите ќе бидат исплатени. Ќе има пари за нов тренер а јас ќе му оставам добра екипа. Тоа е неговата цел“.
Старите другари на Венгер во еден глас раскажуваат дека иако Арсен физички не е присутен во својот дом, тој секогаш се смета за дел од Дутленхајм. На пример во колата на локалните таксисти има грбови, значки и амблеми од Монако и Арсенал кои им ги дале родителите на Венгер. Сликите на Арсен висат во секој аматерски клуб а во ФК Дутленхајм славеле кога Арсенал го прегазил Челси со 3:0.
Во неговото родно место има фудбалски комплекс наречен «Stade de Arsène Wenger». Кога новинарите стигнале таму, запознале фудбалер по име Нолан кој играл на игралиштетот со дрес потпишан од Венгер. Им кажал дека мечтае да стане професионален фудбалер.
Учителката на Нолан, Дебора Мартинез раскажала дека Венгер го посетил игралиштето во мај годинава и ги повикал учениците да ги следат своите соништа. „Им кажа дека никогаш не замислувал дека ќе води така голем клуб и со ништо не бил поинаков од нив - децата беа инспирирани“, заклучила наставничката.