Како Пабло Ескобар во ’80-те го кренал колумбискиот фудбал со ужасни методи

Приказна за тоа како Ел Патрон, најголемиот нарко-бос на сите времиња од сенка раководел со клубот ривал на неговиот омилен Индепендиенте.

Копа Либертадорес е најголемо клупско натпреварување во Јужна Америка. Исто како што е Лига на шампиони во Европа.

КЛ постои од 1960-та година а се до средината на ’80-те години шампионскиот пехар го освојувале само клубови од четири земји во Јужна Америка: уругвајски тимови (6 пати), бразилски (5 пати), аргентински (13 пати) и парагвајски (1 трофеј).

Сите други клубови од останатите земји за цели 25 години успевале да стигнат само до финалето во кое губеле од претставник на горенаведените држави. Така било сè до ’85-та кога наеднаш се слеваат многу пари во колумбискиот фудбал.

ПАБЛО ЕСКОБАР - КРАЛОТ НА ОНАА СТРАНА НА ЗАКОНОТ ВО ХХ ВЕК

На почетокот на 1970-те години во Јужна Америка почнала да цвета трговијата со дрога. Се оформиле неколку големи нарко империи, а цела Колумбија била поделена на неколку региони и во секој од нив свој криминален бизнис водел одреден картел.

Во 1973 година во градот Меделин (на 239 километри од Богота), својата нарко-баронска кариера ја почнал Пабло Ескобар, човекот кој ќе стане највлијателен бос на цел свет.

Во летото 1977-ма Ескобар со тројца свои ортаци го основал картел Меделин кој за само две години ќе владее со 80% од кокаинската индустрија на Америка. Пабло во тоа време имал 30 години но веќе важел за еден од најбогатите луѓе во тој дел од светот.

Неговата финансиска империја достигнала такви височини што тој веќе почнал кокаин да доставува во огромни количини. Картелот за тоа користел воздушен транспорт и дури и неколку подморници.

Пабло заработил толку многу пари на незаконит начин поради што агентурите од многу светски земји почнале да се интересираат за трагата на парите. Ескобар во еден момент морал да ги прикрива своите махинации и поради тоа „Ел Патрон“ почнал да вложува огромни пари во инфраструктурата на својот роден град Меделин.

Благодарение на него во Меделин стигнале стотици нови автомобили, изградил стадиони па дури и цели нови квартови за најсиромашниот сталеж.

Со цел посигурно да го легализира својот бизнис и да ја зголеми популарноста меѓу народот, Ескобар почнал политичка кариера. Во 1982 година дури и влегува во Конгресот на Колумбија и сериозно размислува да се трка за претседател.

Но неговите планови и срушил министерот за правда Родриго Лара Бониља кој водел кампања против „грозните крвави кокаински пари“ на Ескобар. Поради тоа во 1984-та година Ел Патрон бил исклучен од Собранието и доживотно му било забрането да се занимава со политика.

Оваа победа министерот за правда ја платил со живот. На 30 април 1984-та година неговата лимуизина била рафално нападната во северниот дел на Богота.

ПАБЛО МНОГУ САКАЛ ФУДБАЛ ПА ВЛЕГУВА ВО ОВОЈ СПОРТ И БАТАЛУВА ПОЛИТИКА

Пред Ескобар одново се поставило прашањето: како да ги врти парите на полу-легален пат.

Пабло одвреме навреме одел да гледа натпревари од колумбиската лига. Тој од поодамна го сакал клубот Индепендиенте од Меделин (така тврдел син му подоцна).

Но една од најверојатните причини зошто Ескобар влегува во фудбалот е тоа што неговиот ортак од кокаинскиот бизнис, Хозе Гача (познат суров лик од серијата „Наркос“ од Нетфликс) веќе подолго време го спонзорирал трофејниот клуб од престолнината, Милионариос. Најголемиот ривал и непријател на Ескобар, Мигел Родригез Орехуеља вложувал пари во Америка де Кали. Сите овие клубови ден-денес нормално функционираат во колумбиската лига.

Меѓу Меделин и Кали, двата големи града во Колумбија владеел ривалитет по многу основи, па така и преку пазарот на кокаин и фудбал. Својата моќ и сила Пабло Ескобар сакал да ја покаже и преку спортот. Решил Меделин да доминира пред Кали по секоја цена.

Но во еден момент одлучил да не го одбере својот омилен Индепендиенте, туку го спонзорирал Атлетико Насионал, градски ривал на Индепендиенте.

Кога дознале кој станал газда на Атлетико Насионал, многу фудбалери од цела Јужна Америка одбивале да се преселат и играат во Колумбија. Ама Пабло, решил по секоја цена да прави голем клуб и поради тоа бил спремен да дава огромни пари за играчи од цел свет.

И покрај сите напори, големите ѕвезди од Јужна Америка не сакале да слушнат да заиграат во земјата во која глава се губела за крив поглед.

Кога немале што друго, управата на Насионал тогаш решила да тргнат по друг пат и во тимот ги носеле најголемите млади таленти од земјата, претежно од сиромашните реони. За нив не требало да се плаќа многу пари, а тие играле добро на голема сцена.

Во средината на ’80-те години за Атлетико Насионал заиграле шппицот Лионел Алварез, голманот Рене Игита и стоперот Луиз Переа. Сите тие подоцна станаа легенди на колумбискиот фудбал но во моментот кога дошле во Насионал никој не ги знаел.

Тренер на тимот станал, замислете, 38-годишниот Франсиско Матурана, неискусен млад стручњак кој во следните децении стана најдобар тренер во цела Јужна Америка, човек кој во 2001 година со репрезентацијата на Колумбија го освои првиот меѓународен трофеј во земјата.

Но во таа 1987-ма никој уште не го знаел.

БЛАГОДАРЕНИЕ НА ЕЛ ПАТРОН, КЛУБ ОД КОЛУМБИЈА РАМНОПРАВНО СЕ БОРЕЛ ЗА ТИТУЛА ВО КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС

Во 1978-ма година Депортиво од градот Кали играл фантастичен фудбал и стигнал дури до големото финале на Копа Либертадорес каде изгубил од гигантот Бока Јуниорс.

Од 1985-та до 1987-ма во финалето на КЛ влегувала Америка де Кали, но сите три пати од кои еднаш на пенали, губеле во борба за вредниот пехар. Тоа што Америка Кали три пати по ред играла финале зборувало дека градот Кали сериозно доминирал над Меделин на фудбалски план.

Во 1988-ма година почнува процватот на Насионал. Под водство на новиот тренер овој клуб завршува втор на табелата во Колумбија и само поради гол разлика ја губи титулата која ја освојува Милионариос.

Но ваквиот пласман му го отворил патот на Насионал во Копа Либердаторес за следната сезона. „Зелените“ имале многу млади таленти кои играле одлично под водство на младиот стручњак Матурана.

Сите се спремале за авантурата во Копа Либертадорес, најголемата сцена во Јужна Америка каде доминираат Бразилци, Аргентинци, Уругвајци, Чилеанци.

Насионал чиј газда од сенка бил Пабло Ескобар, без многу галама, како втор ја поминал групата. Во следна фаза се сретнале со Милионариос од главниот град на Колумбија, Богота и изгубиле. И покрај тоа што во првите 4 кола доживеале дури три порази, до крајот момците на Матурана се избориле за две важни победи и пласман во 1/8 финале.

А таму го поминале аргентински Расинг (2:1 пораз на гости, 2:0 победа дома).

Следувало 1/4 финале на Копа Либертадорес и таму пак ги чекал големиот ривал Милионариос кој прво им се наслади пред очи на титула во Колумбија, а подоцна и со прво место во групната фаза без пораз.

Но во Меделин на првиот меч Насионал славел со 1:0, а во реваншот успеал да се избори за големо реми 1:1 иако биле аутсајдери. Играчите на Милионариос биле толку бесни на судиите што изјавувале дека Насионал ги купил за да влезе во полуфинале на КЛ.

ГОЛЕМА ЕУФОРИЈА, МЕДЕЛИН СТАНАЛ ЦЕНТАР НА КОЛУМБИЈА, НА СУДИИТЕ ИМ ВЛЕГЛЕ СО ОРУЖЈЕ ВО ХОТЕЛ

Во полуфиналето на патот на Меделинците им застанал Данубио од Уругвај. Овој клуб немал големи успеси до тој момент, но играл сјајна сезона во Копа Либертадорес.

Со оглед на тоа што првиот меч во Уругвај завршил 0:0, се било спремно за голема победа на реваншот во Меделин и пласман во големото историско финале.

Натпреварот требал да го суди аргентинскиот судија Карлос Еспозито со неговите помошници. Судијата подоцна раскажувал што се случило вечерта пред мечот.

„Заедно помошниците Абел Ниеко и Хуан Бавој јадевме и отидовме на спиење. Но наместо собарките кои требаше да донесат шише вода, во собата не пречекаа четворица вооружени мажи. Пред нас на маса ставија 200.000 долари и рекоа ова е подарок за вас ако Атлетико задутре победи. Му ставија пиштол на Ниеко на глава а Бавој гледаше во цевка од автомат. Притисокот беше голем, но одбивме, им кажавме дека сме дојдени чесно да си ја работиме работата. Ни рекоа: „Добро, добро, се тоа во ред, само подобро Атлетико да победи задутре. Важите животи сега веќе ништо не вредат“. Ја демолираа цела соба и останавме дури без телефон во туѓа земја. Не можевме да заспиеме до сабајле. Јас шест месеци ги оставив цигарите ама вечерта пак пропушив“, се сеќава судијата.

И покрај тоа што судиите одбиле да свират во корист на Насионал, мечот меѓу Атлетико и Данубио се движел чудно. Сведоците се сеќаваат дека Уругвајците буквално се плашеле да играат, им пуштале на играчите од Меделин да прават што сакаат и на крај Насионал славел со 6:0.

До ден денес немало докази дека мечот бил наместен.

„Стадионот беше полн до крај. И Пабло Ескобар беше таму на трибините меѓу луѓето. Не го видовме но знаевме дека беше таму. Ни кажа началник на полицијата која не чуваше а после 10 дена него го изрешетале со куршуми. Нас уште пред мечот началник на полицијата ни кажа после натпреварот веднаш да го напуштиме теренот ако има славје. И беше во право, таа ноќ 11 лица загинале за време на прославата. На улиците имаше дрогирани суштества. Меделин беше ужасен град“, се сеќавал 20 години после мечот главниот судија Карлос Еспозито.

Во големото финале на Либертадорес, Насионал играл со Олимпија од Парагвај која веќе имала еден освоен трофеј од Копа Либертадорес.

Уште пред првиот меч (ден-денес финалето се игра со реванш), луѓето на Ескобар го барале аргентинскиот судија Хуан Карлос Лусто. Барале каде живее, кои места често ги посетува и дури во кое школо му одат децата.

Во главниот град на Парагвај, Асунсион, Олимпија одиграла многу подобро и победила 2:0. А на реваншот во Колумбија, Атлетико Насионал морал да игра во Богота а не во Меделин затоа што во градот наводно не било безбедно, иако официјалната верзија викала дека домашниот стадион на Насионал немал доволно капацитет.

Во некое чудо, Насионал ја стигнал негативата од 2 гола и мечот стигнал до пенали. Фудбалерите на двата тима извеле дури 9 удари но на крај поуспешни биле Колумбијците за големо славје од 5:4.

Херој на мечот станал Рене Игита кој одбранил четири удари. Атлетико Насионал така станал првиот клуб од Колумбија кој освоил Копа Либертадорес. Славјето траело цела ноќ.

Околу страшните ѕверства кои ги правел Ескобар има многу верзии. На пример еднаш неговиот омилен тим Индепендиенте, а не Насионал од Меделин играл во првенството и изгубил 3:2 од Америка Кали. Во еден момент од мечот Индепендиенте успеал да го израмни резултатот, но линискиот судија на тој меч, Алваро Ортега донел спорна одлука и сугерирал голот да не се признае и Индепендиенте изгубил.

Истата вечер после мечот Ортега бил застрелан од напаѓачи кои биле во автомобил во движење пред очи на колегите.

Подоцна на суд додека сведочел Џон Хаиро Веласкез, близок другар на Ескобар, наводно Пабло дента наредил да се убие линискиот судија кој не го признал голот.

НАСЛЕДСТВОТО НА ЕСКОБАР

Веќе после неколку години, во ’90-те, на Ел Патрон не му било до фудбал. Специјалните служби како од Колумбија и околните земји, така и од САД, го стегале обрачот околу него и Пабло Ескобар бил убиен на 2 декември 1993 година.

Личноста на Ескобар засекогаш ќе остане во историјата и ќе биде покриена со многу тајни и противречности. За многумина тој е суров убиец и крволочен ѕвер, а за други тој бил „колумбискиот Робин Худ“ и им помагал на сиромашните на сметка на богатите.

Наследството кое тој го оставил во Атлетико Насионал се уште трае. Многу фудбалери кои играле во периодот кога Ескобар владеел од сенка, станале прави легенди на колумбискиот фудбал и играа на Светски првенства.

Атлетико Насионал до денешен ден става акцент на младинската школа и таленти од целата земја. Ретко купува богати странци.

Во 2016-та година Атлетико Насионал по вторпат се качи на врвот на Јужна Америка и го освои Копа Либертадорес. Во финалето беа подобри од Индепендиенте Дел Вале од Еквадор. Ова е втора континентална титула за „зелено-белите“ и трета во историјата на колумбискиот фудбал.