Во 2017 година италијанскиот фудбал доживеа голем удар. Силвио Берлускони го продаде Милан на кинескиот холдинг Rossoneri Sport Investment Lux за 740 милиони евра, и заедно со извршниот директор Адриано Галијани замина од клубот кому му посвети 30 години.
Сите мислеа дека старите волци (Галиани има 74, Берлускони 82 години) завршија со фудбалот, но Силвио ја изненади јавноста и во септември 2018 го купи клубот Монца од Серија Ц. Секако, со него дојде и доживотната десна рака Галиани кој пак работи како извршен директор.
Купувањето на Монца изгледаше многу чудно. Клубот од предградието на Милано никогаш не играл во Серија А и дури во 2017-та се вратил во Серија Ц.
Интересно, за Монца во минатото, во разно време играле неколку топ играчи (Патрис Евра, Алесандро Костакурта, Маурицио Ганц, Масимо Одо, Невио Скала, Кристијан Абијати).
Новинарите во Италија пишуваа дека ова е политичка одлука. Во мај 2018 година судот го рехабилитирал Берлускони и му ја тргнал забраната да се занимава со јавни фунцкии (му беше забрането од 2013-та кога го обвинија за затајување и измами). Берлуска и се врати на политиката, но сега многу подалеку од позициите кои ги имаше во неа порано.
На парламентарните избори во 2018-та, партијата на Берлускони Forza Italia го освоила третото место по број на гласови. Денес по популарност оваа партија е четврта или петта по ред. Затоа Силвио решил да се фати за работа.
Тој постојано се појавува на телевизија и во весници, а неодамна финансирал и проект за заштита на животната средина. Инвестициите во скромен фудбалски клуб е пат да ја поправи репутацијата и да ги поврати симпатиите.
Оние кои ја познаваат репутацијата на Силвио, лесно ќе поверуваат во таквите мотиви. Но има и други теории.
ГАЛИЈАНИ ОД ДЕТСТВО САКАЛ ДА ЈА ВОДИ МОНЦА
После Милан, на Галијани му нуделе работа од Фудбалската федерација на Италија и неколку клуба од Серија А, но тој одбил. Имал само една желба каде да го продолжи патот.
Адријано е роден во Монца и од детство навивал за родниот фудбалски клуб. „Имав 5 години и мајка ми ме носеше на стадион. Тогаш уште беше стариот „Сада“ стадион.“
Кога како мал го прашувале што сака да биде кога ќе порасне, викал претседател на Монца.
Со текот на времето, кога созреал, отворил компанија за телекомуникациски апарати Elettronica Industriale. Бизнисот му одел одлично и после неколку години Адриано станал 4-ти човек во Италија во сферата на телекомуникации. Дел од богатството потрошил да ја исполни желбата: во септември 1976-та купил пакет акции во клубот Монца.
После неколку години се запознал со Берлускони. На 1 ноември 1979 година се сретнале во еден ресторан, а Силвио му предложил да ја спои неговата фирма со Telemilano58. Работата подразбирала и често одење на натпреварите на Милан, па Галијани се согласил но под услов да може да оди да ја гледа и Монца.
„Берлускони ме погледна збунето и рече добро“, рекол Галијани еднаш.
После седум години Силвио го купил Милан и му понудил на Галијани да биде извршен директор. Адриано се согласил но никогаш не заборавил на родниот клуб.
„Сите овие години јас прво го следев Милан а потоа прашував што направи Монца?“
Оттука и логично, Галијани лани му предложил на поранешниот италијански премиер да ја купат Монца. Во летото 2018-та тој му се јавил на претседателот на клубот Николо Коломбо и прашувал дали се заинтересирани да продадат мнозинство акции. Кога добил потврден одговор, му пренел на Берлускони.
Секој понеделник тие ручаат заедно а Галијани дополнително барал репете од јадењето, за да има повеќе време да го убедува Силвио.
БЕРЛУСКОНИ ИМ ЗАБРАНИЛ НА ИГРАЧИТЕ НА МОНЦА ШАРЕНИ ФРИЗУРИ, ТЕТОВАЖИ И ОБЕТКИ
Стариот лисец Силвио има свои интереси во Монца.
Прво тој многу сакал романтична историја на искачување од ниските лиги во елитата. Последните години постојано ја фалел Парма која преживеа банкрот, падна на дното и се врати во Серија А.
„Мене ме инспирира Парма. Тоа што го направија е неверојатно. Сакам еднаш да го повторам тој пат со друг клуб“, мечтаел Силвио во 2017-та.
Второ, Берлускони одамна го презира модерниот современ фудбал. Го гневат огромните плати, странски легионери и циркускиот надворешен изглед на играчите кои фарбаат коси.
Во 2013-та го критикувал Марио Балотели за фризурата: „Никогаш не мислам на Балотели. Тој е како скапана јаболка, може да ја зарази секоја екипа кај што ќе оди. Дури и Милан“, рекол Силвио.
Затоа кога дошол во Монца тој поставил неколку правила.
Во октомври 2018 Монца ги заинтригирала сите спортски медиуми. На првата прес-конференција Берлускони раскажал за правилата кои се донесени:
- Прва точка: во составот ќе играат само италијански играчи. „Тоа ќе биде одговор на екипите од Серија А кои на терен вадат по 11 странци со презимиња кои не се изговараат“, рекол Берлускони и продолжил:
„Играчите ќе имаат строга забрана да носат бради, да имаат тетоважи, чудни фризури и обетки.“
Во Монца Берлускони нашол фризер кој се согласил бесплатно да ги шиша играчите.
- Режим на максимален фокус на теренот: никакви груби фаули, а ако се направи потежок прекршок треба да се извиниш.
- „Никој нема да става нејасни шкртаници наместо потпис. Кога од играч на Монца ќе побараат автограм, тој треба мирно да напише име презиме, со убав ракопис. Мора да прифати селфи со навивачите, за секој навивач тоа е многу важно“, рекол Силвио.
Новите правила станале проблем за неколку играчи на Монца. Напаѓаќот Саша Кори има тетоважи по цела рака, а играчот од среден ред Ерв Нанге има камерунски корени и не баш италијанска боја на кожа каква што сакал Берлускони. Напаѓачот Џеферон не само што е од Браизл туку има и долга брада. Најголемата ѕвезда на екипата - Бразилецот Реџиналдо играл во Фиорентина.
„Просто носам дрес со долги ракави. А ако некогаш заборавам, тогаш клубот ми ја покрива тетоважата. Управата не прифатила ваков изговор и зимово го продале центарфорот. Галијани тврдел дека е продаден од играчки причини, но никој не октрил кои се тие.
Галијани со голем ентузијазам се фатил на работа, како некогаш во Милан и во првиот трансфер преоден рок потпишал дури 16 играчи, од кои сите ги исполнуваат критериумите на Берлускони. Единствено „боде очи“ Симоне Јоколано кој има долга коса и многу тетоважи по рацете.
„Да кажеме дека 95% од дечките се во склад. Но ние не одбиваме квалитет дури и ако некој не одговара на критериумите. На пример Фосати е прототип за наш идеален играч. Израснат во католичко семејство, работи социјална работа, помага“, објаснил Галијани.
ЗИМОВО ВО МОНЦА ЗА МАЛКУ НЕ ДОШЛЕ КАКА, ШЕВЧЕНКО И ЏИЛАРДИНО
Откако објавил дека го купиле клубот Монца, Галијани добил многу повици од менаџери и газди на клубови. Медиумите најавуваа дека во предградието на Милано ќе дојдат Монтоливо, Абате и уште десетина играчи од Серија А.
Во првите месеци Галијани мечтаел да го врати духот на славниот Милан и разгледувал екс-играчи на росонерите. Андреј Шевченко за малку не станал тренер на Монца, а негов помошник дури и дошол на прес-конференција на Галијани.
Но Шева се реши да остане во репрезентацијата на Украина, а за тренер бил назначен Кристијан Броки кој играше за Милан од 2001 до 2007 и освои два пехари во Лига на шампиони.
Броки едно време кратко го тренираше дури и Милан во април 2016 по отказот на Синиша Михајловиќ.
Најгласно се слушанле шпекулациите за трансфер на Кака. Галијани му ѕвонел на Бразилецот кој во моментов игра во Фламенго и му предлагал да дојде во Монца, но Кака не сакал да го напушта Бразил и семејството.
Уште еден топ-ветеран кој Галијани сакал да го потпише бил Алберто Џилардино (36-годишниот шпиц кој не играл лошо во Пескара и дал 6 гола во Серија Б). Но наместо во Монца, Џила ја завршил кариерата и станал тренер на аматерскиот клуб Реѕато.
Тогаш Галијани потпишал 16 играчи од Серија Б меѓу кои има многу анонимуси кои не ги знаат ниту во Италија. Најпознато име бил Матеус Толентино, чиј помлад брат Лукас Пакета во јануари премина во Милан за 35 милиони евра.
Трансферот го организирал агентот на браќата, Едуардо Урам кој се познава со Галијани уште од 2009-та година (тогаш го средил трансферот на Тиаго Силва во Милан).
Минатава зима, Монца на трансфери потрошила 1,6 милиони евра. Смешна сума за Галијани кој во минатото знаел да потроши и по стотици милиони. И самиот вели дека му е чудно.
„Кога му ѕвонев на Џунтоли (спортски директор на Наполи) да го прашам за Анастазио, тој ме прати кај Анчелоти. Зборувавме со Карло и се сеќававме на времето со Пирло и Кака“.
БЕРЛУСКОНИ МЕЧТАЕ ДА ЈА ВНЕСЕ МОНЦА ВО СЕРИЈА А
Жителите на Монца некако повеќе сакаат мотоспортови. На пар километри од градот се наоѓа националниот автодром каде се вози најлегендарната Формула 1 трка.
Фудбалот не е многу популарен во Монца. Стадионот „Stadio Brianteo“ собира 18.000 гледачи и се наполнил до крај само еднаш кога концерт имал Мајкл Џексон на почетокот на ’90-те.
Прва цел на Берлускони му била да ги врати луѓето на трибините. За такво нешто го реконструирал стадионот и ги намалил цените на карти: 10 евра за централна трибина и 5 евра зад головите. „Сакаме да станеме бренд на Брианца каде живеат 870.000 жители“, рекол Берлускони.
Со текот на времето, по доаѓањето на Берлускони, Монца има се повеќе гледачи. Луѓето доаѓаат без разлика што екипата заостанува 12 бода зад лидерот Порденоне и ги изгуби шансите да влезе во Серија Б. Тоа нема да го налути Берлускони кој планира клубот да влезе во А за две сезони.
На 6 кола до крајот од првенството Серија Ц група Б, Монца е четврта со 13 победи, 12 нерешни средби и 7 порази и ќе игра во бескрајниот плејоф за пласман во погорна лига.
Главниот конструктор на измени во клубот е Галијани. За разлика од Силвио тој секојдневно е во клубот.
„Во Милано јас бев како позајмен на 31 година, а сега се чуствувам како Одисеј кој се враќа на Итака“, се смеел стариот лисец Адриано.
Тој искрено зборува дека обожава да работи во саканиот клуб, но намерите на Берлускони се сомнителни. Многу луѓе сметаат дека неговите критериуми во клубот се популистички. Тој намерно го прави тоа за да ги освои повеќето навивачи и гледачи.
Но од друга страна, во светот каде со фудбалските клубови владеат азиски инвестициски фондови, играчите менуваат клубови повеќе од чорапи, и нема никаква романтика, приказната за Монца е убава бајка која не знаеме дали ќе има среќен крај.