На 19 март 1950-та сметководителот Чарлс Рип отишол да го следи мечот меѓу Свиндон Таун и Бристол Роверс. За време на средбата го извадил тефтерот и почнал да фаќа забелешки користејќи симболи кои сам ги измислил.
Со тек на време Рип истото го направил на повеќе од 2.200 натпревари, а за да ги анализира податоците на еден натпревар му биле потребни 80 часа. Само финалето од СП 1958 му одземало три месеци за да го анализира.
Со помош на податоците кои ги собирал, тој открил дека гол паѓа во просек после секој деветти удар, дека 80% од головите се постигнати од движења направени со помалку од четири додавања и дека 50% од головите се постигнуваат со крадење топки на оддалеченост од 30 метри од гол линијата, односно на последната тренира од теренот.
Сметководителот заклучил дека тимовите ќе бидат поефикасни ако трошат помалку време во меѓусебно додавање (тука Барса не би се сложила) и ако повеќе се обидуваат да шутираат во гол. Оваа стратегија стана позната како играње со долги топки.
Има два проблеми во играта со долги додавања. Прво не е убава за око и второ анализата на податоци на Чарлс Рип е премногу површна. Во 2005 година професорот Јан Франкс и математичарот Мајк Хјус кој се бави со компјутерски анализи ги анализирале податоците од две Светски првенства.
Тие пронашле податоци компатибилни со анализата на Рип кои покажале дека повеќето голови се постигнуваат после помалку од четири додавања едноставно затоа што тоа го придонеле движењата, а не дека шансите за гол биле поголеми. Потоа откриле дека екипите кои имаат повеќе успешни додавања имаат поголеми шанси за гол.
„Се разбира дека се потребни вешти играчи за да се одржи долгиот период на додавања. Потоа сите забораваат дека тимовите кои знаат долго да ја задржат топката, како на пример Бразил, го освојуваат Светското првенство“, вели Хјуз.
Рип не важел за голем аналитичар и имал ограничено разбирање во фудбалот, но затоа бил одличен сметководител со утврдени идеи и баран во фудбалот кај луѓето кои преферирале фудбал со долги топки.
Дека тефтерот не умира, доказ е Луј ван Гал и ред други тренери кои и ден денеска фаќаат забелешки од клупа, но тие нивни забелешки немаа врска со тоа што денеска го прави „Prozone“. Се работи за компанија која има развиено софтвер кој со помош на осум камери вади дводимензионална птичја анимација од фудбалски натпревар.
Машината може да го следи движењето на секој играч секоја 0,1 секунда, да регистрира во просек по 3.000 давања на натпревар и да обезбеди одговор на голем број статистички прашања. Prozone е всушност пионер за вршење анализа во спортот основан во 1995-та година и главна конкуренција на познатата Optа која вади статистика во живо.
Кога Сајмон Вилсон пристигнал во Саутемптон работел како консултант за технологија во Prozone, а тренер на екипата бил Хари Реднап.
„Prozone не беше дел од културата на игра и повеќето тренери не беа навикнати на тоа и јас не можев да разберам зошто не сакаат да имаат ваков вид на информации. Еднаш пред мечот меѓу Лутон и Саутемптон во август 2005-та имав брифинг со Реднап и играчите, но тој беше нервозен ако треба да се преоптоваруваат играчите со информации“, вели Вилсон.
Саутемптон загуби 3:2, а во клупскиот автобус Реднап му се свртел на Вилсон:
„Знаеш што, ајде ако не следната недела донеси го твојот компјутер да игра против нивниот па да видиме кој ќе победи“
Иако на вакви иновации на почеток имало повеќе тренери како Хари Реднап кои пружале отпор, денес 19 од 20 клубови во Премиер лигата користат Prozone. Сите имаат вработено свои аналитичари и научници за податоци кои се занимаваат со перформансите на играчите и кои во време на мултимилионски суми кои се вртат во фудбалот потребно е со додатни модерни алатки да се обидат да бидат еден чекор пред другиот.
Сајмон Вилсон во 2006-та станува дел од Манчестер Сити каде се отвора нов оддел кој се занимава само со фудбалска анализа. Ги ангажирал најдобрите аналитичари кои треба да создадат континуиран циклус помеѓу она што се случило на натпреварот, зошто се случило и како понатаму.
По две години Сити го презеде групацијата Абу Даби Јунајтед за развој и инвестиции која е во сопственост на кралското семејство на Абу Даби и клубот одеднаш почна да ги користи сите можни ресурси за да може да се носи со предизвикот наречен Премиер лигата.
Вилсон денеска е менаџер за стратешка анализа на игрите на Манчестер Сити и истовремено координира пет сектори во клубот. По секој меч тие собираат опширни извештаи, фокусирајќи се на статистички податоци кои мислат дека се релевантни. Листата е голема, па така на пример тие анализираат што се случува 20 секунди откако тимот ќе освои или ќе загуби топка.
Исто така многу обрнуваат внимание на поседот на топка на последната третина од теренот, мерка која што е утврдено дека е во тесна корелација со освојувањето на победите. За таа цел клубот бара играчи кои просечно имаат одличен процент на успешни додавања во напад.
Кога Манчестер Сити во еден одреден период немал постигнато гол од корнер на 22 средби, тимот на Вилсон решил да анализира 400 голови од корнер за да го подобри тој просек во клубот. Во следните 12 средби од следната сезона фудбалерите на Сити дале 9 гола од корнер.
Кога Вилсон работел во Prozone како консултант во Саутемптон, откако ќе ги соберел информациите ги ставал на хард диск, патувал во Лидс во 2 по полноќ, ги процесуирал преку ноќ и за реализација се враќал во Саутемптон. Понекогаш тоа го правел по 20 часа дневно бидејќи живеел во Лидс со уште 10 други консултанти на Prozone.
Во 1999-та Манчестер Јунајтед се согласил да плати 50.000 фунти за да го купи Prozone, но само ако ја освои титулата. Таа сезона Црвените ѓаволи ја освоија тројната круна и така овој клуб стана нивниот првиот клиент. Потоа август следната година уште шест клубови го купија софтверот.
Директорот на Prozone, Рам Мајлвагенам во 2000-та година добил повик од Сем Алардајс кој бил импресиониран од машината. Ја вовел додека беше тренер на Болтон и формирал тим од четворица кои требале да направат план околу работата на податоците.
Тие откриле дека за една екипа да не испадне од лига потребно е да не прими гол на минимум 16 од 38 средби во првенството, потоа дека ако дадат први гол имаат 70% шанса за да го добијат мечот, како и дека една третина од головите паѓаат од прекин.
Алардајс инсистирал игра со долги топки длабоко во шеснаесетникот на противникот и ако некој играч не ја следи неговата наредба полудувал затоа што знаел дека на тој начин шансите за гол им се помали. Од 2003-та до 2007-ма Болтон секогаш завршуваше во топ 8 во Премиер лигата, што е нивни рекорд на конзистентност. Во 2005-та и 2006-та клубот беше дел и од Лига Европа.
Prozone може да извади статистика за квалитетот на секој играч, па така на пример кога Герет Бејл дал 21 гол од 161 удар за Тотенхем, според моделот за очекување дека ќе постигне гол требал да постигне 11. Таа сезона тој често шутирал од далеку односно од позиции кои носат мала веројатност за успех.
„Што се случува 10 секунди откако ќе ја загубиме топката? Врз основа на таа анализа се прави одбранбена тактика за играта. Може да имате фантастичен тим на аналитичари, но никогаш нема да добиете натпревар ако не успеете да влијаете врз играчите. Кога Манчестер Сити ја освои титулата на крајот имавме најмалку примено голови во Премиер лигата. Остваривме многу рекорди, а повеќето од тоа се должи на талентот на играчот. Мислам дека 30% од успехот се должеше на колку добро се подготвувавме и максимално го искористивме потенцијалот на играчите“.
Вилсон го пропуштил последниот и клучен меч на Манчестер Сити во освојувањето на титулата 2012-та поради задоцнет лет и го гледал само првото полувреме на тв по кое воделе 1:0. Сити имаше ист број на бодови со Манчестер Јунајтед, но подобра гол разлика, а во последното коло играше против КПР.
Во второ полувреме гостите дадоа два гола, а во втората минута од судиското продолжение Џеко израмни на 2:2, резултат со кој Сити ја губи титулата. По две минути Агуеро прима топка на работ на шеснаесетникот, на позиција која според Prozone има 12% шанса за гол.
Наместо да шутира се движи на страна во шеснаесетникот каде што има 19% шанса за гол од каде погодува за комплетен пресврт. Вилсон потоа слетал и на вести слушнал дека Манчестер Сити станале шампиони.
Софтверот Prozone денеска го користат над 350 клубови во фудбал, кошарка, рагби, хокеј, американски фудбал и бејзбол, а годишно се вршат анализи на преку 80.000 играчи на над 12.000 натпревари.