
33. коло од Серија А скроз ги замрси работите на врвот на табелата, бидејќи еден ден по гостинскиот триумф на Наполи против Монца од 0:1, Интер загуби со идентичен резултат од незгодната Болоња која гризе за ЛШ.
И сега Интер и Наполи имаат идентичен број на бодови. По 71.
ШТО СЕ СЛУЧУВА АКО ТАКА БИДЕ И НА КРАЈ?
Ако и Интер и Наполи завршат со ист број на бодови, следува мајсторка, односно еден натпревар кој ќе биде одлучувачки за титулата.
Ова е новитет во Серија А воведен пред три години, што значи нема да се гледа ниту гол разликата, ниту меѓусебните дуели.
После завршувањето на 38-то коло, нови 90 минути меѓу двете екипи ќе бидат потребни за да се одлучи Скудетото. Тоа би бил уникатен натпревар кој во случај на нерешено оди директно на пенали.
КОЈ БИ БИЛ ДОМАЌИН?
Следно што ќе треба да се одлучи во таков случај е каде да се игра мечот. Постојат пет критериуми по следниов редослед:
1. Меѓусебни дуели
2. Гол разлика во меѓусебните дуели
3. Гол разлика во цела сезона
4. Повеќе постигнати голови
5. Ждрепка
Првите два критериуми отпаѓаат, бидејќи и двата меча меѓу Интер и Наполи сезонава завршија 1:1. Според третиот критериум, а тоа е гол разликата во цела сезона, Интер е далеку подобар бидејќи има +40, а Наполи +27.
Тоа значи дека ваквото финале би се играло на Џузепе Меаца.
КОГА БИ СЕ ИГРАЛ?
Датумот на една таква евентуална мајсторка би била предмет на дополнителна дискусија, со оглед на тоа што Интер има многу згуснат распоред. Играат на три фронта, како полуфиналисти во Куп на Италија и ЛШ.
Можен датум е 31 мај/1 јуни или еден викенд после завршувањето на сезоната. Но мора да се земе предвид финалето во ЛШ, инаку закажано токму за сабота 31 мај.
ИМАЛО ЛИ ДРУГ ПАТ ВАКОВ МЕЧ ВО СЕРИЈА А?
Во историјата на италијанскиот фудбал запишан е само еден ваков случај, а тоа е мечот Болоња - Интер, одигран во 1964-та година.
Победник во Рим била екипата на Болоња со 2:0, за нив седмо и последно Скудето, кое го сонуваат веќе шест децении.
РАСПОРЕДОТ НА ДВЕТЕ ЕКИПИ ДО КРАЈ
На 5 кола до крај, Интер треба да се соочи со три екипи кои се наоѓаат од горниот дел на табелата, односно од топ 10, а Наполи таков противник има само еден, тоа е Торино.
34. коло: Интер-Рома, Наполи-Торино
35. коло: Интер-Верона, Лече-Наполи
36. коло: Торино-Интер, Наполи-Џенова
37. коло: Интер-Лацио, Парма-Наполи
38. коло: Комо-Интер, Наполи-Каљари