Аркадиуш Милик живее во Џулијано, населба на пет километри од центарот на Неапол. Од стадионот „Сан Паоло“ до дома центарфорот на Наполи Милик вози половина час, а од доцните натпревари некогаш се враќа дома после полноќ.
По големата победа над Ливерпул во Лига на шампиони, репрезентативецот на Полска и неговата девојка Џесика стигнале дома во 0:25, застанале пред вратата и таман да ја отворат пред нив се појавиле две лица со качулки на главата.
Едниот извадил пиштол и мирно побарал од Милик и девојка му да ги испружат рацете. Девојката носела Rolex Dayton, а Милик имал златна бразлетна со брилијанти која чинела 27.000 евра. Сè се случило во секунда, крадците брзо го земале накитот и избегале на мотор, а Милик и девојка му влегле во вилата и викнале полиција.
Милик не бил случајна жртва: крадците точно знаеле дека тој ќе дојде дома подоцна после мечот со Ливерпул, влегле во неговиот дом и смислиле цел план каде да ги чекаат.
Во последните шест месеци фудбалери на Наполи неколку пати беа жртви на грабежи. Пред да дојде во Наполи, фудбалерот Јунес бил уценуван од Камора, а голманот Рејна бил поврзуван со браќата Еспозито кои ја раководеле мафијата.
Кога последен пат играчи на Наполи беа ограбувани од криминалци (во 2011-та за три месеци биле опљачкани Кавани, Лавеци и капитенот Хамшик на кого му впериле пиштол додека бил во кола со трудната сопруга), се појавила верзија дека мафијата сака да го земе клубот под контрола. Постои легенда дека кога Камора управувала со Наполи во ’80-те - клубот бил прв на табела.
****
КАКО МАФИЈАТА РАБОТЕЛА ВО 90-ТЕ КОГА ОТВОРИЛЕ ВОЈНА СО СУДОТ
Во 1992 година, синот на Салваторе Бањи, поранешен фудбалер на Наполи, Интер и репрезентативец на Италија, тригодишниот Рафаеле Бањи загинал во сообраќајна несреќа кога возилото го управувала сопругата на Салваторе а во колата биле сите три деца.
Еден месец по трагедијата, телото на малиот Рафаеле исчезнало од ковчегот на гробиштата во Чезенатико (во реонот Римини). Монструозните крадци се прекачиле преку ѕидот од капелата, ја тргнале тешката мермерна плоча а стражарите не забележале ништо.
Болните умови од поранешниот фудбалер Салваторе Бањи барале 300 милиони лири (околу 220.000 долари) за враќање на телото на малиот Рафаеле. Салваторе бил психички скршен и немал сили да преговара со крадците. Реалната причина за таквиот однос не била во парите туку тоа што Камора му кажала на Салваторе дека „молчењето е злато“.
На почетокот на ’90-те години Сицилијанскиот судија Џовани Фалконе убедил неколку мафијаши да го прекинат кодексот на молчење. Тогаш се појавила и теоремата Бушета (името на Томазо Бушета, шеф на мафијата кој станал првиот сведок-соработник на обвинителството откако направил пластична операција и се селел од место во место во САД).
Оваа теорема значела дека мафијашите не сносат одговорност за поединечните престапки на членовите на мафијата.
Теоремата помогнала во собирањето докази против криминалците. Мафијата одговорила со војна, а Коза ностра жестоко му возвратила на Фалконе - со неколку тони динамит извршила атентат врз автомобилската колона во која се возел Фалконе кај Палермо.
Еден од организаторите на овој незапамтен атентат во Италија бил Пјетро Пуљезе. Тој бил познаник на Марадона а во 1991-ва раскажал за врските на Наполи со мафијта. Неговиот исказ се поклопувал со легендата за матните игри на скудетото освоено во 1988 година: во таа сезона Наполи се борел за втората титула по ред, но во финишот (на пет меча освоил само 1 бод) завршил втор.
Се вели дека токму мафијата била одговорна Наполи да заврши втор а не прв.
СКУДЕТОТО 1987/88 ГО КУПИЛА МАФИЈАТА?
На 10 мај 1987 Наполи првпат станал шампион на Италија. Скудетото се славело со денови и ноќи, не работел никој а миланскиот весник Il Sole излегол со наслов: „Скудетото на Наполи ја осиромаши камора.“
Весникот тогаш продал 100.00 изданија ширум Италија. Целата земја читала, Неаполитанците славеле и брзо сите заборавиле. Но после некоја година одново се отворила темата и самите луѓе во Неапол говореле за матните игри дури и без помош на миланскиот печат.
Во сезоната 1987/88 Наполи во составот ги имал Карека, Џордано и Марадона и екипата летала кон втора титула по ред - во 25 кола изгубиле само два пати (од моќните Милан и Рома) и имале четири бода предност во однос на ривалите (тогаш за победа се давале два бода).
Новото скудето би било славено уште повеќе а со тоа Комора би изгубила дел од криминалните бизниси кои би биле „на чекање“. Мафијата го држела нелегалното обложување (тото-неро) и решила се да фрли на таа карта. Переле пари преку обложувањето.
После првенството во 1987-ма Неапол верувал во семоќниот Марадона толку многу што на нелегално обложување се уплатиле околу 20 милијарди лири дека Наполи ќе го освои скудетото. Коефицентот бил 13.
Во случај Наполи да ја освоел титулата, Камора ќе била во загуба од 260 милијарди лири (околу 202 милиони долари во тоа време).
До крајот останале уште пет кола а Наполи бил прв со четири бода предност.
Тогаш се случиле работи за кои играчите на Наполи од тој период ден-денес не сакаат да зборуваат и обично молчат. Некој го ограбил домот на Салваторе Бањи и му се заканувал. На Марадона кој во Неапол ни комарци не го касале колку бил обожуван, наеднаш му го демолирале автомобилот на паркинг.
Екипата во конфузна состојба изгубила од Јувентус а веќе во следното коло одиграла нерешено со Верона. Предноста на табелата паднала на само еден бод, но Марадона и Чиро Ферара не мислеле на тоа туку набрзо биле откриени како гостувале на отворање на ноќен клуб во Германија на познат мафијаш.
Во последните три кола Наполи не победил и скудетото го освоил Милан.
Екипата скоро се распаднала: Бањи, Џордано и Гарела си отишле од Наполи а целиот тим молчел. Во еден момент исчезнале вредни предмети од банкарскиот сеф на Марадона а Диего не се јавил во полиција и не дал исказ.
Наместо тоа отишол кај Салваторе Ло Русо, моќен мафијаш чиј брат бил „капо ди тути капи“. Аргентинецот кој бил сакан од целиот град се пожалил дека му фалат работи и брзо му биле вратени четири златни часовници, а „Златната топка“ за најдобар стрелец која исто ја чувал во банка ја претопиле и веќе не ја видел.
Во 1995-та Салваторе Ло Русо бил прогласен за исчезнат. Тој подоцна открил тајно скривалиште близу Неапол во кое можело да се влезе само со таен код. Властите го уапсиле дури во 2009-та а во 2011-та тој раскажал дека банкарскиот сеф на Марадона му го ограбиле еден од клановите на Камора.
Постои и друга верзија за скудетото. Еден од нарко-дилерите во Неапол, Розарио Виљоне пред судот кажал дека мафијата нема ништо со титулата и дека скудетото го купил Милан. Наводно Силвио Берлускони му ветил на Ферлаино (тогашен претседател на Наполи) недвижнини во најелитниот дел на Милано, а титулата му била важна на Берлускони за пи-ар и политички поени.
Ферлаино се негирал а Берлускони рекол: „Тоа е апсурд кој не вреди да се коментира.“
КАКО КАМОРА ВЛАДЕЕЛА СО НАПОЛИ?
Приказните околу скудетото се завршиле во средината од ’90-те години а фудбалерите никогаш не зборувале за тоа. Никој ништо не видел и не слушнал. Се отворил единствено Пјетро Пуљезе, еден од пријателите на Диего меѓу мафијата.
„Во декември 1989-та на аеродромот Фиумичино се сретнав со Алесандро Бертеро кој беше одговорен за доставка на кокаин. Ја однесов дома целата пратка - во неа имаше три килограми а потоа му го предадов на Диего. За тоа ми платија 25 милиони лири.“
Овие тврдења не биле поткпрени со докази и биле недоволни за покренување обвинение. Марадона дури и се судел со Пуљезе но парницата завршила сосема неочекувано: Пјетро признал дека убил пет луѓе и раскажал за матните работи на 15 мафиози кои биле уапсени. Избегал само Гиљермо Копола, менаџерот на Марадона кој се криел во Јужна Америка.
Вистината во тврдењата на Пуљезе никогаш не може да се докаже а некои сметале дека тоа се лажни информации.
Дека Марадона бил поврзан со мафијата било несомнено. Тој имал дружби со кланот на Ло Русо кој секогаш се мотал околу клубот Наполи (во 2011-та Антонио Ло Русо му помогнал на Лавеци да си ги врати украдените работи во замена за ветување дека никогаш нема да премине во Јувентус или друг италијански клуб). Марадона несомнено бил близок и со кланот Џулијано.
Кланот Џулијано го држел реонот Форчело. Основан бил од шест браќа, преживеал неколку војни на Камора бил разбиен дури во 2000-те години по внатрешни судири (ќерката на главниот бос се омажила за синот на босот на ривалскиот клан).
Луиџи Џулијано по прекар „Кралот“ прифатил да биде сведок-соработник кога полицијата во престрелка убила двајца негови браќа. Нунцио Џулијани по смртта на синот кажал дека во голема книга ќе ја разоткрие камора но набрзо го убиле. А Џовани Џулијано го убиле кога ја одбил програмата заштитен-сведок.
Мафијата го снабдувала Марадона со кокаин и проститутки (пријател на Аргентинецот раскажал дека Диего имал над илјада жени во Неапол). Марадона често бил на вечери организирани од камора. Бил и на јахтата на Ло Русо но тоа не значи дека работел за мафијата.
Тој бил поврзан со камора како што со неа било поврзано се во Неапол. Диего бил непроценлив брилијант - неговото присуство го зголемувало влијанието на кланот и авторитетот на мафијашкото семејство.
„Затоа тие ги уважуваат ѕвездите на фудбалот како светци. Марадона не требал да работи за нив - него не го закачале, го третирале како крал за една дружба. Вечерите на Камора биле работа за репутација и дел од бизнисот. Ако некој фудбалер одбиел контакти со нив, често му го палат автомобилот во знак на закана и опомена“, заклучува адвокатот Рафаеле Кантоне.