Како Холандија загуби верба во фудбалскиот татко

Жално е кога човек го руши својот авторитет граден со години. Чекор по чекор тоа му се случува на холандскиот селектор Гус Хидинк, за кого Роман Абрамович вложи крајни напори да го донесе во Челси во 2009 година. Гус некогаш беше магионичар, а сега никој не му верува.

Деновиве тешко е да се најде навивач во Холандија кој го поддржува Гус Хидинк. Сите бараат оставка од него, а некои одат до таму да го мразат човекот кој го сметаа за најсимпатична фигура во фудбалот.

Минатата сабота, точно една година како Гус Хидинк официјално го замени Луј Ван Гал на клупата на Холандија, „лалињата“ избегнаа пораз на Амстердам Арена од Турција во судиското продолжение. Хунтелар го смени правецот на топката по шутот на Снајдер и Холандија спаси макар еден бод.

Кампањата за ЕП 2016 започна со пораз од Чешка Република 2-1 и продолжи со фијаското на Исланд 2-0 каде Холанѓаните немаа еден шут на гол. По двата порази и ремито со Турција, „Портокаловите“ може да размислуваат само за третото место и баражот.

Видно изморен по дуелот со Турција, Гус Хидинк изјави: „Мора да сфатиме дека Холандија веќе не е во врвот на европскиот фудбал. Завршивме трети на Мундијалот и тоа е убаво, но реалноста не е таква“. Во подробната анализа, новинарот на ЕСПН се запрашува каква е реалноста на холандскиот фудбал?

„Орање“ беа втори и на СП 2010 и лесно се квалификуваа на секое големо натпреварување по дебаклот во 2001 под Ван Гал. Очигледно е дека Хидинк ја загубил довербата во играчите а и тие во него. Во анкетата на холандскиот дневен весник Алгемен Дагбалд, само 9% од навивачите веруваат дека Холандија може на ЕП 2016 директно од првите две места. 31% смета дека Холандија ќе оди во Франција преку баражот, а дури 60% одговориле дека нема теорија за пласман.

На Гус Хидинк најмногу му се замерува за составот. Иако му недостасуваше повредениот Арјен Робен, како и Робин Ван Перси и Рон Влар, сепак тоа не е оправдание за слабата игра. Ван Перси и Робен играа против Исланд, па Холандија загуби 2-0.

Најголема замерка за 68-годишниот Гус Хидинк е упорното форсирање на Ибрахим Афелај, фудбалер кој токму Хидинк го промовираше во ПСВ Ајндховен пред една деценија. Холандските медиуми не може да се начудат како тоа игра Афелај, а не играат Дејви Класен од Ајакс и Жорди Класи од Феенорд Ротердам.

Покрај критиките од јавноста, Хидинк се соочува и со остри критики од колегите. Со „дрва и камења“ по него фрлаат Руд Гулит, Франк Де Бур и Роналд Куман. Холанѓаните го сметаа токму Куман за најдобар избор за селектор, но фудбалската федерација му понуди да биде помошник на Хидинк, што Куман одби и замина во Саутемптон.

По магиите што ги правеше како селектор на Јужна Кореја и Австралија, во 2009-та година почна стрмоглавиот пад во кариерата на Гус Хидинк. Најпрвин со Челси испадна од полуфиналето на ЛШ со Барселона, кога Иниеста во продолжението ги елиминираше Сините. Потоа следуваше сензационален пораз на Русија во баражот со Словенија за пласман на СП 2010. Хидинк не успеа ниту во Турција, каде Хрватска со Славен Билиќ ги уништи во баражот за ЕП 2012. Следна дестинација на Хидинк му беше Анжи Махачкала, скапоцен тим граден за титула, кој на крајот заврши како трет без никаква игра.

Проблемот лежи во тоа што холандската фудбалска федерација нема добра алтернатива во случај да му врачи отказ на Хидинк. Франк Де Бур не е заинтересиран и веројатно ќе го превземе Тотенхем на лето. Филип Коку нема да го напушти ПСВ Ајндховен, така што единствено решение е помошникот на Хидинк, Дејви Блинд. Холандија вечерва игра пријателска против Шпанија, која ќе сака да се одмазди за дебаклот од 5-1 на СП во Бразил. 

Холандија под Хидинк:
Пораз од Италија 2:0 (пријателска)
Пораз од Чешка 2-1 (квалификации)
Победа над Казахстан 3-1 (квалификации)
Пораз од Исланд 2-0 (квалификации)
Реми со Турција 1-1 (квалификации)

Виа ЕСПН.

31 март 2015 - 11:35