Приказната за фудбалскиот пат на Дани Алвеш

Како детето кое садело лук и тикви стигна до светска слава

Фудбалската дрскост уште на 10 години го направила подобар играч од постарите деца. Од своето село се сели во големиот град Баија каде три месеци не се појавил во школо поради што мајка му му ги тегнела ушите.

Како мал Дани Алвес станувал во 4 сабајле, ја земал мотиката и тргнувал на нивата во местото Салитре каде работел со татко му и брат му. Живееле 30 километри од Жуазеиро, чуден бразилски регион каде пола година немилосрдно тепа дожд, а пола година пржи силно сонце.

Поради овие услови, земјоделието таму секогаш било ризична работа: може да заработиш многу пари во една година, а може да останеш и со празни џебови. Дани Алвеш садел и берел тикви, лубеница и лук, а татко му подоцна ги продавал на месниот пазар.

„Имавме тежок но среќен живот. Куќата беше едноставна, основата на мојот кревет беше од цемент, но секогаш беше во ред. Родителите се грижеа за нас“, се сеќава Даниел Алвеш.

Работата во полето завршувала околу 10 часот наутро, затоа што тогаш било време за школо и затоа што температурата била близу 42 степени па да се стои надвор било неподносливо.

Фудбал во такви услови можел да се игра само после школо, во селото немале сериозна фудбалска академија, просто едно земјено игралиште.

Но малиот Дани никогаш не престанал да мечтае: „На шест години тој го изгравира своето име на ѕидот на куќата како спомен за еден ден кога ќе стане познат. Отсекогаш сакаше да стане фудбалер и да дава автограми“, раскажува еден од помалите браќа Алвеш.

ГЛУМЕЛ ВО КИНО ПА ПРЕМИНАЛ ВО ФУДБАЛ

На почетокот во детството речиси ништо не укажувало дека славата ќе ја достигне преку спортот - повеќе шанси му се давале преку глумата.

На пример Даниел добил епизодна улога во филм за војната Канудус - битка меѓу властите во Бразил и 30.000 луѓе кои основале своја населба во родната држава на Алвеш, Баија (настани од 1896-1897 година). За еден ден снимање добивал еден долар.

Сериозен фудбал Дани заиграл подоцна. Кога татко му имал 30 години ја основал малата екипа „Палмеирас де Салитре“. Таму заиграл и 10-годишниот Даниел кој бил многу помал од сите соиграчи и противници, но играл на нивно ниво.

Алвеш бил крило или играл зад напаѓачите и после некое време толку добро играл што добил и свои лични навивачи на кои им било забавно да гледаат како малиот ученик повремено ги дрибла поголемите.

Веќе на 13 години, Даниел се преселил во младинската школа на Бахиа и се договорил со клубот со него да дојде и неговиот помал брат. Родителите им изнајмиле стан во големиот град - но само под услов да учат а не само да шутираат топка.

Дани ветил дека се ќе биде во ред но не стоел на зборот. Кога мајка му во месец мај отишла во школото, видела дека дури од февруари, цели три месеци не се појавил во школо. Следувала лекција со ќотек што Алвеш подоцна ќе изјави дека ја памети цел живот. А пред неколку години направил и тетоважа во чест на мајка му.

КАКО СТАНАЛ ДЕСЕН БЕК

Од месец во месец, од година во година, Алвеш играл се подобро и тоа било причина да биде на добар глас во Бразил. А добриот глас први го слушаат скаутите, па така во 2003-та година Севиља за неуморниот Даниел дала 550.000 евра. Тогаш Алвеш имал 20 години.

После пет години во Андалузија, некогашниот берач и садач на тикви и одличен бек замина во Барселона за 64,5 пати повеќе односно за 35,5 милиони евра.

Во тој момент Алвеш го викаа кралот на десната страна. Иако тоа немало да се случи ако Дани не влегол во конфликт со тренерот на Севиља Капарош кој му викал дека бекот никако не смее да ја преоѓа средината на теренот.

„Отворено му кажав: ’А зошто да не смее? Фудбалот е одбрана-напад, одбрана-напад, одбрана-напад. Во фудбалот нема ограничувања, нема правила. Капарош ме стави во средината додека не сфати: Иако сум навикнат да играм во одбрана, на крајот можам да играм и напред и назад. Што значи одбранбен играч? Дека не мора да оди во напад и да не дрибла? Така фудбалот би бил досаден, зар не. Ако се браниш, не напаѓаш, ако напаѓаш, не се браниш? Која е смислата на фудбалот? Да победиш. Како ќе победиш ако не дадеш повеќе голови?“?, се сеќава Алвеш на почетокот во Севиља.

Бразилската филозофија на фудбалот не се менува така лесно. Во шпанското првенство Дани имаше повеќе асистенции од Месут Озил или Анхел Ди Марија. Сезонава на 34 години стана лидер по бројот на асистенции, а тренерот на Јувентус Масимилијано Алегри понекогаш му замерува за претераното летање напред.

Но никој и никогаш не може да каже дека Дани е слаб во одбрана: на пример, во сезоната 2014/15 имал повеќе одземени топки од Серхи Бусектц и Хавиер Маскерано (4,3 во просек против 3,7 и 3,6).

Во Барселона Дани Алвеш најмногу се дружел со Лионел Меси: „Му помагав на Меси да дава повеќе голови повеќе од кој било, тоа е факт. Кога ќе одам во пензија, луѓето ќе прашуваат: ’А кој бил поголем играч? -Меси. А кој му местел голови? -Дани Алвеш“, се шегува Бразилецот.

Лео и Дани се дружеле не само во тренинг базата на Барса. „Во соблекувалните сите бевме едно, но најблизок бев со Дани Алвеш: Отсекогаш игравме заедно по десната страна и тоа не зближи и надвор од теренот“, вели Меси.

ПОРАНЕШНАТА ЖЕНА МУ СТНАЛА МЕНАЏЕР

После перформансот на Дани Алвеш против Монако (две асистенции за двата гола на Игуаин) сите повторно ја отворија дебатата зошто Барселона го пуштила бесплатно. Бразилецот имаше две верзии.

Правата верзија Дани ја претстави по заминувањето: „Се надевам дека се разделивме добро и на мирен начин“. Звучеше патетично но и некако искрено.

Втората верзија беше шест месеци подоцна: „Сакав само да ме ценат и да сакаат да го продолжиме договорот, ако не бев решен да заминам. Во последните три сезони редовно слушав вести за мое заминување, но никој од клубот не ми кажа во лице. Тоа е непочит. Нов договор ми понудија после забраната за трансфери од ФИФА, така што можев да го контролирам договорот. Потпишав нов со можност да заминам бесплатно“.

СТИЛОТ

Даниел Алвеш е пример како човек може да биде успешен во професијата и во приватниот живот. Неговиот стил лесно може да се нарече највпечатлив од сите фудбалери на светот. Црвена јакна, тексас бермуди, или розеви панталони со зелена кошула - него едноставно не му е гајле што мислат сите за тоа.

МУЗИКА

Дани многу сака да пее и изјави дека по завшрувањето на кариерата ќе оди во музиката: „Во минатиот живот сум бил музичар гарант. Порано бев во една група, свирев на разни инструменти. Денес понекогаш свирам за продукциската куќа Compongo од Бразил која им помага на млади талентирани музичари. Кога ќе завршам со фудбалот, ќе влезам во тој процес“, вели Алвеш.

Неодамна сними дует со Бразилецот Тиаго Матеуш. Клипот има 6 милиони прегледи!

На шест години Алвес мечтаел да дава автограми кога ќе порасне и го гребел ѕидот од куќата. А сега смета дека славата не носи никаква среќа.

„Како дете просто не знаев што е тоа. Фудбалската слава е и завист, лицемерие, лаги, лажни пријатели, интерес. Славата е срање“, заклучува човекот кој се врати на голема врата после незгодната повреда лани кога мислеа дека е зрел за пензија.