Како дете бегалец од Гвинеја се прослави со дебитантски гол за Аталанта

Покрај големото градско дерби Рома - Лацио (3-0), во Серија А викендов голем хит стана и еден млад фудбалер на Аталанта роден во Гвинеја.

Поради серијата резултати топло-ладно, Аталанта падна на 5. место во Серија А со 8 бода зад Јувентус и меч помалку во трката за место кое води во Лига на шампиони.

Тимот од Бергамо игра одлично во Лига Европа каде се пласираше во следна фаза, но во домашното првенство најверојатно ќе мора да се помири со позиција за Лига Европа следната сезона.

Во неделата вечер Аталанта со 0-1 ја совлада Болоња со гол на анонимниот млад центарфор и дебитант Мустафа Елхаџи Сисе во 82’ минута. 

Мустафа Сисе е роден на 14 септември 2003-та година во Конакри, главниот и најголем град во Гвинеја. Тој во Италија дошол со бегалци на брод и преку разни невладини и хуманитарни организации успеал да најде место во еден центар за азиланти и бегалци во Саленто, без родители по смртта на татко му и како малолетен.

По извесно време го прифатило едно семејство во градот Кармиано на 24 километри од Лече, каде почнал да тренира фудбал за тимот под името Ренесансни Бегалци (Rinascita Refugees).

Во прво време, младиот Мустафа Сисе немал право на настап во аматерските лиги поради несредени документи, но откако му ги средиле бирокатските процедури, тој во летото 2019-та пред почеток на пандемијата, добил шанса од тренерот на тимот на бегалци, Асан Лаке.

Во само неколку минути Мустафа Сисе докажал дека е голем талент, дека има чувство за топка и дека поседува потенцијал. Дал победнички гол и за него почнало да се зборува меѓу тренерите.

Од почетокот на пандемијата до сега играл за аматерскиот клуб, а во јануари годинава му се случил пресврт кој му го сменил животот. Аталанта веќе долго време кубури со напаѓачи (Иличиќ е отсутен со месеци, Запата повреден со недели а неодамна се врати Колумбиецот Муриел).

Од таа причина скаутите на екипата решиле да бараат чаре и го нашле. Мустафа во придружба на познатиот адвокат Роберто Нито кој го водел целиот трансфер дошол во Ломбардија, во Бергамо и после неколку проби ги воодушевил луѓето од Аталанта.

Адвокатот ги завршил сите правни неопходности за Сисе на почеток на февруари да стекне право слободно и комотно да тренира и игра за младинците на Аталанта.

Откако добил право, силниот центарфор дебитирал за младинскиот тим и блеснал против Наполи и Милан со убави голови (3 погодоци на 4 меча дал за младинците и го забележале).

Тренерот на првиот тим Џанпјеро Гасперини решил да го прекомандува во првиот тим за натпревари во Серија А и Лига Европа, а во неделата вечер Мустафа Сисе најпрво доби шанса од клупа за резерви (наместо Муриел) во 65’ минута на гости кај Болоња, а на осум минути пред крајот од мечот постигна решавачки, победнички гол за три златни бода за Аталанта.

 

И преку овој необичен случај се испостави дека фудбалот навистина знае да пишува убави романи.

21 март 2022 - 11:57