
Кога Нејмар да Силва Сантон Жуниор почна како тинејџер во Сантос да дрибла се живо и диво во Бразил, дилемата беше следна: Ќе успее ли детево во Европа? Тезата на скептиците беше дека многу себичи и дека такви дриблери во Бразил ги има со лопата да ги ринеш.
Во периодот од 2009-та до 2012-та каде дебитираше на 17 години, Сантос освои се што можеше да се освои. Три првенствени титули, еден Куп, потоа Копа Либертадорес и Рекопа Судамерикана (пандан на Супер Куп на Европа) постигнувајќи во просек по еден гол на секои два меча.
56.500 навивачи што е рекорд за пречек на еден Бразилец, летото 2013-та се појавија за да му посакаат добредојде кога пристигна во Барселона со огромни очекувања од навивачите.
По четири години стаж, бројките кажуваа се. Нејмар на 177 средби викендов стигна до јубилејни 100 голови за Барселона или во просек по 0,56 на натпревар. Тоа е фантастично достигнување ако се знае дека другите двајца негови партнери кои полнат мрежи се викаат Меси и Суарез.
Што се однесува до трофеите Нејмар веќе ги освои сите и сега само ги дуплира. Два пати се радуваше на Ла Лига, Копа Дел Реј и Супер Куп на Шпанија и по еднаш на Лига на шампионите Супер Куп на Европа и Светско клупско првенство.
Неговите бројки се фасцинантни и за репрезентација за која има 52 голови и го напаѓа триото Ромарио (55), Роналдо (62) и Пеле (77).
За само 7-8 години кариера Нејмар има импресивен беграунд, а тоа се должи пред сè што самиот покажа дека не е на исто ниво со оние стотици или илјадници деца кои дриблаат низ улиците и плажите во Бразил.
Нејмар прерасна во зрел играч од светска класа кој покрај тоа што е една од главните алки во играта на Барса, со 25 години е лидер на Бразил. Овие 5 минути кажуваат многу за него.