Како чистачот стана среќна амајлија на Реал Мадрид

Абел Родригез е Мексиканец кој работи како чистач во метрото во Лос Анџелес. На прв поглед тој нема ништо заедничко со Жозе Мурињо, но неодамна тие станаа главни актери на една неверојатна приказна во која Родригез беше талисман на Реал Мадрид на натпреварите против Барселона и Манчестер Јунајтед.

Абел Родригез е 41-годишен Мексиканец кој на 8-годишна возраст емигрирал во САД. Тој го чисти подот во метрото во Лос Анџелес и во изминатите 7 години тој земал по 2 недели одмор, но наместо да го искористи со своето семејство, тој секоја година волонтира во еден фудбалски тренинг центар.

Како голем вљубеник во европскиот фудбал, Абел волонтирал во тренинг центарот каде се подготвува Реал Мадрид секоја година кога тие доаѓаат на нивната турнеја во САД.

Сиромашниот чистач кој издржува семејство со 3 ќерки, конечно оваа година успева да заштеди пари за да оди да гледа натпревар во Мадрид, но парите му биле доволно само за авионски билет до Мадрид.

Сепак тој решава да си ја проба среќата. Абел пристигнал во Мадрид пред „Ел Класико" на 2 март и веднаш се упатил кон тренинг центарот на Реал. Но таму тој бил веднаш сопрен од обезбедувањето. Упорниот Мексиканец не се откажал во својата намера и решил да чека пред портите. Тој седел на ладниот тротоар повеќе од 5 часа и тогаш, како на филм, еден од автомобилите кои го напуштале тренинг центарот застанал до него.

Во автомобилот се возел Жозе Мурињо кој во толпата на фанови кои чекале пред тренинг центарот, забележал една позната фаца и му наредил на возачот да застане.

Абел му раскажал на Мурињо дека дошол да ги посети, по што португалскиот стратег веднаш му наредил на еден од асистентите да го одведат Мексиканецот во луксузниот хотел каде била сместена екипата пред натпреварот со Барселона.

Родригез следниот ден го поминал заедно со екипата и Мурињо и присуствувал на „Ел Класико" натпреварот кој Реал го доби со 2:1. Клубот му обезбедил влезница од ВИП делот каде што се сретнал со многу ѕвезди помеѓу кои и Марадона.

Но тука не завршува сонот на Абел. Екипата на Реал Мадрид веднаш по дербито заминувала за Манчестер на натпреварот од Лигата на шампиони, а Мурињо решава да го понесе со него Мексиканецот кој му носи среќа. Мурињо му го сликал пасошот на Абел и им ја испратил фотографијата на асистентите за тие по итна постапка да го стават на списокот на патници и да му обезбедат место во авионот на Реал Мадрид.

Во Манчестер, Абел дури добил и активна улога во тимот. Тој се грижел за опремата на фудбалерите, а на кратко можете да го забележите и на 31-та секунда од клипот веднаш зад Роналдо:

Неколку секунди претходно, му пришол Чичарито и му рекол дека ќе му го даде дресот по натпреварот. Жозе Мурињо наместо да се концентрира на важниот натпревар, пред да излезат на теренот му ја раскажал на Мексиканецот од Манчестер Јунајтед приказната за неговиот сонародник.

По натпреварот тој дури и пиел вино со Фергусон, а стадионот го напуштил со дресовите на Чичарито, Озил, Кака и Есиен, како и една од топките со кои се играл натпреварот.

Кога слетале во Мадрид, тој помогнал при растововарувањето на клупската опрема од авионот и го фатил првиот лет за Лос Анџелес каде му се вратил на своето семејство и на чистењето подови во градското метро.

Абел Родригез си заминал со многу подароци, но поважно од подароците се спомените и искуството кое тој го имал, а за кое сонува секој љубител на фудбалот.

11 април 2013 - 10:46