Како Абрамович во матната приватизација ја измамил руската влада за 2,7 милијарди фунти

Истрагата на БиБиСи откри нови докази за коруптивните зделки што го создале богатството на Роман Абрамович, чиј имот од пред неколку дена е замрзнат заедно со Челси. Се работи за два случаи со две нафтени компании. Едната во време на Елцин, другата кога дошол Путин.

Сопственикот на Челси заработил милијарди откако купил нафтена компанија од руската влада на наместена аукција во 1995-та година, пишува БиБиСи. Тој за компанијата Сибнефт платил околу 250 милиони долари, а потоа во 2005-та и ја продал назад на владата за 13 милијарди.

Неговите адвокати велат дека нема основа за тврдење дека тој собрал големо богатство преку криминал, а самиот Абрамович веќе признал пред судот во Велика Британија дека помогнал преку коруптивни плаќања да се стави крај на договорот со Сибнефт.

За тоа беше тужен во Лондон во 2012 од неговиот поранешен деловен соработник Борис Березовски.

Абрамович го доби случајот, но пред судот опиша како оригиналната аукција на Сибнефт била наместена во негова корист и како тој му дал на Березовски 10 милиони долари за да му ги даде на службеник во Кремљ.

БиБиСи Панорама дојде до документ за кој се смета дека е прошверцуван од Русија.

Информациите им се од доверлив извор, кој вели дека тие биле тајно копирани од досиејата што за Абрамович ги чувале руските агенции за спроведување на законот.

Би-Би-Си не може да го потврди тоа, но проверките со други извори во Русија потврдиле многу од деталите во документот кој содржи пет страници.

Во него стои дека руската влада во договорот за Сибнефт била измамена за 2,7 милијарди долари - тврдење поддржано од руската парламентарна истрага од 1997 година. Во документот се вели и дека руските власти сакале да го обвинат Абрамович за измама.

„Во суштина, тоа беше измамничка шема, каде што оние кои учествуваа во приватизацијата формираа една криминална група која им дозволи на Абрамович и Березовски да ја измамат владата и да не платат онолку што компанијата навистина вредеше“, вели Јуриј Скуратов, поранешен главен обвинител на Русија кој го истражувал договорот во 90-те.

Документот исто така сугерира дека Абрамович бил заштитен од поранешниот руски претседател Борис Елцин. Во него се вели дека досиејата за Абрамович биле преместени во Кремљ и дека истрагата на Скуратов била запрена од претседателот.

„Скуратов подготвуваше кривично дело за конфискација на Сибнефт врз основа на истрагата за неговата приватизација. Истрагата беше запрена од претседателот Елцин, а Скуратов беше разрешен од функцијата“, стои во документот до кој стигнал БиБиСи.

Рускиот обвинител всушност бил сменет по објавување на секс снимка во 1999-та година, за што вели дека било потез за да ги дискредитираат него и сопругата.

„Целата работа беше очигледно политичка, бидејќи во моите истраги дојдов многу блиску до семејството на Борис Елцин, вклучително и преку оваа истрага за приватизацијата на Сибнефт“, рече Скуратов

Абрамович останал во потесниот круг на Кремљ, кога Владимир Путин дошол на власт во 2000-та, а документот содржи детали за друга наместена аукција две години подоцна, во која учествувала руска нафтена компанија наречена Славнефт.

Рускиот тајкун формирал партнерство со друга фирма за да ја купи Славнефт, но се појавила конкурентска кинеска компанија која планирала да понуди речиси двојно повеќе.

Многу моќни луѓе од Кремљ до рускиот парламент ќе изгубеле ако Кинезите победеле на аукцијата, па во документот се вели дека член на кинеската делегација бил киднапиран кога пристигнале во Москва на аукцијата.

„CNPC, кинеската компанија, која е многу силен конкурент, мораше да се повлече од аукцијата откако еден од нејзините претставници беше киднапиран по пристигнувањето на московскиот аеродром и беше ослободен дури откако компанијата изјави дека се повлекува“.

Приказната за киднапирањето е поткрепена од независни извори кои не знаеле за документот.

Владимир Милов кој бил заменик-министер за енергетика на Русија во периодот пред продажбата на Славнефт не ја коментирал приказната за киднапирањето, но рекол дека високи политички личности веќе одлучиле дека на аукцијата ќе победи партнерството на Абрамович.

„Реков види, Кинезите сакаат да влезат и сакаат да платат многу повеќе. Тие велат дека не е важно, ќути, не е твоја работа. Веќе е решено. Славнефт оди кај Абрамович, цената е договорена. Кинезите некако ќе бидат извлечени“, вели Милов

Не постои доказ дека Абрамович знаел нешто за киднапирањето или дека имал некаква улога во тоа. Неговите адвокати за Би-Би-Си изјавиле дека тврдењето за киднапирање е целосно неосновано и дека тој не знае за такво нешто.

За контрола на Славнефт се бореле различни фракции и имало широко спротивставување на кинеската кандидатура.

Без оглед на причината за кинеското повлекување, партнерството на Абрамович ја имал единствената понуда на маса и го купиле Славнефт по нокдаун цена.

Адвокатите на Абрамович велат дека наводите за корупција во зделките „Славнефт“ и „Сибнефт“ се лажни и тој негира дека бил заштитен од Борис Елцин.

Виа

Тренерот на Челси: „Ако главна дискусија во Парламент им е песна за Абрамович, тогаш што да кажеме“

Фудбалот премногу долго ја игнорираше вистината за парите на Абрамович

16 март 2022 - 13:20