Кај биле фудбалерите на лидерот во Бундес кога тој се основал

Лајпциг ама баш ни малку не го погаѓа омразата со која што го пречекуваат по германските стадиони поради тоа што пропагира “модерен фудбал и бизнис“. Тимот чијшто спонзор е гигантот Ред Бул е лидер во Германија.

РБ Лајпциг е основан на 19 мај 2009 година. Седум и пол години по основањето, клубот е лидер во германската Бундес лига, а тргнаа од петтиот ранг на натпреварување во Германија. После 11 одиграни кола Лајпциг е лидер со 27 бода, три повеќе од Баерн Минхен. РБ Лајпциг е воедно и непоразен, има 8 победи и 3 нерешени со гол разлика 23:9.

РБ Лајпциг меѓу другото е и единствениот тим заедно со Реал Мадрид во Топ5 лигите во Европа кој дал гол на секој поединечен меч сезонава.

Петер Гулачи

Кога се основал Лајпциг, унгарскиот голман имал 19 години и потпишал со Ливерпул кој го позајмувал секоја година. Сезонава бранеше на сите 11 меча за Лајпциг, прими 9 голови. Во Бундеслигата дојде летото 2015-та од австрискиот Ред Бул Салцбург.

Кирјакос Пападопулос

Гркот кога се основал Лајпциг имал 17 години и бил член на Олимпијакос. По Шалке и Баер Леверкузен, летово на 31. август, дојде на едногодишна позајмица во РБ Лајпциг.

Вили Орбан

Пред седум и пол години Орбан со 16 години играл стопер за тимот на Кајзерслаутерн до 17 години (У17). Сезонава има 24 години и на 11 меча постигна 1 гол со 1 асистенција. Во РБ Лајпциг е од летото 2015-та.

Марвин Компер

Стоперот Компер во времето на основање на РБ Лајпциг играше за Хофенхајм. Сега има 31 година, а член на Лајпциг стана во летото 2014-та кога дојде од Фиорентина.

Марсел Халстенберг

Талентираниот Халстенберг кога се формирал клубот Лајпциг играл лев бек во Хановер У19. Тогаш имал 17 години, а денес на 25 години веќе има 11 меча во Бундеслигата со тимот на Ред Бул каде дојде во летото 2015-та.

Лукас Клостерман

Еден од најмладите во тимот. Кога се основал Лајпциг имал 12 години и играл за анонимниот БВВ Хаген. Сезонава на 20 години настапи еднаш за тимот во кој дојде од Бохум во летото 2014-та.

Бернардо

Бразилецот сигурно немал појма за тоа дека во Германија се основа клуб чијшто спонзор ќе биде Ред Бул. Тогаш на 14 години играл стопер за младинците на Аудакс Сао Пауло. Сезонава седум пати командуваше со одбраната на Ред Бул каде дојде летово од австрискиот Ред Бул Салцбург.

Бено Шмиц

Уште еден од плејадата млади фудбалери на Лајпциг. Кога се основаше овој клуб пред седум и пол години, Бено Шмиц играл за детската екипа на Баерн Минхен. Денес на 22 години има 3 настапи и една асистенција. Во РБ Лајпциг дојде од тимот-близнак Ред Бул летово.

Штефан Илјзанкер

Австриецот пред седум и пол години бил член на младинскиот тим на австрискиот Ред Бул, а во германскиот Лајпциг дојде лани летото. Сезонава настапи на сите 11 натпревари.

Диего Деме

Деме тогаш имал 17 години и играл за Арминија У17. Денес е стандарден првотимец на Лајпциг кој одигра 10 меча и има 2 асистенции. Дојде од Падерборн во зимата 2014-та.

Наби Кејта

Можеби најнеобичен лик на листава. Кога некаде таму во Европа се основал Ред Бул Лајпциг, Кејта играл во средината на теренот за јуниорскиот тим Хоројо од Гвинеја. Летово дојде во РБ Лајпциг од австрискиот Ред Бул и веќе има 3 гола и 1 асистенција на 9 меча.

Доминик Кајзер

Кајзер е еден од фудбалерите кои веќе пет години го носи дресот на РБ Лајпциг. Дојде од Хофенхајм во летото 2012-та а сезонава на 10 меча постигна и 1 гол. Кога се основал Лајпциг играл во средниот ред како организатор на играта на Хофенхајм Б, втората екипа на Хофенхајм.

Марсел Забитцер

Марсел е крилен играч од Австрија кој кога се основаше Лајпциг имал 15 години и играл за младинците на Австрија Виена. Сезонава е еден од најдобрите играчи на Ред Бул Лајпциг, на 10 меча даде 3 гола со 3 асистенции. Дојде од австрискиот Ред Бул Салцбург во летото 2015-та.

Емил Форсберг

Левото крило од Шведска пред седум и пол години бил член на клубот Сундсвал во татковината. Тогаш имал 17 години а во Лајпциг дојде зимата 2015-та. Сезонава на 25 години одигра 10 меча и веќе има 5 гола со 5 асистенции. Форсберг е најзаслужен што Лајпциг е прв во елитната Бундеслига.

Оливер Берк

Шкотланѓанецот е најмлад во тимот, но важи за најголем талент. Кога имал 12 години играл за детската екипа на Нотингем Форест и ни на крај памет не му паѓало дека ќе заврши во германскиот клуб РБ Лајпциг. Сезонава на 9 меча има 1 гол и 2 асистенции. Дојде токму од Нотингем Форест летово.

Тимо Вернер

Вернер е само една година постар од Берк. Кога имал 13 години играл за децата на Штутгарт а во истовреме се формирал Лајпциг за кој сезонава даде 5 гола и има 4 асистенции на сите 11 средби. Дојде летово од Штутгарт.

Јусуф Поулсен

Напаѓачот од Данска играл на 14 години за тамошниот клуб Лингби а во 2013-та стана член на тимот кој неверојатно се развива и од шестата лига стигна да биде лидер во Бундес. Пулсен има 22 години, ги одигра сите 11 меча даде 1 гол и 1 асистенција.

Дејви Зелке

Некогаш најталентираниот напаѓач во германскиот фудбал кога се формирал Лајпциг имал 14 години и играл за детскиот состав на Нормандија Гмунд. Денес, седум и пол години подоцна одигра 6 меча како напаѓач на Лајпциг и постигна 2 гола со 1 асистенција. Дојде од Вердер Бремен во летото 2015.

Ралф Хазенхотл

Австрискиот тренер пред седум и пол години кога се поднесувале документи за основање на РБ Лајпциг имал 41 година и до тогаш го тренирал само германскиот третолигаш Унтерхахинг. Летово дојде од Инголштад и веќе по 11 кола прави неверојатен успех со клубот Ред Бул Лајпциг.

21 ноември 2016 - 12:25