Славното финале во ЛШ беше последниот настап за Големиот Питер за Јунајтед. Замина во Спортинг Лисабон, а играше уште и за Астон Вила и Манчестер Сити пред да се пензионира во 2003. година. Работеше како стручен коментатор за телевизиски програми од Данска и Англија, како и за БиБиСи. Во моментов аматерски игра голф.
ГЕРИ НЕВИЛ - Десен бекИграше во Манчестер Јунајтед до 2011 година, пред да се пензионира и да стане најпознатиот стручен коментатор во земјата. Невил стана светски популарен и по одличните анализи на Скај Спорт и колумните во Телеграф.
РОНИ ЈОНСЕН - Стопер Го напушти Јунајтед во 2002. година и се повлече шест години подоцна. По Манчестер играше во Астон Вила, Њукасл и Валеренга во Норвешка. Во моментов, како и Гери Невил работи како стручен консултант за норвешката ТВ2. Во слободно време се бави со крос-кантри.
ЈАП СТАМ - Стопер Го избраа за најдобриот дефанзивец во Лигата на шампионите во 1999-та и 2000-та. Во 2001 година објави контроверзна автобиографија, поради која Сер Алекс Фергусон реши да го продаде во Лацио иако Стам уште играше одлично во одбраната.
Ферги подоцна призна дека Холанѓанецот е еден од ретките фудбалери за кои зажалил што ги продал. „Во тој момент тој само што се врати од повреда на Ахиловата петица и мислевме дека нема да се врати во форма. Добивме понуда од Лацио 16,5 милиони фунти што беше неверојатно за стопер стар 29 години. Не се одбиваше таква понуда, призна Ферги дека ја утнал за Стам.
Стам влезе во тренерските води. Го тренираше Цволе, а сега е помошен тренер во Ајакс.
ДЕНИС ИРВИН - Лев бек Ирецот на Олд Трафорд помина цели 12 години, од 1990 до 2002 година. Кариерата ја заврши на позајмица во Волвс. Во моментов работи како колумнист за ирскиот весник Сандеј Ворлд и како аналитичар за тв каналот РТЕ.
РАЈАН ГИГС - Крило Легенда на клубот. 24 години активно играше во Јунајтед од 1990 година. Кратко во април минатата година беше тренер на првиот тим, за да еден месец подоцна стане прв помошник на Луј Ван Гал. Во финалето со Баерн, Гигс принудно играше како десно крило, затоа што Рој Кин и Пол Сколс беа суспендирани.
ДЕЈВИД БЕКАМ - Играч за врска Дел од Class of '92, заедно со Невил, Гигс, Ники Бат и Пол Сколс, Бекси одигра 394 натпревари за Јунајтед пред да замине во Реал Мадрид во 2003. година. Со Реал ја освои Ла Лига во 2007. година и подоцна уживаше во Лос Анџелес Галакси кој го позајмуваше во Милан и ПСЖ. Во моментов работи како амбасадор на УНИЦЕФ, а работи и како модел. Има удел во фудбалскиот клуб Мајами.
НИКИ БАТ - Играч за врска Го носеше дресот на „Црвените Ѓаволи" од 1992. го 2004. година. Нивото од Јунајтед не успеа да го одржи во Њукасл, Бирмингем и Јужна Кина, по што се пензионираше. Во моментов е тренер на резервниот клуб на Манчестер Јунајтед и ко-сопственик на Салфорд Сити.
ЈЕСПЕР БЛОМКВИСТ - Лево крило
Заигра во првиот состав против Баерн во финалето, благодарение на суспендираните Сколс и Рој Кин. Остана запаметен по тоа што го загуби медалот при прославата на Камп Ноу, но го нашол пред патот назад за Манчестер. Сериозната повреда на лигаментите го оддалечи од Јунајтед, така што се пензионираше по краткиот престој во Евертон и Чарлтон. Откако ја заврши фудбалската кариера, почна да работи за шведскиот тв канал ТВ4.
ДВАЈТ ЈОРК - Напаѓач
Познат по тоа што секогаш се смееше на теренот, Јорк беше клучниот член на тимот кој во 1999. година ја освои тројната круна. Во 2002. година му заврши договорот со Јунајтед и замина во Бирмингем. Играше уште и во Австралија, како и во родниот Тринидад и Тобаго. Во 2010 година се пензионираше и стекна Б тренерска лиценца.
ЕНДИ КОЛ - НапаѓачCole of the Goal беше идеалниот партнер за Двајт Јорк во сезоната 1998/99, но го напушти клубот само две години откако Руд Ван Нистелрој потпиша со Јунајтед. Без поголем успех ја продолжи кариерата и се повлече во 2008 година. Беше тренер на МК Донс и Хадерсфилд.