Јувентус во ритамот на Барселона

Актуелниот шампион на Италија имаше катастрофален старт сезонава во Серија А и само еден освоен бод по првите три кола, но сега е на 7 бода до лидерот на табелата, благодарение на зголемениот процент на реализација со Манџукиќ, Дибала и Ѕаѕа.

Во топ 5 лигите во Европа, само две екипи победиле на последните четири меча во своите првенства, тоа се Барселона и Јувентус. Алегри на крајот од октомври го доби градското дерби против Торино и потоа продолжи победнички без пораз во ноември во кој паднаа Емполи и Палермо на гости и Милан на домашен терен.

Јувентус по првите 10 кола беше една од најдобрите екипи во однос на поседот на топка и бројот на создадени шанси и удари кон гол, но имаше друг проблем, реализацијата. Математиката покажува дека постигнувала 8 гола на 100 удари или 8%.

Во последните четири кола, нивната реализација изнесува 18%, а тоа е подобро дури и од лани кога во овој период со Видал, Пирло и Тевез имале 16% успешност во давањето голови.

Критиките на Евра и Буфон за играта на Јуве се исплатеа, па нападот со Манџукиќ, Дибала и Ѕаѕа функционира подобро, а Барцаљи, Бонучи и Кјелини во формација 3-5-2 се вратија во форма.

Една од најважните алки во играта им е Маркизио кој одиграл 6 од последните 7 кола во Серија А, на кои Јуве не загубил. Тој го пропуштил само мечот против Сасуоло, последниот нивен пораз на 28 октомври.

Алегри во последно време не лута многу со составот. На последните натпревари прави две до три измени во однос на претходната средба, максимум четири, додека на почеток менуваше до седум фудбалери.

Бранителот на титулата се доближи на 7 бода до лидерот Наполи, а до нова година ќе брка максимален број на бодови. Вечерва му следува гостува на Лацио кој е во криза, потоа игра дома против Фиорентина па на гости со Карпи.

4 декември 2015 - 11:30