Екипата на Јувентус го одигра можеби најдобриот натпревар оваа сезона и со високи 0:5 славеше на гостувањето кај Фиорентина каде домаќините немаат победа над „старата дама" цели 9 години.
Серијата на Јувентус ја започна Вучиниќ во 15-та минута, работата им беше олеснета од 21-та минута кога црвен картон заработи Алесио Черчи. До крајот на првото полувреме во листата на стрелци се запиша и Видал.
Кошмарот на Фиорентина продолжи и во второто полувреме. Најпрво успешно стрелаше Маркизио, потоа и Пирло, а конечните 0:5 во 72-та минута ги постави Падоин.
Поранешниот легендарен фудбалер на Милан, Роберто Донадони, кој сега ја предводи Парма, не успеа да го сопре актуелниот шампион на Италија.
Екипата на Алегри продолжи со шампионските игри и немаше големи проблеми на гостувањето кај екипата на Парма против кого фудбалерите на Милан имаа претрпено само еден пораз на последните 10 натпревари.
Домаќините имаа блага теренска иницијатива, но во 16-та минута при еден шут на Емануелсон, топката го погоди Закардо во рака и судијата Банти оправдано досуди пенал. Сигурен реализатор на ударот од белата точка беше Ибрахимовиќ.
Ова беше гол број 20 за најдобриот стрелец во Италија.
Дилемите околу победникот на овој натпревар ги реши Урби Емануелсон кој во 55-та минута кој по соло продор од центарот на теренот го обезбеди триумфот на Милан.
Натпреварот го одбележа и враќањето на Џенаро Гатузо кој ги одигра првите минути по повредата која го одалечи од терените повеќе од 6 месеци.
СЕРИЈА А, 29. коло:
сабота:
Парма - Милан 0:2
Ибрахимовиќ 17п, Емануелсон 55
Фиорентина - Јувентус 0:5
Вучиниќ 15, Видал 28, Маркизио 54, Пирло 67, Падоин 72
недела:
Каљари - Чезена 12:30ч
Болоња - Киево 15ч
Катанија - Лацио
Интер - Аталанта
Лече - Палермо
Сиена - Новара
Удинезе - Наполи 20:45ч