Испаѓањето на Старата дама од Лигата на шампионите значи и дека Италија нема шанси да ја стигне Англија на табелата со коефиценти на УЕФА, со што ќе им земеше едно место за ЛШ.
Премиер лигата сочува четири места во елитното натпреварување за уште една година, и покрај тоа што Арсенал испадна во средата од Барселона.
Англичаните треба да му бидат благодарни на Баерн Минхен, затоа што евентуален пласман на Јувентус ќе значеше и огромно приближување во рангирањето на УЕФА. Главните тимови од Серија А играа добро сезонава во двете натпреварувања под закрила на УЕФА и Премиер беше загрозена да загуби едно место за следната сезона 2017/2018 во Лигата на шампионите.
Лацио со пласман понатаму во ЛЕ би можел да додаде 2,5 бодови на Италија на табелата, но Премиер лигата бега 3,97 бодови што значи дека математички е невозможно Италија да има екипа повеќе од следната сезона во Европа.
Сега тоа математички не е можно, па дури и Лацио да ја освои Лигата на Европа. Права штета за вљубениците во Серија А кои се надеваа дека би можеле во ЛШ да гледаат уште еден клуб од Италија.
Од Премиерлигашите во Европа останаа Манчестер Сити во неговото историско прво четвртфинале во ЛШ, а еден од Ливерпул и Манчестер Јунајтед ќе оди во следната фаза на ЛЕ (првиот меч 2:0 за Црвените од Енфилд, вечерва е реваншот). Арсенал испадна од Барселона, а Тотенхем е практично испаднат од Борусија Дортмунд по дебаклот од 3:0 во Германија минатата недела. Притоа Вест Хем и Саутемптон не успеаја да влезат во групната фаза на ЛЕ, што значеше уште послабо бодување за Премиер сезонава.
Италијанците останаа без Рома која испадна од Реал во ЛШ, Сампдорија уште лани летото беше декласирана од Војводина во квалификациите за ЛЕ, а Фиорентина испадна од Тотенхем исто во ЛЕ. Лацио денес како единствен претставник на Италија ја пречекува Спарта Прага во реваншот (1:1).
Интересно е што и Русија можеше да им „украде“ едно место за Лига на шампиони на Франција или Португалија, но испаѓањето на Зенит од Бенфика во осминафиналето од ЛШ не им овозможи на Русите дополнително место.