Додека цел свет зборува за тетоважа на херојот на Шериф Тираспол кој го урна 13 кратниот европски првак, ние буричкавме во неговата репрезентативна кариера, која по некоја случајност му почнува токму од меч против Македонија.
Се работи за срамниот квалификациски циклус за ЕП 2016, кога завршивме на дното на табелата во Групата Ц со само една победа, едно реми и 8 порази.
Се паднавме со Шпанија, Словачка, Украина, Белорусија и Луксембург кој исто така заврши со 4 бода. Единствениот триумф ни беше токму против една од најслабите селекции во светот и тоа со пресврт 3:2 во 92-ра минута, стрелец Бесарт Абдурахими, откако Јаховиќ го израмни резултатот од пенал.
На реваншот, Луксембург ни врати, а срамниот пораз го доживеавме идентично како гостите во Скопје, во 92-ра минута.
Но овој пат Абдурахими беше трагичар бидејќи промаши пенал во 84-та минута, а Себастијан Тил јунак, кој ја закопа Македонија со левица, на сличен начин како Реал.
Поразот од Луксембург како селектор го доживеа Љубинко Друловиќ, а на реваншот во Скопје, Македонија ја водеше Бошко Ѓуровски.
За македонската репрезентација на тој натпревар настапија:
Пачовски, Жута, Мојсов (К. Ристевски), Шиков, Ристовски, Глигоров, Петровиќ, Ибраими (Стефан Ашковски), Трајковски (Баже Илијоски), Абдурахими, Ивановски.
За Тил ова беше деби репрезентативен гол и тоа на својот прв настап за својата земја, а за сега и единствен на досегашните 16 настапи.
Тој потекнува од фудбалско семејство, а интересно репрезентативци на Луксембург се и неговите браќа Оливие (24) и Венсан (21).
За неговата кариера постојано излегуваат разни занимливости. Кога лани играл во шампионатот во Луксембург за Прогрес Нидеркорн, бил вработен во општината Диферданж и ја косел тревата на стадионот на кој играл.
„Покрај фудбалот, имав и друга работа,. Ја косев тревата, собирав гранчиња и лисја што паѓаат на теренот. Тоа искуство ме доведе во посебна врска со фудбалските игралишта. Секогаш внимателно ги проучувам пред натпреварите“.
Патешествието до неговиот славен гол во Лига на шампиони е уникатно, бидејќи Себастијан потоа заминал во Тамбов од Русија, клуб кој се распаднал и каде играл без пари.
Од таму завршил во Молдавија каде сè уште се води како позајмен играч од Прогрес Нидеркорн.
Раскажува дека се карал со неговите кога сакал да гледа ЛШ, бидејќи требал да стане за во школо.