Премиерлигашите заработуваат големи суми на пари од ТВ правата и воопшто не штедат за плати. Но слично како во февруарската анализа, така и сега се забележува дека скапите фудбалери не се рецепт за успех и висок пласман.
Најголем доказ за тоа е тимот на Манчестер Сити кој во сезоната 2012/2013 потрошил најмногу пари за плати и тоа 196 милиони евра, а не само што тоа не му донесе титула во Премиер лигата, туку остана без ниту еден пехар по завршувањето на сезоната, а Манчини доби отказ.
Вториот најголем трошајлија е Роман Абрамовиќ кој за плати во Челси поделил за една сезона 173 милиони евра но неговите фудбалери успеаа да освојат 75 поени или 14 помалку од англискиот шампион.
Иста е приказната и на дното на табелата каде екипата на Квинс Парк Ренџерс вложи 86 милиони евра за годишните плати на своите фудбалери, а тие го освоија последното место на табелата со мизерни 25 бода.
Интересно е што дури 11 клубови сезонава имале помал буџет за плати од последнопласираниот КПР и успеале да обезбедат подобар пласман, а Виган и Ридинг кои најслабо ги плаќале своите играчи "си ја заработија" втората лига.