Македонскиот селектор на списокот за дуелите против Италија ја подмлади репрезентацијата со Бојан Димовски (21), Агон Елези (22) и Јован Манев (22), како и со дебитантот Исник Алими кој дојде како искусен со 29 години.
Елези и Димовски дебитираа лани во Лигата на нации, а Манев на 27 март годинава на пријателската против Фарски Острови.
Тогаш доби десетина минути, а сега целосна 180 минутна доверба која целосно ја оправда на дуелите против Италија и Малта.
И покрај тоа што се работи за млад стопер, со мало репрезентативно искуство од 7 настапи за У-21, Манев одигра храбро и цврсто против четирикратниот светски првак, како и против Малта која ќе ја памети по својот деби гол за Македонија.
Новиот македонски талент е роден во Кочани и потекнува од ФК Осогово, најголемата интернет атракција меѓу македонските клубови, кој растури на социјалните мрежи и кој годинава е во трета лига.
Клубот за кој твитаа дури и екипи како Лион и Рома, а пак италијанскиот прволигаш на Твитер ги прогласи за тим на денот.
Јован Манев стана најмладиот капитен во историјата на Осогово, а потоа настапуваше за Брегалница Штип. Дека се работи за голем талент покажува и тоа што веќе гради интернационална кариера.
Од Штип направи трансфер во Турција, каде минатата сезона настапуваше за Адана Демирспорт под водство на славниот Винченцо Монтела. Сезонава настапува на позајмица во Осијек.
Со оглед на тоа што одбраната знаела да ни биде голема рана, ова дете дава голема надеж дека добиваме доста добар квалитет кој може да биде иднина за националниот тим.
Деби голот на Манев за Македонија, кој одлично се снајде во шеснаесетникот на Малта.