Во моментот кога Иванка Трамп застанала пред муралот на Џорџо Кинаља и прашала кој е светецов, не би се заколнал дека од небото не се слушнала ѓаволска насмевка и шкрипење со заби, со оглед на тоа што многу Италијанци освен навивачите на Лацио веруваат дека „Long John“ завршил во котелот „каде ѓаволот меша со лажицата“.
Нема сомнеж дека Џорџо правел сè да му се препорача на ѓаволот, како за време на кариерата така и после неа. Високиот голгетер од ’70-те години сметал дека е избран да ги нервира сите - од соиграчи, тренери, ривали, јавност и политичари. Што е најсмешно, Кинаља го добил прекарот од најголемиот британски фудбалски џентлмен кој играл во Серија А, Џон Чарлс, Велшанецот во дресот на Јувентус.
Интересно и Џорџо Кинаља имал нешто велшко. Татко му се преселил кај рудниците на Свонси а таму дошол и малиот Џорџо којшто израснал во таа убава дивина, меѓу провинциските грубијани. Свонси го избркал како неталентиран кавгаџија.
После неколку години тој се вратил на Островот за да му асистира за голот на Капело за прва победа на Италија на „Вембли“ во историјата. Иако важел за расен шпиц, сите бегале од него а во репрезентацијата го игнорирале затоа што ја знаеле неговата намера често да се кара дури и со самиот себе.
„Грбаваиот“ како што го викале навивачите на Рома поради силуетата, се залетувал на противничките играчи како да е Суден ден, се расправал со судиите а во кариерата еднаш и му влегол лизгачки старт на еден соиграч.
Но никој не се чудел, затоа што тој Лацио бил опасен и вооружен како што го нарекувале медиумите. Сфатете го ова буквално затоа што голем дел од играчите на Лацио носел пиштоли и скокал од авион.
Тоа придонело да го зацврстат статусот фашистички клуб, иако многумина сметаат дека Дуче Бенито Мусолини навивал за Лацио што е мит.
Мусолини - човекот кој ја втурнал Италија во воена трагедија не го сакал фудбалот, сметал дека тоа е забава за сиромашните и предложувал Рома и Лацио да се соединат, но фашистичкиот генерал Вакаро ја основал првата единствена лига.
Повозрасните Лацијали за врската меѓу Лацио и фашизмот знаат преку Кинаља и неговата банда на теренот. Високиот Џорџо јавно се изјаснил како љубител на нео-фашистичкото движење. Не бил „црна-кошула“, туку само за да ја нервира околината и лево-ориентираните Романисти.
Тимот на Лацио предводен од Џорџо Кинаља бил навистина луд и опасен. Прво, меѓу себе имале поделби па на тренинзи носеле костобрани за да не се кршат коски. Во екипата имало два клана, ’оној јужниот’ на Кинаља и ’оној од северот кој мисли дека е најубав и најдобар’.
Многу современици на Кинаља од тоа време па и самиот центарфор потврдувале дека секој играч имал пиштол. Кињала имал Магнум 44 и го носел низ Рим. Се правдал дека го носи за самоодбрана откако ултраси на Рома му го скршиле излогот од бутикот за британски фармерки.
Шампионската екипа на вооружениот Лацио во карантин седела во “Л’Американа“, хотел надвор од градот. Од досада таму често пукале од пиштол во лампиони, организирале стрелачки турнири а десниот бек Петрели пред 20-ина години признал дека некој од нив пукал во тифозите на Рома кои доаѓале навечер да ги будат и да им свират. Друг пукал во собната сијалица зошто го мрзело да стане да гаси светло.
„Видете, тоа беше време на луда забава, мислевме дека пукањето е сјаен начин да го исполниш времето кога ти е досадно“, изјавил еднаш високиот Кинаља.
Оваа екип на крајот станала шампион и на Лацио му ја донела првата и најдрага титула во историјата. Тоталните аутсајдери и пиштолџии предводени од тренерот Маестрели го кренале шампионскиот пехар во 1974-та, а Кинаља таа сезона дал 24 гола и станал херој. Решавачкиот гол го постигнал во Фоџа во претпоследното коло.
За жал, оваа екипа на Лацио немала шанса да заигра во Купот на Шампиони затоа што претходната сезона после легендарната тепачка против Ипсвич која изгледала како кафанска битка на теренот а навивачите влегле да удираат и тие, Лацио на 3 години бил исфрлен од Европа!
Жалбата ја смалиле на една година, што значело дека нема да играат во Купот на Шампиони баш во сезоната кога станале прваци.
Оваа банда на Џорџо Кинаља направила општа тепачка и три години претходно, после дуелот од Купот на Саемски Градови проти Арсенал. Двата тима имале заедничка вечера, но избила некоја караница, имало некој пијан и толку требало. Се удирале и се гаѓале со шишиња и подароци.
Ништо подобро не стоеле ниту играчите на Лацио надвор од теренот. Тренерот Маестрели добил рак, екипата продолжила да се расправа, но не и да победува. Следната година биле четврти, потоа 13-ти. Кинаља заминал во Америка каде играше со Пеле и преку ’Газета дело спорт’ се обидел да им објасни на навивачите зошто заминал.
Секое негово враќање во Италија значело и неволја. Како председател на Лацио бил суспендиран затоа што на првиот меч го тепал судијата со чадор. Го обвиниле и за финансиски малверзации, па потоа пробувал и да го менува Лотито. На крајот, Кинаља почина пред некоја година во својот дом на Флорида во САД.
Најтрагична судбина од оваа шампионска генерација на Лацио доживеал Лучано Ре Чекони. Тој бил еден од ретките кој не носел пиштол, но бил мајтапџија. Еден ден помислил дека е добра фора да се влезе во златара и да свика “Грабеж, вади пари“. Но сопственикот извадил пушка и од близу го убил. Тоа биле денови кога сите се плашеле од „Црвените бригади“ кои киднапирале и ограбувале за да ја финансираат партијата и движењето.
Трагично завршиле уште неколку - Марио Фрусталупи којшто бил добар другар на Кинаља и негов омилен соиграч, загинал во сообраќајна несреќа. Капитенот на шампионскиот Лацио Пино Вилсон завршил во затвор поради местење натпревари, голманот Пуличи останал во екипата но подоцна го осудиле поради малверзации со пасошот на Верон.
Ренцо Гарлашели којшто играл со Кинаља во шпицот умрел во беда и сиромаштија.
Никогаш ниту еден тим немал повеќе непријатели од нив и никогаш ниеден аутсајдер не победил толку богати клубови.
За крај, не Иванка, не бил светец, дури ни жртва, освен ако не кажеме дека со однесувањето ги предизвикувал сите и секој да го закачува на крст. Но муралот го заслужи, барем за тоа што никогаш никого не оставил рамнодушен.
Via: Sportske.rs, Борис Јовановиќ