На 14 ноември 2017 година Газета дело Спорт излезе со насловна на која со големи букви пишуваше FINE (КРАЈ). Италија одигра 0:0 со Шведска и првпат за 60 години не се пласираше на Светско првенство. Тогашниот селектор, стариот Џампјеро Вентура стана душман на нацијата, а Кориере дело спорт ги бркаше сите надвор од репрезентација.
Италија чекаше ренесанса. И ја дочека. Ако просечната возраст на репрезентацијата за баражот со Шведска беше 31 година (30 години и 6 месеци), а на теренот се најдоа фудбалери кои станаа светски шампиони во 2006 како Буфон и Барѕаљи (плус Де Роси на клупата), сега друга музика свири меѓу Аѕурите.
По триумфот на Италија на Мундијалот во Германија поминаа 11 години (во 2007) а јавноста чекаше некои нови клинци да ги заменат ветераните.
Кога новиот селектор Манчини седна на клупата, изјави: „Репрезентацијата е сон на секој тренер. Ќе видите селекција која е желна за успех. Жал ми е што многу деца гледаа Светско на кое ја немаше Италија. Тоа не смее да се повтори. Сакам да ги направам навивачите среќни, сакам Италијанците да се гордеат со својата репрезентација. Се надевам дека Италија одново ќе стана една од главните сили во светскиот фудбал“.
По дебаклот со Вентура поминаа две години. Италија од тогаш до денес победи на сите натпревари во квалификациите за Европско 2020 година и првпат во историјата обезбеди место на еден голем турнир на цели 3 кола до крајот на квалификациите.
9 победи по ред е повторување на рекордот од 1938/1939 при тогашниот селектор Виторио Поцо. Таа Италија станала и светски шампион. Манчини верува дека оваа селекција може да стане европски шампион.
На 8 меча во квалификациите Италија постигна 25 гола (ниеднаш помалку од 2 дадени на натпревар). Подобар напад има само Белгија (30 дадени голови), Русија (27) и Англија (26) досега. Аѕурите примија три погодоци и тоа е четврт најдобар резултат во квалификациите после Белгија (1), Украина и Полска (по 2).
МАНЧО ДРАСТИЧНО ЈА ПОДМЛАДИ РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА, ПРОБАЛ 50 ИГРАЧИ А ГАРАНТИРАНО МЕСТО ИМААТ САМО ЧЕТВОРИЦА
„Италијанцит имаат генијални фудбалери и големи мајстори. Многу сакам да наоѓам таленти, да ги откривам, да им помогнам да пораснат“, вели Манчини.
Интересно Николо Ѕаниоло, младиот бисер на Рома уште кога не одигра ниту еден меч во Серија А, беше викнат за репрезентација за натпревар во Лига на Нации.
18-годишниот Мојзе Кин беше резерва во Јувентус и играч на младинците на овој клуб, а Манчини го стави во првиот тим на квалификациски меч за Евро 2020.
За неговата храброст зборуваше и поранешниот селектор на Италија, Чезаре Прандели: „Многу сум незадоволен што во Серија А играат малку млади фудбалери. Манчини направи фантастична провокација. Тој често им зборува на клупските тренери дека не им даваат место во тимот на младите таленти кои заслужуваат да бидат дури и во репрезентација“.
Сандро Тонали играше сјајна сезона во втора лига во Бреша а веќе дебитираше за Италија кај Манчини. Гаетано Кастровили од Фиорентина и соиграчот на Тонали од Бреша, бекот Андреа Чистана минатата година играа во Серија Б а сега добиваат стандардни повици за последните натпревари од квалификациите.
Освен светските шампиони од 2006, од репрезентацијата се збогуваа и Матео Дармиан (29 години), Антонио Кандрева (32), Марко Пароло (34) и Едер (32). Сите овие беа на терен во очајниот бараж со Шведска кога Италија изгледаше мизерно.
На нивно место дојдоа и ја освежија селекцијата: 22-годишните Николо Барела и Федерико Кјеза.
„Во репрезентацијата на Италија никогаш немало стил на игра ако во тимот немало некој играч на Јуве или Милан. Сега нема такво нешто, на пример со Португалија играа фудбалери од осум различни клубови. Неверојатно е тешко да направиш селекција од играчи кои играат заедно неколку пати во неколку месеци.
Ако имаш таленти како Мбапе, Гризман или Погба во Франција тогаш е полесно. Но во репрезентацијата нема, например напаѓачи од Јувентус, Милан, Интер или Рома. На Манчини не му е лесно“, вели некогашниот тренер на Сампдорија и Милан Марко Џампаоло.
На 17 меча откако Манчини стана селектор, за Италија заиграле 50 фудбалери. Од нив само пет се појавија само на пријателски натпревари: Симоне Верди, Роландо Мандрагора, Матија Перин, Даниеле Ругани и Даниеле Базели.
На 12 официјални натпревари продефилирале 45 играчи. Манчо многу експериментираше и доби добра селекција. На 8 натпревари во квалификациите, повеќе од половина од првиот состав ги одиграа четворица: Бонучи (7), Жоржињо (7), Верати (7) и Николо Барела (6).
Дури ни Џанлуиџи Донарума нема сигурно место од старт. Салваторе Сиригу, голманот на Торино веќе бранеше на 4 меча во квалификациите. Лоренцо Инсиње има 270 минути од 720 во квалификациите, Федерико Кјеза 306, Бернардески 403, Чиро Имобиле 235 минути и Белоти 286.
За 6 месеци при Манчини за Италија дебитирале 20 фудбалери. Роберто вели дека до почетокот на Европското следната 2020 има намера да привлече уште нови играчи во репрезентацијата и дека веќе спрема тим за Светско 2022.