Иранците репресирани и тормозени, извадија бод со Нов Зеланд

Селекторот на Иран по натпреварот со Нов Зеланд кој заврши 2:2 изјави: „Ние сме најмалтретирана репрезентација на Светското“ откако им било наредено да го напуштат САД веднаш после средбата и да се вратат во тренинг базата во Мексико. Тие се единствена селекција која патува со часови од една во друга земја за да одигра натпревар.

Фудбалската репрезентација на Иран не доби дозвола за престој во САД иако за таму им беа одредени сите натпревари од Светското првенство. Тие мораа принудно да најдат база во Тихуана во Мексико иако сите натпревари им се во САД.

Селекторот на Иран Амир Халенои по ремито 2:2 со Нов Зеланд се пожалил на односот на домаќинот кон нив. Мечот се играше во Лос Анџелес а таму ќе играат и во второ коло против Белгија на 21-ви јуни во 21:00 часот.

„Не ни дадоа време ниту да се одмориме. После натпреварот ни рекоа: 'Морате неодложно да заминете'. Времето за опоравок е многу важно но не натераа да седнеме во авион и да се вратиме во Тихуана. Тоа многу не вознемири“.

Искрено ние не знаеме зошто постапуваат така со нас. Чудно ми е. Одлуката не е донесена од ФИФА туку од друго место. Требаше да дојдеме на два дена пред натпреварот, да преспиеме една ноќ после мечот за да се одмориме и да се вратиме утрото на доручек во базата. Не сфаќаме зошто ова се случува. Нашата репрезентација е најтормозена од сите на Светското“, рекол Халенои.

Синоќа Нов Зеланд прв поведе уште во 7' минута преку Елајџа Џаст кој го постигна првиот гол за оваа репрезентација на Светски првенства после цели 16 години. Точно 5.835 дена поминаа откако Нов Зеланд дал гол на Мундијал.

Но Иран не се предаваше и во 32' минута израмни преку Рамин Резајан, стрелец на трет гол по ред за репрезентацијата.

После паузата имаше слично сценарио во втор дел. Новозеланѓаните брзо поведоа: исто повторно стрелец Елајџа Џаст на асистенција на ветеранот Крис Вуд. 26-годишниот Џаст е крилен напаѓач, игра за шкотски Мадервил а претходно играл во Австрија и во втората лига на Данска.

Тврдите Иранци не се предаваа. Резајан одново одигра маестрално, овојпат во улога на асистент а фудбалерот на руски Ростов Мохамад Мохеби постигна гол за нерешено 2-2.

Мохеби има 14 гола и 10 асистенции на 36 натпревари за Иран.

Интересно и двете селекции се борат за историски пласман понатаму зошто досега никогаш не поминале група на Светско првенство. А Нов Зеланд, пак, ниту еднаш не победил на Мундијалите. Во 2010-та година ги одиграа нерешено сите три натпревари но не отидоа понатаму.

Иран игра на четврто Светско по ред. Никогаш не поминале група а сега се надеваат дека ќе го искористат ремито 1:1 меѓу Белгија и Египет и ќе успеат да одат понатаму.

Нов Зеланд е најслабо рангирана репрезентација на Светското - 85 позиција на ФИФА ранг листата. И Хаити и Курасао се пред нив. А Иран е на висока 20-та позиција.

Во следното коло Иран игра со Белгија а Нов Зеланд со Египет.

16 јуни 2026 - 08:56