Интер закажа мега полуфинале на Лига на шампиони, а во Серија А е вон топ4

Екипата на Интер во реванш мечот со Бенфика одигра нерешено 3:3 и со вкупен резултат 5:3 оди на мегдан со градскиот ривал Милан. Во исто време очајните резултати во Серија А како сенка висат над тренерот Симоне Инзаги.

Пред преполни трибини на „Џузепе Меаца“ во Милано, Интер имаше водство од 3-1 но на крајот се опушти и гостите за кратко време израмнија на 3-3. Со вкупни 5:3 нераѕурите закажаа спектакл со Милан во големото полуфинале.

На вториот меч, Баерн Минхен дома одигра само нерешено 1:1 со Манчестер Сити (0:1), не успеа да ја надомести огромната негатива од првиот меч (3:0), така што светот ќе гледа мега дуел Сити - Реал на патот до финалето.

ИНТЕР - БЕНФИКА 3:3 (1:1)
/Барела 14’, Мартинез 5’, Кореа 78’ - Орснес 38’, Силва 86’, Муса 90+5’/

НЕ Е СÈ БАШ РОЗОВО ВО ИНТЕР

Фудбалерите на Интер меѓу двомечот со Бенфика сензационално изгубија дома од Монца со 0-1. Тоа им беше трет пораз на домашен терен без постигнат гол по ред, претходно изгубија од Јувентус и Фиорентина исто со 0:1.

Победа во Серија А Интер нема на 5 меча, а последната им беше на 5-ти март над Лече (2:0).

После поразот од Фиорентина особоено жестоко ги критикуваше поранешниот фудбалер на Рома, Реал, Милан и Интер, Антонио Касано:

„Интер е права катастрофа. Играчите прават многу глупости. Но пораз не заслужија ако се гледаат шансите. Време е да се отпушти Инзаги. Мора да го решиме за клубот да може да направи чекор напред“, рекол Касано.

Тренерот Инзаги за лошите резултати смета дека се виновни слабата реализација и одличната игра на противничките голмани.

„Статистиката говори дека на натпреварите во Серија А сме подобри отколку во Лига шампиони и Копа Италија. Но резултатите тоа не го потврдуваат и тоа разочарува. Сега тоа што го правиме е недоволно, а Очоа, Дронговски, Ди Грегорио и другите голмани станаа најдобри играчи на мечевите против нас.

Во 2023-та година не играме на своето ниво. 16 месеци дававме голови, имавме најдобар напад во лигата, а сега реализацијата стана лоша. Екипата создава шанси, но ни треба одлучност“, рекол тренерот на Интер.

ИНЗАГИ МОЖЕШЕ ДА ДОБИЕ ОТКАЗ АКО НЕ ЈА ПОМИНЕШЕ БЕНФИКА

Во април гласно се зборуваше дека Симоне Инзаги може да ги пакува куферите доколку не ја совлада португалската екипа во 1/4 финале на ЛШ.

Управата дури и била спремна да го отпушти Инзаги и на негово место да го постави тренерот на младинците, легендарниот Кристијан Киву кој го води тимот до 19 години. Потоа имале и контакти со Сержо Консеисао од Порто кого го планирале за замена за Инзаги.

Интер во моментов е на 5-то место во Серија А и ризикува да остане надвор од Лига на шампиони за следната сезона. Милан е 4-ти со само 2 бода предност пред градскиот ривал. 

Фото на денот од Меаца

Навивачите на Бенфика во стилот на Чкембари

20 април 2023 - 10:03