СЕРИЈА А
Ако лани ова време во Неапол мирисаше титулата, така е сега е во Милано. Истиот период или поточно во 27. коло Наполитанците имаа +19 пред второпласираниот Лацио, сега Интер му бега на Јуве убедливи 15 бода.
Тоа е најмалку извесна трка за титулата во најсилните 5 европски лиги на кои ќе им фрлиме око и за која со сигурно можеме да кажеме дека е завршена.
Интер е во страшна серија од 12 победи на последните 12 дуели и е најефикасен тим во Европа со 69 постигнати гола и само 13 примени. Во таа низа капитулираа екипи како Јувентус, Атлетико, Наполи, Рома, Лацио, Аталанта.
Во 2024-та немаат ниту реми, а последниот пораз во Серија А им е на 27 септември од Сасуоло. Лаутаро Мартинез има 23 постигнати гола и е прв стрелец во првенство. Само Хари Кејн е поефикасен од него ако споредиме со други лиги.
Паралелно со нападот, импресивниот Интер бележи извонредни бројки и во одбрана. На 17 меча од вкупно 27 кола во Серија А го сочувале голот несовладан.
Добро им оди и во Лига на шампиони каде групната фаза ја завршија без пораз, а во реванш осминафиналето против Атлетико Мадрид ќе патуваат со предност од 1:0.
Не се во игра само во Купот поради елиминација од незгодната Болоња во осминафинале, но затоа веќе имаат еден трофеј сезонава, а тоа е Супер Купот кој го освоија на 22 јануари во финале против Наполи.
Во прашање се 11 кола до крајот и ако вака играат сигурно ќе ја заверат титулата број 20 предвреме.
БУНДЕСЛИГА
Што е потребно за да се прекине мега доминацијата на 33 кратниот германски првак Баерн Минхен, кој не го дава тронот 11 сезони во низа? Перфектен Баер Леверкузен.
Зошто е Баер сезонава перфектен? Затоа што нема пораз од никого и тоа не само во Бундеслигата, туку на сите три фронта и затоа што викендов им избега на баварците со двоцифрена предност од +10, што е вистинска реткост во германскиот фудбал.
Момците играат чудесна сезона и тоа со тренер кој го ангажираа со мало искуство од Б тимот на Реал Сосиедад во втората шпанска лига.
Чаби Алонсо, трофеен играч со педигре создадено во великаните Ливерпул, Реал Мадрид и Баерн Минхен, очигледно има визија за организација на игра и од клупа.
Го назначија на 5 октомври 2022-ра на местото на Жерардо Сеоане, кога тимот по првите 8 кола беше втор од позади. Дебитираше со победа од 4:0 против Шалке и го водеше тимот до полуфинале во ЛЕ.
Лани заврши шести со 12 порази, а оваа сезона му е за документарец. 20 победи и 4 нерешени со гол разлика 61:16 во Бундеслига, 6 од 6 во Лига Европа со гол разлика 19:3.
Во прашање се 10 кола за враќање на титулата во Леверкузен по 13 години, која со оваа серија би требало да ја освојат и порано од месец мај.
А кога сме кај мај, Баер е во игра за две финалиња во рок од четири дена: 22-ри во Лига Европа и 25-ти во Купот на Германија. Што би било круна на годинашнава бајка.
И во двете натпреварувања славеле само по еднаш во историјата. 1993-та во Купот и 1988-ма во Купот на УЕФА.
До трофеј во германскиот куп е многу поблиску бидејќи веќе е полуфиналист против второлигашот Фортуна Дизелдорф. Патот до европскиот трофеј од групна фаза го продолжува в четврток против Карабах во топ 16.
Колку е само моќен, но и интересен овој тим за анализа. Имаат дури 22 странци од 16 различни земји и само петмина Германци. Тим без ѕвезди кој ги краси колективот.
Прв стрелец им е Виктор Бонифејс со 16 гола на сите натпреварувања. Го купија од Унион Сен Жилоа за 20 милиони евра, а според Трансфермаркт сега вреди двојно повеќе.
Што се однесува до останатите три лиги. ПСЖ и Реал немаат двоцифрена предност, но полека итаат кон титулите, а најголемата неизвесност е во Премиер лигата каде во игра се три екипи.