Стопирањето на фудбалот посебно ја погоди Висла од Краков, еден од најстарите клубови во Полска кој веќе со години преживува тешка финансиска состојба. Едни од главните извори на приходи на Висла се трансферите (за две години заработиле 1,6 милиони евра а купувале за 200.000 евра) и влезниците (се продаваат по 10.000 карти за стадионот во Краков).
Во зимата 2019-та година Јакуб Блажчиковски (роден на 100 километри од Краков), некогашниот полски репрезентативец кој се прослави во Борусија Дортмунд каде беше и капитен, се врати во својот матичен клуб дома.
Но Куба никогаш не бил свесен дека ќе се врати во потонат клуб: Висла пред неговото враќање имала еден куп долгови (околу 40 милиони полски злоти), неколку години играше во пониски лиги, губеше по 7 милиони годишно и ги продаваше најдобрите играчи за ситни пари.
Кога се вратил, Блажчиковски потпишал договор за плата од 500 злоти месечно (110-115 евра во зависност од курсот). Тоа според полските закони е најмалку што може да се плати на работник, во полскиот фудбал нема помал договор. Но тој не ги земал ни тие пари, туку ги давал во хуманитарни цели.
Во летото 2018 универзалниот бек (може да игра и лево и десно) на Висла и позајмил 1 милиони злоти за клубот да има да исплати плати. Неговиот бизнис-партнер Јарослав Крулевски го освежил клубот со 1,3 милиони евра.
За една година колку што играл во Висла, Куба успеал да ги намали долговите на клубот на 7 милиони евра. Клубот од Краков нашол и спонзор кој барал еден услов да потпише договор: опција да го раскине истиот ако Блажчиковски замине.
Инаку Јакуб Блажчиковски и бизнисмените Крулевски и Томаш Јажински одамна планирале да го купат клубот и се спремале да разговараат со сегашната управа откуп на акциите до 2021 година. Но поради пандемијата со коронавирус морале да реагираат побрзо и веќе на 31 март годинава биле потпишани сите документи.
Куба Блажчиковски сега е играч, капитен и претседател на Висла Краков.
НЕБРОЈАНО ПАТИ ДОКАЖАЛ ДЕКА ИМА ГОЛЕМО СРЦЕ
Малкумина знаат за страшниот хорор во животот на Куба пред чии очи кога имал 10 години, татко му, алкохоличар ја убил мајка му.
Куба многу ретко разговара со новинарите. Она што имал да го каже за животот и кариерата, го напишал во својата автобиобрафија која излезе во 2015-та година. Во неа и раскажа за страшната епизода кога ја видел мајка си во крв и брзал да и пружи итна помош, но неуспешно.
Оваа болка го следела цел живот. Некогаш помислувал и да крене рака на себе но: „Мајка ми се грижи за мене. Имав многу маки и тешкотии во животот но ги пребродив сите зошто чувствувам дека таа е тука и ми помага. Без неа не би можел да тргнам по патот. Се грижам таа да биде горда на мене зошто направи многу за мене и брат ми“.
Тој во Полска поддржал многу хуманитарни иницијативи. Пред пар недели во својот фонд „Човечки гест“ основан во 2015-та, собрал 400.000 полски злоти за борбата против коронавирусот. Овој фонд им помага на малолетните престапници кои се во тешка животна ситуација.
Во 2012 година организирал операција во Германија за 12-годишното дете Доминик кој имал неуробластом и кое после операцијата проживеало уште 3 години. Никој не знаел дека Куба одвоил 20.000 евра да помогне се додека мајката на Доминик, Марија не раскажала за тоа.
„Секогаш ќе му бидам благодарна на Јакуб што му помогна на син ми со таа тешка болест. Куба го носеше во болница, го носеше во хотел. Направивме се за да го спасиме син ми но тој умре во 2016-та“.
А никој не може да преброи колку пати и помогнал на Висла Краков, клубот од неговата младост кој да не беше Куба веќе одамна ќе беше некогашен клуб.