Ибра никогаш не му дал гол на Мурињо

Шведскиот ас вечерва со неговиот ПСЖ ќе се обиде да го освои Стемфорд Бриџ, но и да ја прекине серијата натпревари без гол против екипите кои ги предводи Жозе Мурињо.

Португалецот има позитивен учинок во дуелите со екипите каде настапувал Златан Ибрахимовиќ. Вечерва во Лондон ќе се сретнат по седми пат еден против друг, а тренерот на Сините никогаш не загубил на натпревар со реванш од Ибракадабра.
 
Приказната на меѓусебни дуели меѓу Златан и Жозе започна кога високиот центарфор од Интер замина во Барселона. Во септември 2009. година во групната фаза, Интер и Барса играа 0-0, а Ибрахимовиќ одигра 90 минути.

Истата сезона, Златан го пропушти реваншот со Интер, но се врати на Сан Сиро на 20 април во полуфиналниот дуел од ЛШ. Деветката на Барса тогаш одигра 62 минути во поразот на Каталонците 3-1. Победата на Интер беше инспирирана од Горан Пандев.

Ибрахимовиќ го започна и реваншот од полуфиналето на Камп Ноу, но не можеше ништо против поранешните соиграчи Самуел, Хавиер Занети и Жулио Цезар. Гвардиола го извади Ибра во 63' минута и го замени со Бојан Кркиќ. Барса победи 1-0, но Интер се пласираше во финалето против Баерн Минхен.

Следната 2010, Мурињо и Златан се сретнаа на друго место. Ибра играше за Милан, а Мурињо го водеше Реал Мадрид кој славеше 2-0 против Росонерите во првиот натпревар по групи. Тогаш Милан шутна само еднаш во рамките на голот на Реал, иако во составот ги имаше Пато, Роналдињо и Ибрахимовиќ.

Во реваншот Милан пружи отпор, средбата во Милано заврши 2-2, но Златан повторно не му даде гол на тимот предводен од Мурињо, кој реши Швеѓанецот да биде чуван од повеќе дефанзивци.

Реал се пласираше понатаму, а Ибра и Жозе се гушнаа на истото место каде во 2009-та славеа Скудето со Интер. По гушкањето на Меаца, корпулентниот шпиц и контраверзниот тренер се сретнаа четири години подоцна. Во сезоната 2013/2014, ПСЖ и Челси играа во четвртфиналето. На Паркот на Принцовите победи ПСЖ 3-1, но Швеѓанецот не се запиша во листата на стрелци.

Триумфот на ПСЖ тогаш остана во сенка на повредата на Златан кој во 69' минута мораше надвор од игра. Поради тоа, Ибра го пропушти реваншот во Лондон, каде Челси со голот на Демба Ба во судиско продолжение се пласираше во полуфиналето.

Иако беше на трибините, Ибрахимовиќ по средбата на Стемфорд Бриџ се симна на теренот и од зад грб го изненади Мурињо кој даваше изјава.

Последната меѓусебна средба се одигра на Паркот на Принцовите, како пред 10 месеци, а ПСЖ и Челси ремизираа 1-1. Тибо Куртоа беше „виновен“ што Златан ниту овој пат не му даде гол на тимот предводен од Жозе Мурињо.

Вечерва е реваншот во Лондон, а Златан Ибрахимовиќ изјави дека се надева дека конечно ќе му даде гол на еден тим предводен од Специјалниот.
 
Учинокот на Ибрахимовиќ против екипите на Жозе Мурињо: