
Синоќешните натпревари од квалификациите за Европско првенство 2024 од групите Б, Ф и Ј донесоа убедливи победи и нови пласмани на Европско.
Холандија на мегдан со Грција во Атина успеа да слави со гол на Ван Дајк од пенал во 90+3’ минута (имаа пенал и во прв дел но голманот Влаходимос му го одбрани на центарфорот Вут Вегхорст) и сега двете селекции се израмнети на второ и трето место со по 12 бода со тоа што „лалињата“ имаат меч помалку и со победи против отпишаната Република Ирска дома и Гибралтар на гости и дефинитивно ќе го осигураат пласманот на Евро 2024.
Во оваа група Република Ирска со 4-0 го совлада Гибралтар, но Ирците немаат никакви шанси за Европско првенство. А Гибралтар има 0 бодови и 0 голови на 7 меча со гол разлика 0-21.
АВСТРИЈА НА РАЛФ РАЊИК ОДИ НА ЕВРОПСКО
Австријците очекувано многу тешко го совладаа Азербејџан на гости со 0:1 со голот на Марсел Забицер од пенал и со 16 бода обезбедија сигурен пласман на ЕП 2024. Токму Забицер шутираше од слободен удар кога домашен играч играше со рака и Австрија заслужено доби пенал кој го искористи шпицот на Борусија Дортмунд:
Другиот меч од оваа група Белгија - Шведска беше прекинат на полувреме поради терористичкиот напад во Брисел во кој пред натпреварот биле убиени двајца шведски навивачи а трет бил ранет.
Со головите на Виктор Дјокереш и Ромелу Лукаку резултатот беше 1:1 и со тој резултат и се прекина на полувреме. УЕФА дополнително ќе соопшти како и дали мечот ќе продолжи и под кои услови ќе се доигра.
Едно е сигурно во оваа група и нема веќе никакви недоумици: Белгија и Австрија се сигурни патници во Германија.
ПОРТУГАЛИЈА ПРАВИ РАСТУР СИСТЕМ
Португалците се квалификуваа уште пред неколку дена на Европско но и покрај тоа го задржаа максималниот учинок. Синоќа во Зеница со 0:5 ја прегазија Босна и Херцеговина а сите пет гола паднаа во првиот дел. Кристијано Роналдо постигна два гола а после еден гледач му упадна во терен па реагираа редарските служби.
Ова беше дури 40-ти погодок на Кристијано на 42 натпревари од квалификации за Европски првенства. Претходниот рекорд го држеше Роби Кин со 23 гола на 44 дуели.
Бруно Фернандеш имаше гол и асистенција после три очајни меча за Манчестер Јунајтед без учинок. Бруно игра како препороден во репрезентацијата каде е најдобар асистент во целите квалификации со 8 додавања за гол.
Исланд го победи лесно Лихтенштајн со 4:0 со два гола на Гилфи Сигурдсон кого две години го следеше многу сериозно обвинение за педофилија, но делото беше затворено во април.
Овој фудбалер во септември потпиша 1-годишен договор со дански Лингби. Луксембург и Словачка исто играа директен дуел за второто место во оваа група. Домаќините на полувреме имаа 11:3 во однос на удари кон противничкиот гол но Словачка во 77’ минута со гол на Давид Дуриш ја однесе победата.
Словаците сега до крај ги очекува меч со Исланд дома и со немотивираната Босна и Херцеговина на гости. Словачка има пет бода предност во однос на Луксембург кој ја пречекува БиХ и гостува кај Лихтенштајн.