Хрватска ќе зависи од играта во средниот ред
Мораме сите заедно да ја смириме еуфоријата, да бидеме мирни и скромни, и да одиме натпревар по натпревар. Брзо заборавивме на кој начин стигнавме до Бразил, со помош на среќа против Исланд, најлошиот тим во дополнителните квалификации.
Секако дека најголемиот плус за нашата екипа е срцето на фудбалерите, средниот ред на чело со Модриќ и Ракитиќ кои играат за Реал и Барселона и кои соиграчите ќе ги направат подобри. Од нивното издание многу ќе зависи.
Проблемот на оваа генерација е брзината
Проблемот на оваа, но и на претходните репрезентации отсекогаш е недостатокот на брзина, особено на страничните офанзивни страни. Во модерниот фудбал транзицијата е од витално значење, а за жал во тоа сме доста слаби. Поради тоа на мечот со Бразил исклучително важен ќе биде поседот, затоа што ако нашите бидат присилени да се повлечат на сопствената половина, ќе биде многу тешко да излезат и да направат контри и полуконтри, затоа што со отсуството на Манџукиќ, освен Олиќ, немаме друг таков играч.
Мислам дека Модриќ и Ракитиќ може да му се наметнат на Бразил во средниот ред и да им го спречат поседот и притисокот. Што се однесува до нивната офанзивна четворка Хулк, Нејмар, Фред и Вилијам не се навикнати да играат без топка, а одземањето на топката ќе биде многу важна работа, затоа што тие може да го загрозат голот и преку бековите Алвес и Марсело.
Да се игра “машки“ против Нејмар и Хулк
Според мене нашите играчи треба да се опуштат и да уживаат затоа што притисокот е врз Бразил. Јасно е дека индивидуалниот квалитет е на нивна страна, бидејќи големите натпреварувања ги освојуваат големи екипи. Поради тоа Нејмар и Хулк треба да ги чуваме “машки“, со паметно поединечно и заедничко трчање во одбраната, да се држи линијата и по ширина и по должина бидејќи тие се најопасни во меѓупростор.
Мислам дека Бразил не е најголем фаворит, не ми делуваат тркачки моќни, а во играта без топка се доста ранливи. Ќе бидам и под голем притисок, што е многу важно. Убеден сум дека доколку бидеме што подолго во егал со нив, шансите ќе ни бидат поголеми. Слабост им се и скоковите во одбраната и тука ги гледам нашите шанси за да ги казниме.
Овој Мундијал нема да ми формира мислење за Ковач
Што се однесува до Нико Ковач, немам мислење за него како тренер и тоа нема да се промени после било каков резултат во Бразил, затоа што е на почеток. Ја врати атмосферата, фудбалерите му веруваат, а за неговата кариера е беспредметно да се зборува.
Според мене да се биде тренер и селектор се две различни работи, а ги поврзува само истиот спорт. Логичен редослед е да се биде тренер во клуб, а потоа селектор. Меѓутоа верувам во Нико, во неговиот стручен штаб и мислам дека со среќа како важен фактор, заедно со своите играчи може сите нас Хрвати да не направи горди.
Можност и конечен испит се Камерун и Мексико
Мислам дека нашата шанса треба да ја бараме против Камерун и Мексико, две репрезентации со различен стил. Затоа многу е важно против Бразил да одиграме квалитетно, да добиеме самодоверба и со малку среќа да стигнеме до позитивен резултат. Ако не успееме, тогаш имаме два меча на вистината кои ќе бидат пресудни за оваа генерација.