Храбра игра на Македонија, Италија се извади во 92 минута

Македонската фудбалска репрезентација беше на чекор до сензација против најтрофејната фудбалска земја која некогаш гостувала на Филип Втори. Момците на Ангеловски заслужуваат честитки за играта, но одбраната не издржа и од водство за 2:1, на крај загубивме.

Италија вечерва покажа премалку на гостувањето против 146-та фудбалска земја во светот, а нашите фудбалери тотално изненадија со пристапот и играта против големиот противник кој за малку можеше да биде и поразен.
 
Горан Пандев уште во воведните минути имаше прилика да го отвори резултатот, но беше од косо наместен на десна нога и Буфон на време му го затвори аголот.
 
Италија играше отворен фудбал, а тоа им овозможи на нашите фудбалери во првите 15 минути да се обидат преку две полуконтри во кои недостасуваше реализација.

Во 18 минута од мечот воздишки на Филип Втори. Илија Несторовски забележа дека Буфон е излезен и со бомба од околу 25 метри ја погоди пречката.
 
И после непишаното клише правило, а тоа е кога нема да се искористат шансите следува казна. Само 5 минути по одличниот удар на Несторовски, Италија поведе без игра. Стрелец на голот беше младиот напаѓач на Торино, Андреа Белоти по центар шут од корнер.
 
Возбуда пред голот на Буфон имаше во 30 минута од средбата кога Пандев истрча долга контра и кога пред шеснаесетникот го проигра Стефан Ристовски, судијата досуди офсајд.

Шансите преку контри за Македонија се редеа, а за одбележување е 41 минута во која Алијоски преку центар шут го пронајде Несторовски кој биеше млако со глава. На спротивната страна слична акција не искористија и Италијаните.
 
Во второто полувреме следуваше сценарио во кое никој не веруваше дека може да се случи. Избраниците на Игор Ангеловски за само 2 минути направија целосен пресврт против големата Италија за делириум на полниот Филип Втори.
 
Најпрво Несторовски за кого статистиката вели дека на претходните 5 меча за клуб и репрезентација има постигнато 5 гола, а потоа Хасани. Македонија заслужи да води бидејќи целосно се надигруваше со големиот противник, а на моменти беше и подобра.
 
Играше храбро и отворено и се обидуваше да стигне и до трет гол, но одбраната повторно не беше на ниво. Чиро Имобиле во 75 минута и 92-та ја замолчи публиката.

Белоти 0:1 (24 минута)

Несторовски 1:1 (57 минута)

Хасани 2:1 (59 минута)

Имобиле 2:2 (75 минута)

Имобиле 2:3 (92 минута)